Регион
Во Црна Гора се појави ретка болест којашто ја пренесуваат животните
Во Црна Гора се појави ретка болест којашто ја пренесуваат животните. Паразитското заболување лајшманиоза коешто го пренесуваат комарците, се појави во Колашин, јавуваат медиумите. Болеста е смртоносна за кучињата, кои мора да се успијат кога ќе биде откриена болеста, а ризични групи кај луѓето се децата и лица со намален имунитет, пишуваат медиумите.
Според Управата за храна, ветеринарна и фитосанитарна болест, оваа болест е откриена и во Подгорица, Бар и Улцињ. Ветеринарот на Колашин, Саша Дрљевиќ објаснува дека лајшманиозата е паразитско заболување, кое се пренесува меѓу животните и од животните на луѓето со помош на мушички, поради што најчесто се појавува во потоплите краеви.
Првите знаци на болест кај кучињата се слабост, апатија, губење на апетит и слабеење. Кога болеста се развива, најпрво влијае на очите и кожата околу очите, ушите и носот, на кожата се формираат воспаленија, и губење на влакната околу очите, на вратот и опашката.
Засега, велат ветеринарите, нема целосна заштита за кучињата. Нема вакцини и лекови за да се спречи инфекцијата.За да се намали ризикот од пренесување на лајшманиазата кај кучињата, неопходно е редовно да се заштитуваат животните од инсекти со соодветни средства, да се третира, доколку е можно, околината во која кучето престојува со соодветни инсектициди, да му се обезбеди сместување во затворен простор во текот на ноќта и слично.
Во случај на сомнеж, како што велат ветеринарите, задолжително е да се јавите кај надлежната ветеринарна клиника, која ќе изврши преглед на кучето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.
Регион
Никола Роквиќ тргна пеш на пат долг 1.150 километри на хумана мисија
Никола Роквиќ пеш тргна кон Грција и треба да помине 1.150 километри, а сето тоа во хуманитарна мисија.
Тој и неговата сопруга Бојана неодамна ја основаа „Фондација за семејство“, а за да им помогне на оние на кои им е потребна помош, реши да направи неверојатен чекор достоен за восхит.
Треба да стигне до Егина, каде што ќе се поклони на Свети Нектариј Егински. Пред заминувањето тој со семејството ја посети црквата Свети Сава каде се помоли.
„По овој пат решив да тргнам од љубов кон луѓето и се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за помош на многумина. Првенствено да помогнам на многу семејства, на многу деца, но најважно да им помогнам на болните деца, поради што во голема мера го започнав ова патување. Започнавме фондација која ќе му помага на семејството, која ќе помага на талентирани деца, на многудетно семејство, но и на болни деца“, изјави Никола во храмот Свети Сава за „Телеграф“.
Никола последниве месеци се подготвуваше за овој потфат со големи планинарски тури.
Регион
Европскиот парламент одобри визна либерализација за Србите од Косово
Европскиот парламент денеска одобри визна либерализација за имателите на српски пасоши од Косово, кои ги издава Координативната управа на Србија на предлог на европратеникот и известувач за укинување на тие визи, Матјаж Немец.
За извештајот на Немец гласале 406 од 597 европратеници, 97 биле против, а 94 биле воздржани.
По гласањето во ЕП, последниот збор за овој предлог треба да го дадат министрите на Советот на ЕУ.
Претходно овој месец, амбасадорите на земјите членки на ЕУ се согласија со предлогот на ЕП и Советот на ЕУ за измена на регулативата за иматели на српски пасоши издадена од Координативната управа на Србија, со која се доделува визна либерализација на носителите на овие пасоши, пишува српската новинска агенција „Танјуг“.
Претходно, Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на ЕП на 9 април го усвои нацрт-извештајот за визна либерализација.
Целиот Западен Балкан ќе има ист визен режим за патување во ЕУ
Оваа одлука гарантира целиот регион на Западен Балкан да има ист визен режим за патување во ЕУ, објави тогаш ЕП.
Постои можност одлуката за визна либерализација за имателите на српски пасоши во Косово да почне да се применува до почетокот на летото.
Србите од Косово се единствените од Балканот на кои им е потребна виза за ЕУ
Србите од Косово и Метохија, кои поседуваат пасоши издадени од Координативната управа, која функционира во рамките на Министерството за внатрешни работи на Србија, се единствените на кои им е потребна виза за влез во земјите на ЕУ откога од 1 јануари годинава беа укинати визите за граѓаните на Косово.
Во ноември 2023 година Европската комисија предложи да почне постапка за вклучување на граѓаните на Косово, кои имаат пасоши издадени од Координативната управа на Србија, преку визна либерализација.