Топ
Се судрија четири возила во Струмица, интервенираа и пожарникарите за да спречат експлозија
Се судрија четири возила во Струмица, при што интервенираа и пожарникарите, со цел да го сопрат истекувањето на гасот кај еден од автомобилите поради опасност од евентуална експлозија.
Како што информираат струмичките пожарникари, несреќата се случила денеска во 12.43 часот на булеварот „Маршал Тито“ во Струмица.
„ТППЕ Струмица со еено возило и четворица пожарникари интервенираше на сообраќајна несреќа помеѓу четири патнички моторни возила во која за среќа нема повредени лица. Од наша страна беше сопрено истекувањето на гасот кај еден од автомобилите поради опасност од евентуална експлозија“, информираа пожарникарите на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Радиолог, гинеколог и радиолошки технолог загинаа во сообраќајната несреќа кај Прилеп
Во тешката сообраќајна незгода на патот Прилеп – Битола загинаа радиолог, гинеколог и радиолошки технолог.
Преку социјалните мрежи за нивната смрт извести и Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари.
Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.
Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болницата „Плодност“ со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги за прераната загуба на нивните членови. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рендген-дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески со години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин Болницата ‘Плодност’ секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болницата ‘Плодност’“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болницата „Плодност“.
Македонија
За еден месец има шест пријави за врсничко насилство, Јаневска најави измени за психолозите и педагозите да си ја работат само својата работа
Министерството за образование, изминатиот месец, од почетокот на школската година, добило шест пријави за врсничко насилство, извести денес министерката Весна Јаневска. Таа побара меѓуресорска соработка за успешно справување со оваа појава и ставање фокус на менталното здравје на младите за што се потребни понови и помодерни решенија оти предизвиците се менуваат со секоја нова генерација.
„Оваа учебна година има 6 пријави за врсничко насилство и ние постапуваме по нив, меѓутоа значајно е да се нагласи дека е неопходна меѓуресорска соработка од повеќе министерства, од невладини организации и стручни лица, но од особено значење е кога и самите млади се вклучени во процесот и секогаш е добро да се слушнат и заеднички да изнаоѓаме најповолни решенија за да се грижиме за здравјето на младите“, рече министерката Јаневска пред почетокот на тркалезната маса за менталното здравје на младите со посебен фокус на училишната средина организирана од Здружението на граѓаните „Младите можат“.
Јаневска смета дека државата има систем кој води грижа за менталното здравје на младите преку училиштата и преку педагошката служба во Министерството за образование. Училиштата се обврзани да имаат стручни служби и тие најчесто имаат психолог и педагог, но може да бидат и проширени и со дефектолог и со социјален работник во зависност од можностите и големината на училиштата.
„Бирото за развој на образованието секоја година, па и годинава, поради овие шест пријави и неколку други настани, секогаш испраќа препораки за постапување во однос на одредени конкретни случаи. Службите изготвуваат годишен план за справување со одредени проблеми за одржување на менталното здравје на децата и според тој план, во одредени часови, користејќи го и класниот час, треба да ги спроведат своите едукации и работа со учениците. Доколку се појави конкретен случај, тогаш се прави измена во тој план и се работи со децата и понатаму“, рече министерката Јаневска.
Во ретки случаи кога ќе се појави проблем кој станува поголем, Јаневска вели дека е потребно вклучување на Министерството за социјална политика, демографија и млади, вклучување на Министерството за внатрешни работи или барање лекарска помош.
Министерката најави измени во сегашните законски решенија, кои ќе овозможат психолозите и педагозите да се посветат на својата стручна работа наместо да заглавуваат во административни обврски и во помагање во работата на другите колеги во училиштата.
„Новите законски решенија ќе им овозможат да си ја работат сопствената работа. Ќе инсистираме да бидат многу повеќе присутни во училиштата со својата стручност и да помагаат во решавањето на овие проблеми. А некогаш не се само проблеми, ние имаме и талентирани деца со кои треба да се работи, родители на кои им е потребна и некоја друга помош, и тоа не само за проблематичните деца туку од некои други причини. Има многу работа за стручните служби. Полека воспоставуваме систем во кој тие ќе почнат да си ја работат само својата работа. Се разбира, колегијалноста секогаш е присутна, некогаш ќе помогнат и на колеги и на директори, но ќе бидат фокусирани на својата стручна работа“, вели министерката Јаневска.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, рече дека обврска на неговиот ресор е грижа за ученикот надвор од училиштето, во неговиот дом, во семејството. Најави дека многу бргу ќе имаат систем што ќе дава целосна слика за семејствата приматели на права од социјална заштита заедно со услугите што ги даваат центрите за социјална заштита, кој ќе им даде не само статистички податоци туку и основи за градење социјални политики.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче префрлил 7 милиони евра од здравството на фирма на роднина
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини поранешната власт предводена од СДСМ и ДУИ за несоодветно управување со здравствениот систем во земјата. Актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, во својот мандат, според партијата, не само што не успеал да направи значајни реформи, туку и потрошил значајни средства на сомнителни тендери.
„Откога Филипче седна на министерската фотелја на 25 декември 2017 година, се префрлија 7 милиони евра од Министерството за здравство и здравствените установи во Македонија на сметката на ‘Синерџи’. ‘Синерџи’ е компанија во сопственост на Горан Филипов, партнерот на Катерина Савеска, тешта на Филипче. Или тештата Савеска и Филипов се јавуваат заедно како инвеститори. Само за една година од здравството на ‘Синерџи’ му биле префрлени два милиона евра“, пишува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, актуелната реалност што ја оставила владата на СДС е испреплетена со корупција, криминал и руинирани институции.
„Македонија е на дното во регионот по сите параметри“, велат од партијата додавајќи дека единствениот начин за напредок е да се знае вистината за минатото.
„Неспособноста завршува со нив. Ние работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина“, завршија од ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи ја својата посветеност на подобрување на состојбите во здравствениот сектор.