Контакт

Истражувања

Водно нема да избегне масакр, гасоводот останува, се предлага само стеснување на трасата

Објавено пред

Прескапо би било гасоводот кој го сече сртот на Водно и уништува дел од зеленилото да се премести надвор од парк-шумата. Ова е генералниот став и на инвеститорот АД „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) и на проектантите на гасоводот до кој дојде „Макфакс“. За да се намалат штетите што би се направиле на шумата, и МЕР и проектантите предлагаат намалување на ширината на трасата.

За да одговори на лавината обвинувања за нов масакр на белите дробови на градот, како што скопјани го доживуваат Водно, Владата минатата недела усвои заклучок со кој ги обврза Министерството за транспорт и врски, Град Скопје и АД „Македонски енергетски ресурси“ во најкраток можен рок да најдат заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно и во најкус можен рок да продолжи изградбата.

Град Скопје во чија надлежност е парк-шумата Водно и од каде што се очекува најголема грижа за секој милиметар зеленило, административно одговара на прашањата какво решение ќе понуди за проблемот – гасовод на Водно.

„Град Скопје е вклучен во владината работна група и за сите детали треба да се обратите до Владата на Република Македонија, како и за документите што се донесени на државно ниво во функција на реализација на овој проект“, велат од Град Скопје, без да откријат што конкретно тие ќе понудат.

Иницијатива за заштита на зеленилото во оваа фаза од разгледувањето на проблемот нема ниту Министерството за транспорт и врски.

„Во однос на гасоводот, ве информираме дека ќе се направи сеопфатна анализа и во согласност со дадените резултати, ќе се одлучи кое е најсоодветно и најдобро решение“, е одговорот од Министерството за транспорт и врски на прашањето како ќе ги усогласат барањата на скопјани гасоводот да се симне од Водно каде што се веќе почнати активности за негова изградба.

Багерите откорнаа неколку дрвја по сртот на Водно

За разлика од нив, инвеститорот на гасоводот, АД „Македонски енергетски ресурси“, веќе е извесно што ќе предложи за надминување на проблемот. Бајрам Реџепи, новиот директор на претпријатието, смета дека менување на трасата е прескапо.

„Според сите досега направени анализи (одобрение за градба, решени експропријации, договор со изведувачи, договор за заем со Дојче банк и Ерсте банк, нов прокет, ново одобрение за градба, скапи експропријации…), смената на трасата би ја одложила реализацијата на проектот за пет години и со многу финансиски импликации. Еколошката и финансиската штета, при одлагање на проектот, за целиот регион каде што се носи гасот, ќе биде со непроценлива вредност“, смета директорот Реџепи.

Тој смета дека изградбата на гасоводот треба да продолжи по истата траса, по сртот на Водно, но со мали измени, кои ќе ги понуди како решение на работното тело формирано за надминување на сегашната состојба.

„Иако трасата на гасоводот поминува низ предел кој во најголемиот дел не е пошумен, за да се избегнат и да се минимизираат еколошките влијанија, нашиот предлог е во оваа делница да се намали ширината на трасата за 60 отсто“, вели директорот Реџепи.

Ист став има и друштвото за инженеринг и консалтинг „Чакар партнерс“, кое го изработило проектот за гасоводот што минува низ Водно. Главниот проектант Лазо Чакаровски вели дека проектот го изработиле по нарачка на Министерството за транспорт и врски, а во однос на проектната задача проектантите немале никакви насоки ниту, пак, посебни сугестии. Насоката за гасоводот да минува низ Водно, според него, ја дале правилата за проектирање гасоводи, техничките карактеристики што се применуваат за проектирање, околностите и ограничувањето на теренот, изборот на најпогодна траса за гасовод, која првенствено не треба да биде нападната и откриена од површинската дождовна вода и други критериуми.

Проектот го работеле повеќе од две години, со тоа што првин била подготвена студија со идеен проект, а потоа изработиле инфраструктурен и основен проект.

„Во идејниот проект е избрана најпогодната траса од Скопје до Гостивар, која поминува по сртот на средно високи планини. Гасоводот најбезбедно се води по сртови поради најмало нарушување на падински засеци и безбедна заштита од површинските води, кои може да предизвикаат ерозија или клизишта. Камо среќа од Скопје до Гостивар да беше цела траса преку сртови, меѓутоа имаме делови каде што ќе мора да се помине по неподобни терени како реки, населени места и обработливо земјиште“, објаснува главниот проектант Чакаровски.

