Свет
Навални: Знам кој сакаше да ме убие
Најмалку осум руски тајни агенти учествувале во труењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, објавија медиумите кои учествувале во обемното истражување. Меѓу нив е и германскиот „Дер Шпигел“, заедно со истражувачките платформи Белингкат и Инсајдер, односно американскиот информативен ТВ-канал Си-ен-ен.
Според нив, шестмина агенти директно ја спровеле акцијата и уште двајца агенти кои очигледно ја воделе операцијата. Самиот Навални зборуваше за овие извештаи преку Инстаграм. „Знам кој сакаше да ме убие“, рече тој и објави фотографии од осум мажи.
„Шпигел“ пишува дека, пред сè врз основа на анализата на податоците за употреба на мобилна телефонија, ГПС и слични податоци за локацијата, односно анализата на бројни списоци на патници кои користеле домашни авиокомпании, може да се реконструира дека Навални, гласен критичар на Кремљ, уште од 2017 година бил цел на тимот на ФСБ.
Според германскиот магазин, агентите на ФСБ полетале повеќе од 30 пати (пред него) до дестинациите до кои патувал и Навални – и набргу потоа се вратиле во Москва. Двајцата луѓе за кои се вели дека ја воделе операцијата се наводно членови на две единици на ФСБ кои во минатото биле поврзани со убиства на труење – Институтот за криминалистика и Центарот за специјални техники.
За еден од двајцата се вели дека редовно комуницирал со хемиски лаборатории поврзани со програмата на рускиот новичок. Сите осум идентификувани претходно биле активни во медицинскиот или хемискиот сектор, односно работеле за руските специјални единици, пишуваат медиумите.
Во интервју за „Дојче веле“ известувачот на платформата Белинкат, Арик Толер, зборуваше за истражувањето. Тој тврди дека тие „не се обични агенти на ФСБ“, односно дека биле обучени за употреба на хемиско оружје. Толер вели дека истражувачкиот тим бил изненаден од интензитетот со кој агентите го следеле Навални од 2017 година.
На 20 август годинава Алексеј Навални колабираше на летот помеѓу Томск во Сибир и Москва. Два дена подоцна, 44-годишникот, кој во тоа време сè уште беше во кома, беше пренесен на лекување на Универзитетската клиника во Берлин.
Според три европски лаборатории, чии резултати беа потврдени од Организацијата за забрана за употреба на хемиско оружје (OPCW), Навални беше отруен со нервен отров од групата на новичок којшто беше развиен во Советскиот Сојуз.
Навални сè уште е во Германија и во моментов е на рехабилитација. По закрепнувањето, како што најави, сака да се врати во Русија. Кремљ негира каква било вмешаност во случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украински дрон удрил во станбена зграда во Белгород, има мртви
Едно лице загина кога украинско беспилотно летало удри во станбена зграда во рускиот град Белгород и одекна силна експлозија, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.
„Повредена е сопругата на починатиот, има расекотини на лицето и површна изгореница на бутот. Екипата за брза помош ја однела жената во регионалната клиничка болница. Како резултат на експлозијата, за жал, еден човек загина“, објави Гладков, а пренесува Риа Новости.
Друг жител со рана од шрапнел сам отишол во градската болница, додаде тој.
Оштетени се прозорците во пет стана, како и автомобил. Оперативните услуги се на лице место.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка ѝ направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела во Универзитетската болница „Буловка“ во Прага 8 дошло до забуна кај лекарите за две жени што не биле од Прага, а тоа резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека, освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка ѝ направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на Министерството, Онџеј Јакоб, во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше неопростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Новинки.чз“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми, и двете пациентки биле странски државјанки, кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.
Регион
Детаљно пребарани тунелите, каналите и шахтите, нема траги од Данка: се огласија српските полицајци
Специјалистички екипи за спасување од урнатини на Секторот за вонредни состојби од Белград и Нови Сад заедно со други припадници на МВР од раните утрински часови темелно ги пребаруваа тунелите, подземните канали и шахтите со вкупна должина од 4,5 километри во месноста Бањско Поле до градот Бор и не се пронајдени траги што би укажувале дека таму била двегодишната Данка Илиќ, пренесуваат српските медиуми.
По повеќе од 70 часа детаљно пребарување на теренот во Бањско Поле, припадниците на Министерството за внатрешни работи продолжуваат со интензивно и оперативно пронаоѓање на девојчето и утврдување сите факти и околности за исчезнувањето на детето, според последните извештаи.
Медиумите потсетуваат, од моментот на пријавување на исчезнувањето на 26 март во потрагата по исчезнатото девојче учествуваа стотина припадници на МВР, кои темелно и сеопфатно го прегледаа поширокиот и потесниот простор на ова место со вкупна површина од 10-ина квадратни километри.