Македонија
МИМ ги објави добитниците на новинарската награда „Никола Младенов“
Сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб за РЕК ‘Битола’“ на новинарот Владо Апостолов ја освои првата награда на годинешниот конкурс „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2019. Сторијата која е објавена на интернет-страницата „Призма“ открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на термоелектраната РЕК „Битола“.
Второнаградени на конкурсот се Мери Јордановска и Кристијан Ландов за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на интернет-страницата „А1он“. Сторијата разоткрива злоупотреби од страна на пратениците од внатрешноста на земјата при изнајмувањето станови во Скопје платени од буџетот.
Катерина Спасовска-Трпковска и Бранислав Закев ја освоија третата награда за анимираната видеосторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон 3“. Преку истражување на јавните набавки на 15-те институции со најголеми буџети во периодот од 2015 до 2018 година, како и на ревизорските извештаи, новинарите обелоденуваат многубројни неправилности, злоупотреби и неоправдани трошења јавни пари.
Комисијата одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска-Спасовска за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“, објавена на интернет-страницата на „Радио Слободна Европа“, на Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ).
МИМ 19. пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјата. Годинава, поради ситуацијата со коронавирусот, традиционалната свеченост за доделување на наградите нема да се одржи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Пендаровски: Држава што преговара со ЕУ не смее да си дозволи лош изборен процес
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, денеска гласаше на првиот круг од претседателските избори.
Во изјава за медиумите Пендаровски истакна дека очекува мирен изборен процес, не само денеска, туку и на 8 мај кога ќе се одржат вториот круг на претседателските и парламентарните избори.
„Тоа е исклучително важно, не толку за индивидуалните кариери на секој од нас кандидатите кои сме на овие претседателски избори, тоа е исклучително важно за целата држава, за Македонија, бидејќи држава која преговара со Европската Унија не смее да си дозволи лош изборен процес. Имаме долго искуство во таа смисла, повеќе од 30 години сме независна држава, имаме поминато многу изборни циклуси и јас се надевам дека како и минатиот пат, така и сега тоа ќе биде со запазување на највисоките европски и меѓународни стандарди“, рече Пендаровски.
Македонија
Јакимовски: Најголема шета и’ се прави на Македонија ако не се излегува да се гласа
Кандидатот за претседател, Стевчо Јакимовски го оставри своето право на глас, порачувајќи дека најголема шета и’ се прави на Македонија ако не се излегува да се гласа.
„Многу сум среќен дека денеска гласаме за наш претседател, ниту за српски, ниту за бугарски, ниту за грчки претседател. Вечна слава нека им е на АСНОМ-ците кои ги удрија темелите на современата македонска држава и го остварија вековниот идеал на македонскиот народ“, рече Јакимовски.
Тој по гласањето додаде дека е точно оти оваа држава не е совршена, но сите сме одговорни за тоа каква држава имаме.
„Еден апел до граѓаните на Република Македонија: Излезете да гласате. Најголема шета се прави на Република Македонија ако не се излегува да се гласа и втората замолница е да се излезе да се гласа „за“, а не „против“. Секогаш кога гласаме против некого секогаш правиме грешки и тие грешки повторно се на штета на државата. Затоа, почитувани граѓани, излезете и дајте го гласот за оној којшто мислите дека ќе биде најдобар претседател, најдобар врховен командант на вооружените сили на Република Македонија“, порача Јакимовски.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.