Свет
Демократско обновување или враќање на хаосот: Што ќе се случува во Сирија по падот на претседателот
Сирија го слави падот на долгогодишното владеење на Асад додека се соочува со тешки прашања за нејзината иднина.
Сирија се наоѓа на историска пресвртница, но насоката во која ќе се движи е многу неизвесна.
Водачот на главната бунтовничка група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), Абу Мохамед Ал-Џавлани, вети дека ќе ја насочи Сирија кон поплуралистичка и демократска иднина. Овој оптимизам го поддржуваат Обединетите Нации и меѓународната заедница, но скептиците укажуваат на насилното минато на ХТС, организација која ОН и неколку земји ја прогласија за терористичка организација.
Групата ја следат обвинувањата за кршење на човековите права, а нејзините поранешни врски со Ал Каеда се причина за загриженост. Во исто време, Ал Каеда веќе ги охрабрува и ги повикува бунтовниците да бидат непријателски настроени кон „Евреите и крстоносците“, термин кој се користи за опишување на сите христијани, што дополнително го зголемува стравот меѓу малцинските заедници во Сирија, пишува „Би-Би-Си“.
Сирија е земја со бројни етнички и верски малцинства, вклучително и Алавити, Христијани и Курди, кои имаат причина да се плашат од владеењето на сунитските исламистички бунтовници. Историските тензии меѓу религиозните групи и годините на репресија од страна на режимот на Асад оставија длабоки поделби што може дополнително да ја комплицираат транзицијата.
Ризикот од паѓање во хаос
Иако постојат охрабрувачки знаци дека транзицијата на власта би можела да се одвива релативно мирно, постои сериозен ризик Сирија да го следи патот на Либија, но и нејзиното блиско минато по 2011 година, односно да западне во хаосот на конфликтот меѓу повеќе вооружени фракции. Прашањето е дали ХТС има сила, дури и да ги исполни своите демократски ветувања, да ја задржи контролата над поголемиот дел од Сирија и да ја обезбеди стабилноста на земјата.
Судбината на Сирија зависи од способноста на новата влада да обезбеди стабилност, да ги заштити правата на малцинствата и да избегне враќање на насилството. Ако транзицијата не успее, земјата би можела повторно да се втурне во долготраен конфликт без контрола, со катастрофални последици за регионот.
Додека меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата, иднината на Сирија останува неизвесна, балансирајќи помеѓу потенцијалното демократско обновување и враќањето на хаосот.
Асад оставен на цедило од сојузниците?
Недостатокот на поддршка од сојузниците на Асад, вклучувајќи ги Русија и Иран, ги остави сириските сили да не можат да го запрат напредувањето на бунтовниците, а некои единици се повлекоа без противење.
Во таа насока е денешната изјава на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој изјави дека сирискиот претседател побегнал од својата земја откако ја изгубил поддршката од Русија.
Бунтовниците за неколку дена ги освоија клучните градови Алепо, Хама и Хомс, а потоа влегоа во Дамаск. Додека многумина го слават крајот на владеењето на Асад, прашањето што следува понатаму останува отворено.
ХТС, која го предводеше овој бунт, се обидува да се претстави како легитимна сила, но многумина не се убедени во нивните намери и стравуваат од можна доминација на исламистите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сеул: На севернокорејските војници им било кажано да си го одземат животот за да избегнат заробување
Бројот на севернокорејски војници убиени и повредени во војната со Украина најверојатно надмина 3.000, вклучувајќи околу 300 мртви и 2.700 ранети, изјави денеска јужнокорејски пратеник, повикувајќи се на информации од тамошната разузнавачка агенција.
„Се чини дека севернокорејските власти ги повикале своите војници да се самоубијат за да избегнат заробување“, рече пратеникот, цитирајќи ја јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС).
Заробените севернокорејски војници не покажале намера да дојдат во Јужна Кореја, иако Јужна Кореја би соработувала со Украина доколку има барање, објави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на разузнавачката служба. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски објави дека Украина заробила двајца севернокорејски војници во рускиот регион Курск.
Според украинските и западните проценки, околу 11.000 севернокорејски војници се во регионот Курск за да им помогнат на руските сили. Русија ниту го потврди ниту го демантираше нивното присуство. Зеленски вели дека руските и севернокорејските сили претрпеле големи загуби.
Вчера тој изјави дека Киев е подготвен да ги предаде севернокорејските војници на нивниот лидер Ким Џонг-ун доколку може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија. Тој објасни дека може да има и други опции за севернокорејските војници кои не сакаат да се вратат дома, „и дека таа можност ќе им се даде на оние кои изразуваат желба да го доближат мирот со ширење на вистината за оваа војна на корејски јазик“.
Свет
Кинезите изградија тунел долг 22 километри, ќе биде отворен оваа година
Во новата година Кинезите се подготвени за нов, импресивен инфраструктурен проект.
Тоа е најдолгиот тунел на автопатот Тианшан Шенгли, кој Кина го изгради и планира да го отвори во 2025 година.
Тунелот долг 22,13 километри минува низ планините Тианшан, еден од најголемите планински масиви во светот и низ регионот Ксинџијанг, каде што, кога ќе биде пуштен во употреба, ќе го намали времето на патување низ планинскиот премин од три часа на само 20 минути.
Како што објавија државните медиуми, ова е дел од автопатот долг 319,72 километри што ќе ги поврзе двата најнаселени града во регионот – Урумчи и Корлу. Од еден град до друг ќе бидат потребни три часа, а не седум како порано.
Ова инженерско чудо, како што веќе го нарекуваат овој тунел, го изградиле повеќе од 3.000 работници. Државната телевизија „ЦЦТВ“ објави дека ги надминале екстремните геолошки предизвици и ризици за време на работата.
На градежните екипи им беа потребни повеќе од четири, но тунелот, наводно, бил завршен година и пол пред предвиденото.
Според „Саут Чајна Морнинг Пост“, работата вклучувала пробивање на планински венец за да се изградат два сообраќајни тунели и еден сервисен тунел што поминува меѓу нив.
Свет
(Видео) Го гледале огнот како се приближува до нивната куќа во Лос Анџелес на камера: стигнал до базенот, а потоа се се претворило во чад
Шокантните снимки од надзорните камери го покажуваат ужасот со кој се соочија жителите на Лос Анџелес додека шумски пожар го зафати градот.
Оваа снимка е направена во Пацифик Палисадес, областа најтешко погодена од пожарот и каде размерите на уништување се огромни.
Сопствениците Кајл и Зиби Овенс на надзорната камера гледаа како огнена топка расте и се протега во воздухот веднаш до нивниот базен.
Набрзо пламенот стигна до работ на базенот и брзо се доближи до линијата на покривот додека чадот го замати екранот.
Семејството Овенс го гледаше уништувањето на куќата илјадници километри подалеку, од нивниот втор дом на Менхетен.
Бројот на загинати во шумските пожари во областа на Лос Анџелес се искачи на 24, а десетици луѓе се водат како исчезнати.