Чакаровски вели дека на сртот на Водно имало 2-3 километри каде што трасата поминува низ засадена шума која не можела да се избегне, а во преостанатиот дел до Гостивар шумите биле во вид на шикари и ниски грмушки. Чакаровски смета дека оштетувањето на овие делови со должина од 2-3 километри и ширина од 15 метри е помала штета отколку трасата да се води од северната страна на градот Скопје.

 

Велосипедска патека и траса за противпожарни возила покрај гасоводот

 

Дополнително, појасот на кој би се изградил гасоводот Чакаровски предлага да се искористи за заштита од пожари и за велосипедска патека. Гасоводот би ја разграничил планината и би ја поделил шумата на две целини, со што би било спречено пренесување евентуален оган од едната на другата страна на планината.

„При изградба на магистрални гасоводи работниот појас изнесува 25 метри ширина. Во делот каде што има засадено шума ширината може да се намали на 15 метри. По таа ширина може да се обезбеди траса да се движат и возила за гаснење пожари. На тој начин може да се вршат интервенции во случај на потреба од врвот надолу. По ширината на појасот од природни материјали може да се изгради велосипедска патека за планински велосипедизам од Крстот на Водно до Матка во должина од 7,5 километри“, предлага Чакаровски.

Според него, измена на трасата на гасоводот за да се избегне парк-шумата е можна, но непотребна оти во тој случај не би се гледале другите негативни работи. Измената вели дека би ги одложила градежните работи за најмалку една година, во која би се правеле ново геодетско снимање, геотехнички истраги и проектирање по сите фази. Чакаровски нагласува дека најголем проблем при определување на трасата претставуваат безбедносните услови за човекот, животните и човековата околина, безбедносните услови за функционирање на гасоводот, одбегнување населени места доколку е можно, проблем се урбанистичките планови, изградените објекти без планска регулатива, гробишта, манастири, археолошки наоѓалишта, се одбегнуваат далноводи поради негативните влијанија, проблем се премините преку реки и сртови со големи косини, неподобни се терени со свлечишта, долови и ерозивни површини, се избегнуваат изградени површини, наоѓалишта за експлоатација на суровини и минерали, лозја, овоштарници, а не се одбегнуваат карпести терени, обработливи површини пасишта и шуми.

Од сите овие проблеми Чакаровски вели дека на Водно има приближно 2,5 километра шума, на одредени места има карпест терен и кај реката Треска дозволени наклони на кои изведувањето е предвидено со заштитни мерки.

 

МВР не дало согласност за гасоводот на Водно

Одобрението за градење на гасоводот Министерството за транспорт и врски го издало во декември 2016 година кога собрало долга низа согласности од општините низ кои минува гасоводот и ги известило сите засегнати институции. Согласност за изградбата на гасоводот не дало Министерството за внатрешни работи. Одделот граѓански работи, сектор за оружје, експлозивни и опасни материи, агенции за обезбедување и детективска дејност не се изјаснил по барањето од инвеститорот. Во одобрението за градење на гасоводот стои дека во согласност со Законот за градењето неодговарањето на барањето се смета дека немаат забелешки и ако поради нивното непостапување во иднина настанат штети, обврската за надомест на штетата ќе биде на товар на МВР.

Забелешки се евидентирани од Националниот конзерваторски центар, кои укажале дека немаат комплетна и прецизна евиденција на археолошките локалитети и го обврзале инвеститорот МЕР, доколку во текот на градењето се појават археолошки локалитети, изведувањето да продолжи под археолошки надзор или привремено да се запрат работите и да се извршат заштитни ископувања.

За гасоводот има студија за животна средина издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање за која била организирана и јавна дебата во Град Скопје. Од Градот не кажаа дали имаат запис од дебатата за влијанието на гасоводот.

Активностите за изградба на гасоводопт на Водно во моментот се стопирани

Пред да биде издадено одобрението за градење, во октомври 2016 МЕР склучил договор со Друштвото за градежништво и услуги „Рапид билд“ ДОО Куманово. Тоа во рок од 36 месеци се обврзало дека ќе го изгради магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар за 1.782.270.000,00 денари или околу 28,9 милиони евра.

Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, вели дека почнале со градежните активности на Водно оти имаат рокови.

„Според динамичниот план и владината програма, ние оваа година треба да завршиме 40 километри од делницата Скопје-Тетово-Гостивар. Во планот е предвидено да се заврши и оваа делница“, вели Реџепи.

Вкупната должина на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар е 76 километри. Се гради со кредит од 28 милиони евра од германските Дојче банка и Ерсте банка. Крајниот рок за завршување на градежните работи, според веќе склучените договори, е октомври 2019 година.

Во моментот активностите на Водно се стопирани. Четирите багери, кои пред две недели почнаа да го рамнат теренот, останаа на планината покрај неколкуте откорнати дрвја. Работите се стопирани кога планинарите алармираа за новото касапење на шумата, а Владата формира работно тело кое треба да најде начин како да продолжат градежните работи, а да нема уништување на зеленилото.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Истражувања

(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Објавено пред

Доколку и официјално се потврдат информациите дека поранешниот премиер Никола Груевски навистина е во бегство надвор од државата, како што беше објавено на неговата страница на „Фејсбук“, тој нема да го дочека обвинението за еден од најголемите случаи, „Талир“, за начинот на финансирањето на партијата.

Според истражувањето на „Макфакс“, од сите 69 имотни листови, кои сега се под мраз, партијата располага со делови од 90 куќи, 21 дуќан, 26 стана, 17 градежни земјишта, 15 деловни простории, 36 земјишта под зграда, 7 дворови, една нива, односно над 30 илјади квадратни метри имот во 28 града во земјата.

Замрзнувањето на имотот следуваше кога претседателот на партијата Мицкоски рече дека размислува да ја продаде или изнајми белата палата, а во меѓувреме партијата веќе продаде еден стан во Кисела Вода за 100.000 евра додека привршува истрагата на СЈО за еден од најобемните предмети, „Талир“, поврзан со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Бевме на повеќе локации каде што ВМРО-ДПМНЕ има имот во Скопје. Сите објекти беа под клуч, со искинати плакати од поранешниот лидер Никола Груевски, а очигледно беше дека таму одамна не се појавил никој.

„Макфакс“ истражуваше на кој начин ВМРО-ДПМНЕ го стекнала имотот за кој постојат сомнежи дека е купуван од црни пари, кои потоа преку уплатници за донации и членарини „легално“ легнувале на сметката, како и начинот на кој партијата ја изгради палатата „Христо Татарчев“.

Поранешниот претседател на партијата, Никола Груевски, кој се бара со потерница, е првоосомничен во овој случај.

Прикажи повеќе...

Афера „Банки“

(Видео) Афера „Банки“ – Кичевец тврди дека го измамиле банка и локални моќници

Објавено пред

Во четвртата епизода од серијалот „Банки“ на „Макфакс“ ја објавуваме приказната на Мито Митановски од Кичево. Тој ја купил фирмата „Тане Целевски“, која била во стечај. Тоа се покажало како добра шанса за локални моќници да го изиграат Митановски. Тој под хипотека ги ставил сите погони и недвижности, но наместо да управува со парите од кредитот доделен од Комерцијална банка, парите завршиле на сметка на новоотворената фирма „Металика“.

Тој тврди дека имал закани и уцени да ги потпишува документите. „Металика“ не го враќала кредитот, но затоа правела анекси и го проширувала. Комерцијална банка ја активирала хипотеката и му го одзела целиот имот на Митановски.
Прикажи повеќе...

Истражувања

Градоначалникот на Охрид ги троши парите на граѓаните за медиумско внимание

Објавено пред

Општина Охрид и натаму истура милионски суми за реклами во медиумите. Милиони одвојува и за организирање концерти. „Макфакс“ дознава дека сегашниот градоначалник, Јован Стојановски, склучил нови договори вредни 2,4 милиони денари за рекламирање во текот на целата година, а за организирање на 5 концерти летово на организаторите им исплатил 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра. Исплатите и Стојановски, исто како и неговите претходници, ги врши од општинската сметка, која поради долгови е блокирана од 2005 година и дозволени се плаќања само за основно функционирање на Општината.

