Македонија
Ковачевски-Марин: Од особена важност за Европа е итниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски и премиерката на Финска, Сана Марин, која е во работна посета на нашата земја, имаат тет-а-тет средба, на која разговараа за повеќе прашања од интерес на двете земји.
Во фокусот на средбата Ковачевски-Марин беше поддршката што Република Финска ја добива во процесот за пристапување на оваа земја во НАТО, како и силното застапување на Финска за проширувањето на ЕУ со отпочнување на преговорите за Северна Македонија за членство во ЕУ.
Премиерот Ковачевски за време на разговорот со премиерката Марин истакна дека членството на Финска во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста во Евро-атлантскиот Регион, особено регионот на високиот север и на Балтикот.
Премиерите Ковачевски и Марин споделија согласност дека од особена важност за Европа е итниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, без дополнителни условувања, што Финска силно го препорачува како признание за нашата земја, која ги исполни сите критериуми за организирање на првата меѓувладина конференција за отворање на поглавјата за членство.
Двајцата премиери на средбата изразија подготвеност да ги поддржат сите потенцијали за унапредување на економската соработка и соработката во сферите на образованието и дигитализацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството бара притвор за мажот кој пукаше кај Скендербег и две лица кои фрлиле молотов коктел и камења кон Собранието

Обвинителството предложи притвор за три лица осомничени за инциденти за време на протестите во Скопје.
Како што информираат од ЈОРМ, мажот кој со пиштол пукаше кај плоштадот Скендербег, се симничи дека сторил кривично дело – предизвикување општа опасност. За оружјето, како што велат од Обвинителството, поседувал дозвола.
„Осомничениот, на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендер Бег“, со општо опасно средство – пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на јавен собир, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух“, наведуваат од Обвинителството.
За две други лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело – учество во толпа.
Првиот од нив, на возраст од 18 години, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што подготвил „молотов коктел“ во стаклено шише кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието.
Скопјанец нa возраст од 22 години, пак, за време на протестите пред Собранието на 6 јули, исто така учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.
Оценувајќи дека постои опасност тројцата осомничени да се дадат во бегство и можност да го повторат делото што им се става на товар, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлози за определување притвор.
Македонија
МВР: Извршен е службен разговор со лицето што држеше пиштол кај „Скендербег“, оружјето е на вештачење

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, во полициската станица извршија службен разговор со С. Р. (34) од Скопје, кој беше идентификуван од страна на полицијата како лице што за време на инцидентот во близина на споменикот „Скендербег“ држел пиштол во раката, но не го употребил, соопшти МВР.
Пиштолот ќе биде предаден за вештачење, а за случајот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.
Македонија
МВР: Kривична пријава против лицето што фрлаше со „молотови коктели“

Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против Ј. С. (18) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, казниво според член 385 од Кривичниот законик.
„Имено, на 5.7.2022 година, околу 21 часот, за време на одржување јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, Ј. С. почнал да подготвува ‘молотови коктели’ и да фрла со нив кон полициските службеници и објектот на Собранието на РСМ.
По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници, Ј. С. е лишен од слобода, обезбедени се сите докази против него во координација со ОЈО Скопје и лицето е изнесено пред судија на претходна постапка“, информираат од МВР.