Надворешна политика
Ладен туш за почеток на преговорите за влез во ЕУ – „нон пејпер“ за Македонија

Макфакс од извори во Брисел дојде до „нон пејпер“ во кој некои земји членки на ЕУ ставаат рампа на почетокот на преговорите на Македонија за влез во Унијата. Забелешките во документот освен за Македонија, се однесуваат и на Албанија. Според наши извори зад негативниот документ, не стојат сите земји членки на ЕУ, и документот циркулира меѓу оние кои се против почетокот на преговорите во јуни. Иако еврокомесарот Јоханес Хан го потенцираше јуни како датум за отпочнување на преговорите, во документот се наведува дека почеток на преговорите е можен дури идната година на пролет.
„ За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е “тукушто започната“ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (“заробена држава“). Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“, пишува меѓу другото во негативната препорака.
Тие аргументираат дека Унијата мора да стане поцврста пред да стане поголема.
„ Како што од страна на Советот секоја година се потврдува во заклучоците за проширувањето: капацитетот на ЕУ, во сите свои димензии, да интегрира нови членки мора да се земе во предвид, пред да се донесат било какви одлуки во врска со проширувањето. Во Страгегијата објавена на 6. ти февруари, самата Комисија напиша дека нашата Унија мора да биде “посилна и поцврста, пред да стане поголема“.
Се наведува дека ЕУ во моментов минувала низ една доста чувствителна фаза на реформи, и мора да се заштити соодветно за да заживее проектот за овие земји еден ден да станат членки.
„ Пред следните Европски избори, потребно е да размислиме за една стратешка агенда за новиот период кој ќе започне од Пролетта 2019 и да стане појасно што 27-те земји членки сакаат за новата ЕУ. Во овој контекст, сметаме дека условите за отворање на пристапните преговори со Албанија и ПЈРМ не се исполнети. Ја потврдуваме нашата посветеност кон европската перспектива на овие две земји и на целиот Западен Балкан, и даваме силна поддршка за значително зголемена посветеност на ЕУ во овој регион. Тука треба да ги насочиме нашите напори со цел да им помогнеме на овие земји вистински да бидат подготвени кога сите услови ќе бидат исполнети“, сметаат тие.
Советот ја зема предвид препораката на Комисијата да ги отвори пристапните преговори со Поранешната Југословенска Република Македонија и повторува дека мора да се обезбеди суштински напредок во имплементацијата на Итните реформски приоритети, пред да бидат отворени пристапните преговори. Советот ќе се наврати на ПЈРМ врз основа на нов извештај од страна на Комисијата, откако ќе биде постигнат задоволителен напредок.
За опструкциите на извесни земји членки на унијата наговести и премиерот Зоран Заев на телевизискиот дуел, кога отворено кажа дека поддршка немаме од Франција и Холандија.
Интензивната дипломатија која вроди со позитивни сигнали од ЕУ, во мигот кога се бараат решенија и спорот со името, овој документ е шлаканица по ветувањата на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан.
Хан во интервјуто за германскиот весник Велт, најави дека Македонија и Албанија во јуни годинава ќе добијат препораки за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Но, од друга страна пак на средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со премиерот Заев, немаше конкретно ветување за датум на кој ќе отпочнат преговорите.
Ана Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Норвешката премиерка ѝ посака добредојде на Република Северна Македонија во НАТО