Стојановски, според досега склучените договори за соработка со медиуми, на локални радија, портали и телевизии месечно им исплаќа по 216 000 денари, односно годишно ќе исплати 2.430.000 денари или приближно 40 илјади евра. Договорите со медиумите се потпишуваат во континуитет, a Општината има и долгови кон нив. „Макфакс“ дознава дека Општина Охрид треба да доисплати 549.595,00 денари на ТВМ, локална телевизија која со години добивала најмногу пари од Општината.

Во август годинава Општина Охрид ја надминала месечната сума од 216 илјади денари и на медиумите им исплатила вкупно 496.532 денари. Сумата ја кренале неисплатени фактури од минатите месеци.

Медиум кој моментално добива најмногу јавни пари преку Општина Охрид е „Супер радио“, кое на месечно ниво добива по 54 000 денари, односно 648. 000 денари на годишно ниво. Телвизијата ТВМ е втор најплатен медиум и за шест месеци ќе земе 330.000 денари. На трето место е МХ радио кое за 12 месеци ќе земе 295.200 денари. Најмалку пари од Општина Охрид, односно по 4 000 денари месечно се одвојуваат за „Москито“.

„Потребно е на некој начин да бидеме присутни за тоа што сме го направиле и да бидеме поддршка за медиумите. Не пречи блокираната сметка. Секоја општина која има блокирана сметка има рамка одобрена од судот. Ние имаме 50 милиони месечно. Според договорот, медиумите објавуваат банер, текстови, пресови, сè што ние ќе испратиме како допис“, изјави градоначалникот Јован Стојаноски, кој нагласи дека рекламирањето не е луксузирање.

Ставот на ЗНМ за практиката на трошење јавни пари во медиуми за да се добие нивната наклонетост е чиста корупција и ја загрозува независноста на медиумите.

Со народни пари, пак, летово општина Охрид финансирала и 5 концерти, за кои на организаторите им исплатила 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра. Парите ги зеле два правни субјекта „БМЈ Медиа гроуп“ издавач на „1ТВ“, чиј сопственик е Бојан Јовановски, и „Самоорганизација букинг“ застапник на „Аволон продукција“, чиј сопственик е Бобан Милошески.

„БМЈ Медиа гроуп“, односно „1ТВ“ ги организираше концертите на Марија Шерифовиќ и на Северина за што Општината им платила 2 милиони денари. „1ТВ“ емитуваше и рекламни спотови, за кои службите на општината не кажаа колку средства се исплатени. Летово градоначалникот на Охрид, Стојановски, имаше низа гостувања во „1ТВ“ на кои се фалеше со реализираните проекти во Охрид. Сопственикот на телевизијата, Јовановски, вели дека гостувањата не се платени со парите што ги зел од Општината за концертите, туку станува збор за покана од страна на новинарите. За двата милиона што ги добиле, во рамки на организацијата на концертите, објавувале и рекламни спотови.

„Договорот е помеѓу ‘1ТВ’ и Општината. Се емитуваа рекламни спотови, се промовираше Општината, која беше покровител на двата концерта. Општината доби соодветен третман во ‘1ТВ’. Тоа е цел пакет. Ние побаравме поддршка од градоначалникот“, вели Бојан Јовановски, сопственик на „1ТВ“, чија фирма доби пари.

Втората продукција, за чии концерти биле дадени народни пари, била „Самоорганизација букинг“, односно „Аволон продукција“, која беше истражувана од Финансиската полиција поради долгови кон ЗАМП за авторски права. За концерти на пет имиња од светската ДЈ-сцена на фестивалот „Охрид колинг“, Стојаноски им дал 3.5 милиони денари. Оваа фирма доби и 100 000 евра од Министерството за култура по повод „25 години Авалон“.

 

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија38 минути

(Видео) Шешељ: Груевски преку Србија премина во Унгарија

Никола Груевски преку Србија премина во Унгарија, а четнички баојнети го обезбедуваа до Хоргош, изјави Војислав Шешељ во емисијата „После...

Македонија1 час

Директорите на ученичките и студентските домови бараат повеќе пари од државата

Здружението на директори на ученичките и студентските домови во државата бара зголемување на партиципацијата за ученик, студент која ја добива...

