Топ
Новото министерство – потреба или шанса за партиски вработувања?
Наместо предизборното ветување на СДСМ за намалување на бројот на министерства, Владата на премиерот Заев ќе добие рекорден број по најавата за формирање уште едно министерство. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое треба да биде, всушност, замена за Генералниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, во јавноста се толкува како нова прераспределба на министерски места меѓу коалициските партнери, но и како шанса за вработување партиски кадри.
Според универзитетскиот професор по административно право и јавна администрација, Драган Гоцевски, непотребно е формирање ново министерство, туку, напротив, треба да се намали бројот на 11 министерства. Дополнително, смета тој, станува збор за надлежности што би требало да ги има новото министерство, а кои би се поклопувале со други институции, како Министерството за правда, Комисијата за односи со верските заедници, но и новата агенција за употреба на јазиците, која треба да се формира со новиот Закон за јазиците.
„Законот се осврнува само на трансформација на Секретаријатот за спроведување на охридскиот договор и сите, околу 1000, вработени, на преземање на „Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците“ од Министерството за образование и наука и на „Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во РСМ која се презема од Министерството за култура“. Предлог законот има и неколку „наддржавни“ надлежности како вршење на работите кои се однесуваат на функционирањето на политичкиот систем, гарантирањето на идентитетот на (сите!?) заедниците па и меѓународна соработка за прашања кои се однесуваат на политичкиот живот (пасивно и активно избирачко право?!, право на собири!?, на локално или на национално ниво и како овие внатрешни прашања ќе ги разгледува меѓународно?!).
„Ново министерство не може да се оправда со ниту една емпирија, не постои оправдување што би довело до зголемување на бројот на институциите на централно ниво. Од 2009 година бројот е пораснат непропорицонално со обемот на услуги што тие го даваат. Мислам дека во Македoнија бројот треба да падне на 11 министерства. Грешка беше што и во 2008 година се додаде уште Министерството за администрација и информатичко општество. Треба да се направи консолидација на многу централни органи, особено органи на државната управа и органи на државата што имаат сродни надлежности. Страдаме од голем број политичари – има премногу директори, членови на надзорни и управни одбори… ново министерство не гледам како би го зголемило обемот на услуги“, смета универзитетскиот професор Драган Гоцевски.
Гоцевски прави паралела и со другите европски држави, како Словенија, која има сличен број население како Македонија, но е поразвиена и има излез на море, а има 14 министерства. Ирска има 17 министерства, Франција 16, а Обединетото Кралство со 60 милиони луѓе има 25 министерства.
Во споредба и со другите држави од соседството, кои имаат над 7 милиони жители, Македонија предничи во бројот на министерства. Србија има 21 министерство, Бугарија 19, Албанија 15, а бројот на министерства во Грција е променлив, но без алтернативните министри во моментот има 23.
Бројот на министри во Владата на премиерот Зоран Заев, вклучувајќи и ги вицепремиерите и министрите без ресор, изнесува 25. СДСМ како опозиција најавуваше редуцирање на бројот на министерствата.
„Македонија е убедлив негативен рекордер, 26 министри – и да се два милиона, што не се, на 81.000 луѓе во државата имаме по еден министер. Ако ја анализирате Гeрманија на пет милиони луѓе – еден, ако ги проверите Естонија, еве земји блиски по големина со Македонија, Латвија, Естонија, ќе видите 90, 100, 150 илјади граѓани на еден министер. Тоа сметаме дека мора да се промени. Бројот на министри во Владата на СДСМ нема да надмине повеќе од 20 и ќе гледаме тој број да се намалува, а ќе почнеме разговори со сите други партии во парламентот за да го намалиме и бројот на пратеници помеѓу 90 и 100, што сметаме дека најмногу ќе ѝ одговара на Македонија“, изјави Радмила Шекеринска на 7 октомври 2015.
На предлогот за формирање ново министерство, доставен до Собранието, потпишани се Јован Митрески од СДСМ, Артан Груби, Џеват Адеми, Реџаиљ Исмаили и Ејуп Алими од ДУИ, Панчо Минов, независен од ГРОМ, и Зеќир Рамчиловиќ од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за два закона – Законот за Владата и Законот за организација и работа на органите на државната управа. Во образложението на предлогот пишува дека ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства, но не се наведува колку. Предвидено е да стапи во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“, но дека ќе се применува од 1 јуни 2019.
„Заради функционирање на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковниот договор и принципите што произлегуваат од овој договор, како и унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија, се појави потреба да се основа ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците“, пишува во образложението на законските измени, а на дневен ред на Собранието ќе се најдат на 14 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Тешка сообраќајна несреќа во Кичево – три млади лица го загубија животот, има и тешко повредени
Утрово во 4.50 часот на улицата Магистрален пат во Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.И.(19) од Кичево и патничко возило „фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од К.Е.(32) од кичевското село Трапчин Дол.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Е. и неговиот сопатник А.С.(20) од село Трапчин Дол, додека возачот С.И. им подлегнал на повредите на пат кон Комплекот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, велат од СВР Охрид.
Со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, се здобиле 19-годишната Т.С. од Кичево, В.П.(21) од селото Подвис, кичевско, П.К.(21) од Кичево и еден малолетник од Кичево, сите сопатници во возилото „пежо“.
На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Регион
Почна нова детаљна потрага по Данка, пристигнаа спасувачки екипи со куче
Две специјалистички спасувачки екипи од Белград и Нови Сад, Одделот за вонредни состојби на МВР на Србија, синоќа пристигнале во Бањско поле и рано утринава започнале детално пребарување на просторот околу куќата пред која исчезнало двегодишното девојче.
Екипите се состојат од 18 пожарникари-спасувачи со 5 теренски возила и едно куче.
Припадниците на српската полиција во континуитет ги преземаат сите мерки и дејствија за пронаоѓање на девојчето и утврдување на сите факти и околности за нејзиното исчезнување, информираат од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Што правеа багерите вчера околу куќата од каде што исчезна Данка
Вчера околу куќата каде исчезна Данка во Бањско поле имаше два багери.
Според Телеграф.рс, багерите првенствено работеле на расчистување на теренот бидејќи куќата била опкружена со депонија, па полицијата за полесни претреси го расчистува просторот од гломазен и друг отпад.
„Сечат дрвја и го отстрануваат отпадот бидејќи околу куќата има депонија“, јави репортер од местото на настанот.