Економија
За 450 евра минимална плата ќе се разговара на првата седница на економско-социјалниот совет, најави министерот Дурмиши
Барањето на синдикалците минималната плата да биде 450 евра новиот министер за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека ќе се разгледува на првата седница на економско-социјалниот совет. Министерот Дурмиши не кажа за кога е планирана првата седница, но уверува дека на дневен ред ќе бидат сите отворени прашања и од сидикатите и од работодавците.
„Во рамките на економско-социјалниот совет, со кој сега ќе претседавам јас како министер за економија и труд, кое е највисоко тело составено од претставници и од синдикатите, и од работодавците, и од Владата, ќе почнеме дијалог за сите отворени прашања и од страна на синдикатите и од страна на работодавците. Со реорганизацијата што се прави сега со новата Влада ќе се формираат нови членови и ова прашање на првиот состанок ќе биде ставено на маса за дискусија. Кака Влада од особено значење ни е социјалниот дијалог, односно вклучување на сите засегнати страни при креирање на новата мерка за ова прашање. Мора да ги имаме предвид интересите на работниците, но и интересите на бизнис-секторите“, рече министерот Дурмиши.
Тој извести дека во меѓувреме продолжува процесот за подготовка на новиот закон за работни односи и законот за безбедност при работа. Дурмиши извести дека од денес па натаму ќе се посвети преку креирање мерки да почне нов циклус за економско заживување на државата и подобрување на работничките права.
Со новата реорганизација главен фокус на Министерството за економија и труд ќе биде засилена поддршка на индустријата, креирање мерки за микро, малите и средните компании, зголемување на конкурентноста на бизнисот, внатрешниот пазар, трговијата, како и поддршката на работодавците, креирање мерки и политики за вработување, подобрување на пазарот на труд и заштита на работничките права.
Ќе продолжи финансиската поддршка за инвестициите за домашните и странските компании регулирана со Законот за финансиската поддршка, кој е во надлежност на ова Министерство.
„Планираме постапката и условите за добивање државна помош да бидат ревидирани во насока на поголем износ на поддршка за домашните компании што извезуваат и компаниите од секторите за конкурентна предност“, вели министерот Дурмиши.
Во наредниот период Дурмиши најави дека ќе поднесе барање до Државниот завод за ревизија за целосна ревизија на работењето на Министерството за економија почнувајќи од 2015 година кога последен пат е направена целосна ревизија на работењето на Министерството од страна на Државниот завод за ревизија. Целта на ревизија е и тие и јавноста да видат како се работело во време на претходната власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Буџетот за 2026 е насочен кон регионален развој и големи капитални проекти од суштинско значење за општините
На вчерашната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски го оцени буџетот како исклучително развоен со силна социјална компонента. Тој истакна дека целта е забрзување на економскиот раст и спроведување фискална консолидација преку зајакната финансиска дисциплина, воедно посочувајќи дека најголем двигател на растот ќе бидат бруто-инвестициите.
„Во 2026 година се очекуваат позитивни движења и економскиот раст да забрза за 3,8%, како резултат на растот на инвестициите и последователен пад на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10%, раст на пензиите и платите и солидно зголемување на приватната потрошувачка. Најголем придонес кон растот во 2026 година се очекува да имаат бруто инвестициите, преку реализација на големите инфраструктурни проекти, финансирани од државата, во патната и железничката инфраструктура, пред се Коридорите 8 и 10Д, како и проекти во енергетиката, земјоделието, образованието и здравството“, рече Спасовски.
Пратеникот Спасовски се осврна на неколку проекти кои се од клучно значење за развој на регионот и особено значајни за општина Крива Паланка, истакнувајќи дека со капиталните инвестиции во општините ќе се подобрат услови за живот на граѓаните.
„Дополнителен двигател на бруто инвестициите ќе биде поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел по рамномерен регионален развој и унапредување на животниот стандард на граѓаните. Значајна ставка во Предлог буџетот се капиталните расходи, каде капиталните проекти учествуваат со околу 9,8% од проектираниот буџет, односно се проектирани во износ од 660 милиони евра. Од овие средства ќе се реализираат инфраструктурни и енергетски проекти, капитални проекти од областа на сообраќајната, комуналната и локалната инфраструктура. Ќе се финансира западниот дел од патниот Коридор 8, изградба на железницата како дел од Коридорот 8, каде што првата делница од Куманово до Бељаковце е пуштена во употреба, интензивно се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка за која се обезбедени средства и третата делница од Крива Паланка до Деве Баир“, рече Спасовски.
Економија
Георгиева: Буџетот за 2026 покажува дека Владата води одговорна и умерена економска политика
Буџетот е слика за тоа како се гледа иднината на Македонија и нејзините граѓани. Овој буџет, буџетот за 2026 е креиран во услови на глобална непредвидливост, но сепак се осврнува на потребите на граѓаните и институциите, рече пратеничката Весна Георгиева од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа во надлежната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.
Според неа овој Предлог буџет за 2026 година нуди јасна визија, стабилна основа.
„Пораката од буџетот за следната година е силна порака економски раст и фискална дисциплина во државата“, вели Георгиева.
Проектираниот раст на економијата за 3,8 раст е многу важен и покажува дека се нуди континуиран раст.
„Ова е сигнал дека економијата продолжува да се развива со забрзано темпо. Ова покажува дека Владата води внимателна, одговорна и умерена економска политика. Ова е внимателно испланиран буџет без авантури и со одговорност кон идните генерации“, заклучи Георгиева.
Економија
Костадиновска Стојчевска: За 91% е намален буџетот за инспекторатот за македонски јазик
Со предлог буџетот за 2026 година има намалување на буџетот на инспекторатот за македонски јазик за 91 %, кој е заснован врз основа на законот за македонски јазик, која сите заедно го донесовме во 2024 година, истакна пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во своето обраќање пред собраниската комисија за финансирање.
Таа додаде дека и покрај тоа што владеачкото мнозинство при ребалност вети дека ова нема да случи.
Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во министерството за култура, за сега да добие 91% намален буџет, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека и нема услови за работа на инспекторатот, а нема ниту огласи за вработување лектори.
Костадиновска Стојчевска истакна дека не се доделени никакви средства адаптација на основното училиште во Љубојно во центар за промоција на македонски јазик, каде нема никакво придлижување.
Буџетот за реконструкцијата на објектот Музеј на Македонија е намален 33%, а да ве потсетам таму се на ревитализација иконите вратени по првата реституција, и тоа 21 икона украдени во 2013 година, а откако ќе се ревитилазираат треба да бидат изложени во тој музеј, рече Костадиновска Стојчевска.
Тоа кажува за приоритетите на министерството за култура, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска пред собраниската комисија за финансирање.