Македонија3 часа

Стејт департмент: Груевски да ја отслужи казната во својата земја

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој бара политички азил во Унгарија, треба да ја отслужи затворската казна во својата земја,...

Македонија3 часа

(Видео) Марковски: Одговорност да се бара од МВР, СЈО и од судот

МВР, СЈО и судот, ова се трие институции од кои треба да се бара одговорност за бегството на експремиерот Никола...

Македонија3 часа

Кабинетот на Иванов: Јанакиески се сретна со претседателот, но не бараше амнестија

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, завчера имаше средба со претседателот Ѓорге Иванов, но не зборуваа за амнестија,...

Македонија3 часа

Во битката со аерозагадувањето приоритет се домаќинствата и транспортот

Со двегодишен план и стратегија за справување со аерозагадувањето и дополнителни 1,5 милион евра за интервентни мерки за две години...

Македонија5 часа

Како се организирало бегството на Груевски – под истрага и полицајци во МВР

Две истраги во моментот се водат во Министерството за внатрешни работи за да се утврди како било организирано бегството на...

Македонија5 часа

(Видео) Бошњаковски: За екстрадицијата на Груевски прибрана е документација на 400 страници

Досега е прибрана документација на повеќе од 400 страници, со која македонското Министерство за правда ќе бара екстрадиција на Никола...

Македонија5 часа

Обвинителството: Постојат сомнежи дека службени лица му помогнале на Груевски нелегално да излезе од Македонија

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за бегството на поранешниот премиер Никола...

Македонија5 часа

Невладините организации укажаа на сите пропусти на истражните органи за бегството на Груевски

Петнаесетина невладини организации, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, „Цивил“, Македонското здружение на младите правници, „Евротинк“, МОФ, „Транспаренси интернешнл“ и „Транспарентност...

Македонија5 часа

(Видео) Орбан за азилот на Груевски: Прашајте ги правниците зошто не е во транзитен центар

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, запрашан од „24.ху“: „Како може криминалец од Македонија илегално да влезе во Унгарија и зошто не...

Крвав четврток6 часа

Вибер-контакт на Мукоски на 27 април: „Шеќерка мене остајте ми ја, отворајте ги вратите“

Од вибер-групата, каде што членуваат некои од пратениците и членови на ВМРО-ДПМНЕ, преку која се организирале граѓаните да дојдат во...

Крвав четврток6 часа

Јанакиески до Мукоски на 27 април: Алал вера за денес, брат

Од СМС и вибер-пораките за 27 април, кои Јавното обвинителство денеска ги презентира на рочиштето за крвавиот четврток во комуникацијата...

Македонија7 часа

Министер од кабинетот на Орбан: Груевски побарал азил преку амбасада на Унгарија

Министерот Гергели Гулијаш од кабинетот на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, потврди дека Груевски дал изјава во унгарска амбасада, каде што...

Европа8 часа

Британскиот министер за брегзитот поднесе оставка

Британскиот министер за брегзитот, Доминик Раб, денеска поднесе оставка во знак на протест поради договорот на премиерката Тереза Меј за...

Македонија9 часа

Српска „Политика“: Груевски побегнал преку Албанија

Провладиниот белградски весник „Политика“ во денешното издание на насловната страница објавува текст во кој се тврди дека Груевски во Унгарија...

Македонија9 часа

Бугарското Министерство за правда: На Груевски не му е издаден бугарски пасош

Никола Груевски не е бугарски државјанин и нема поднесено документи за издавање бугарски пасош, соопшти бугарското Министерство за правда по...

Македонија20 часа

Рот за бегството на Груевски: Унгарија ги отвори границите за мигрантите, неверојатно

Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, доцна вечерва на својот твитер-профил напиша...

Македонија24 часа

Како Груевски го стопи срцето на Орбан

„Орбан одби 70 проценти од барањата за азил на луѓе кои бегаат од војна, сиромаштија и угнетување. Но, има нешто...

Македонија1 ден

Граѓани му оставија слика од Груевски на Заев

Со транспаренти „Нема правда, нема мир или заборавивте?”, „Како што го пуштивте, така да го вратите”, „Одговорност”, „Немојте пред народот”,...

Досие