Премиерот Зоран Заев, во придружба на шефот на дипломатијата, Никола Димитров, во рамките на агендата од учеството на Минхенската конференција за безбедност, се сретна со неговата норвешка колешка, Ерна Солберг, која беше придружувана од министерката за надворешни работи, Ине Ериксен Сореиде.
Премиерката Солберг на средбата истакна дека Норвешка силно го поздравува Договорот од Преспа и решавањето на спорот со Грција, како важен момент за процесите за вклучување на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ.
Претседателката на норвешката влада му посака добредојде на Заев и на нашата земја во НАТО, каде што Северна Македонија веќе го зазеде своето место веднаш до Норвешка и каде што ќе го помине периодот на ратификација на Протоколот за пристапување, по што ќе го добие статусот на полноправна членка со право на глас во сите работни тела на алијансата, информираат од владината прес-служба.
На средбата било истакнато дека Норвешка во Република Северна Македонија гледа како на земја сојузник и е подготвена да ја продолжи својата поддршка бидејќи смета дека државата сериозно придонесува во европската агенда.
Македонија
Заев и Ципрас: Договорот им го посветуваме на младите генерации и нивната иднина

Премиерот Зоран Заев заедно со неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, денеска зедоа учество на панелот „Разговор со добитниците на наградата ‘Евалд Фон Клајст’“, признание кое годинава им е доделено на нив двајцата, поради како што беше посочено, особен придонес за мирот и безбедноста во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса.
На панелот за наградата која ја доделува Минхенската конференција за безбедност во одделни дискусии настапија Заев и Ципрас.
Заев го потсети форумот во Минхен дека тој и Ципрас покажале дека со кршење на стереотипите во политиката се активирала енергија која помогнала да се креираат нови правила на однесување за решавање на отворените, сложени, прашања, истовремено со создавање пријателство.
„Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина, вредеше“, рече премиерот на Република Северна Македонија и додаде дека Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за двете страни.
Заев, информираше дека низ целиот процес доминирала добра и силна политичка волја да се најде решение, без да се затвора процесот во рамки или да се оградува со црвени линии, и токму таа посветеност, според него, помогнала да се препознае дека компромисот е вештина која овозможува, дека секој нов чекор е чекор повеќе до решение и дека невозможното сепак може да биде возможно.
Грчкиот премиер во дебатата нагласи дека историјата не ја пишуваат тие кои шират страв, туку тие кои се охрабруваат и создаваат решенија за генерациите што доаѓаат и дека тој и, како што кажа, неговиот пријател Заев ја избрале вистинската страна на историјата.
Свечениот дел од врачувањето на наградата на конференцијата „Евалд Фон Клајст“ на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се одржи вечерва на церемонија чиј домаќин е премиерот на Федералната држава Баварија, Флориан Херман.
Македонија
Шекеринска: Со влезот на Северна Македонија во НАТО е решено едно од најважните безбедносни прашања во регионот

Во рамки на Минхенската безбедносна конференција, вицепремиерката во Владата и министерка за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, говореше на Панел дискусијата насловена како „На вратата на НАТО: Осврт на актуелните предизвици во проширувањето“.
Шекеринска рече дека со влезот на нашата земја во НАТО значително се засилува безбедноста во овој дел од Европа.
„Само пред една година влезот на мојата земја во НАТО беше незамислив и за многумина дури и невозможен. Но, сепак се случи. Меѓународната заедница ја препозна одговорноста и храброста на владите на двете земји и им даде силна поддршка“, рече министерката.
Таа посочи дека со влезот на Република Северна Македонија во НАТО е разрешено едно од најважните безбедносни прашања во регионот со што значително се засилува безбедноста во овој дел на Европа.
„Членството во НАТО ја става Северна Македонија на мапата на сигурни и безбедни бизнис дестинации и отвора нови можности за домашната економија. Очекуваме оваа и следната година НАТО интеграцијата да има позитивно влијание врз економскиот раст на нашата земја“, истакна Шекеринска.
- Истражувања3 месеци
(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ
- Истражувања2 месеци
Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад, паника кај околните фирми
- Проверка со факти3 месеци
Заев прифаќа амнестија за 27 април, а тврдеше дека нема да има
- Истражувања1 месец
(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици
- Истражувања2 месеци
Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Шекеринска: Нема да се пазариме со амнестија
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Макрадули: Популизмот не помага при решавање со загадувањето
- Македонија1 недела
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал