Македонија
Новата грејна сезона официјално почнува на 15 октомври: испораката на топлинска енергија ќе зависи од атмосферските услови
Од 15 октомври, официјално почнува грејната сезона 2025/2026 година за сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Преку системот се греат околу 66 000 активни потрошувачи, од кои 65 000 домаќинства и над 1 000 деловни потрошувачи, во кои се вклучени болници, здравствени домови, средни и основни училишта и детски градинки, велат од таму.
Испораката на топлинска енергија, како што појаснуваат, ќе се одвива секојдневно согласно строго утврдените правила и дијаграми што зависат од атмосферските услови и надворешните температури.
„Според правилата, во месец октомври и првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува. При точно утврдени атмосферски услови, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, испораката на топлинската енергија се прекинува, односно системот се исклучува. Веднаш по падот на температурите под утврдените гранични вредности, централното греење повторно се вклучува. Со ваквиот начин на регулирана испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на потрошувачите.
Воедно ја информираме јавноста дека систем операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“ се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.
Очекуваме расположливите количини на гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија, согласно надворешните температурни услови. Сепак, доколку во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции на испораката на топлинска енергија кои нема значително да влијаат на комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17 октомври“.
Апелираат до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона.
Потрошувачите и заедниците на сопственици е потребно да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
„Во делови од градот каде се врши санација на дефекти на топлификациската мрежа, истите навремено се објавуваат на веб страницата ЕСМ Снабдување. Пред да пријават дефект или рекламација, важно за потрошувачите е да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на моментално затворени објекти кои во моментов немаат услови за испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат до ЕСМ Снабдување – центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

