Македонија
Не е исклучена можноста жените да одат во пензија и на 62 години
Во однос на дилемите во јавноста за задолжителното пензионирање на 64 години возраст и 15 години стаж, Министерството за труд и социјална политика информира дека во согласност со Уставот правото за пензионирање на мажите и жените во однос на возраста е изедначено и тие се пензионираат на 64 години. Но, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во член 18, им остава можност на жените да заминат во пензија и на 62 години, доколку тие така одлучат.
„Предложените измени на Законот за работни односи се однесуваат само на укинување на можноста за продолжување на работниот век до 67 години, но не предвидуваат измени во однос на укинување на можноста жените да се пензионираат на 62 години, но само доколку тие самите така одлучат.
Во спротивно, во согласност со Законот за пензиско и инвалидно осигурување и жените, како и мажите, правото на пензија го остваруваат со навршени 64 години возраст и 15 години стаж“, наведе МТСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Државјанин на Турција приложил фалсификуван пасош на Ќафасан
Денеска на Граничниот премин Ќафасан, полициски службеници го привеле Т.С.Т.(48) од Република Турција затоа што при пасошка контрола било констатирано дека на увид приложил фалсификувана патна исправа.
Известен бил Јавен обвинител, а тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Струга за понатамошна постапка.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото-настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото-настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори ќе им бидат презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Преку дружење со претставници и членови од мото-клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење електрични превозни средства“, велат од Општина Кисела Вода.