Топ
Запленета марихуана вредна речиси 150.000 евра, уапсени двајца поранешни вработени во МВР
Полицијата заплени марихуана вредна речиси 150.000 евра. Дрогата од Албанија преку Македонија требало да стигне во Грција, а организатор на криминалната група инволвирана во меѓународниот транспорт на марихуана е М. А. (50) од Гевгелија. Во врска со случајот уапсени се и двајца поранешни вработени во МВР.
Според информациите на МВР, вчера, И. К. (37) од Гевгелија, З. Б. (52) од с. Грчиште, Валандово, и Д. С. (27) од с. Марвинци, со возило „опел вектра“, со гевгелиски таблички, се упатиле кон селото Јанковец, Ресен, каде што оствариле средба со Д. Д. (38) од село Ливата, Струга, кој пристигнал со друго возило „опел вектра“, со ресенски таблички, а со кое Д. Д. ја донел и претходно обезбедената марихуана.
Тоа возило било преземено од Д. С. и тој се упатил од Јанковец во правец на Градско, а И. К. и З. Б. со возилото со гевгелиски таблички се движеле пред него во улога на чистачи.
Околу 16.35 часот двете возила се запрени од полициски службеници, а во возилото што го управувал Д. С. во багажниот простор биле пронајдени три торби со 54 пакувања марихуана, која, според првичните процени, има пазарна вредност од речиси 150.000 евра. Сите лица се приведени.
Извршени се и повеќе претреси на подрачје на Гевгелија, Валандово и Струга, каде што се приведени М. А. и Д. Д., инаку поранешни вработени во МВР. За време на претресите пронајдени се голем број мобилни телефони со СИМ-картички, а кај И. К. пронајдени се и одземени и две ловечки пушки, пиштол и муниција за наведените оружја, што лицето ги поседувал без дозволи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и Бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Свет
Масовен руски напад врз Харков: Бомби паѓаа цела ноќ, две лица загинаа
Во текот на ноќта руските војници гранатираа 17 населени места во областа Херсон, при што загинаа две лица, а четворица беа ранети, објави шефот на воената управа во Керсон, Олександр Прокудин.
„Руската армија гаѓаше станбени области на населени места, при што беа оштетени две катни згради и 10 приватни куќи. Како резултат на руската агресија, две лица загинаа, уште 4 се повредени“, рече Прокудин на Телеграм.
Погоди се забележани и во пристанишната инфраструктура, објектите за критична инфраструктура, трговски центар, комерцијални објекти и автомобили, додаде тој. Според него, непријателот ги гранатирал населбите Дудчани, Нововоронцовка, Михајловка, Одрадокамјанка, Гавриловка, Весела, Золота Балкан, Качкаровка, Антоновка, Станислав, Днепровске, Јантарне, Билозерка, Велетенске, Кизомиш и градот Берег.
Во текот на ноќта, силите за противвоздушна одбрана уништија 26 од 28-те јуришни беспилотни летала што Русија ги користеше за напад на Украина, објави на Телеграм Военото воздухопловство на Вооружените сили на Украина.
Свет
Две тела пронајдени во автомобил под урнатиот мост во Балтимор, паднале од височина од 50 метри во водата
Полицијата во американската сојузна држава Мериленд објави дека две тела биле пронајдени во автомобил во реката Патапско каде мостот Френсис Скот Ки се урна во вторникот наутро откако товарен брод удрил во него.
Двајца мажи на возраст од 35 и 26 години се пронајдени на 7,6 метри под вода, пренесува CBS News. Несреќата се случила во вторникот откако бродот „Дали“ удрил во еден од столбовите на мостот.
Жртвите паднале од височина од 50 метри во водата, која била околу -1 Целзиусов степен во моментот на падот, изјави портпаролот на противпожарната служба во Балтимор, Кевин Картрајт. Во вторникот беше објавено и дека бродот Дали, кој удри во мостот, исто така бил вклучен во инцидент во пристаништето Антверпен во Белгија во 2016 година.
Спасувачките екипи ја прекинаа потрагата по шест лица исчезнати по уривањето на мостот во Балтимор, соопштија локалните власти во вторникот вечерта, бидејќи се претпоставува дека се мртви.
Претходно беше соопштено дека спасувачите трагаат по 20 луѓе, додека шефот на противпожарната служба во Балтимор Џејмс Валас во вторникот изјави дека две лица се спасени од реката Патапско.