Свет
Силен земјотрес на границата меѓу Монголија и Русија
Земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала го погоди регионот на границата меѓу Русија и Монголија, објави германскиот Истражувачки центар за геолошки науки. Земјотресот бил на длабочина од 10 километри, пренесува „Ројтерс“.
Епицентарот бил на 277 километри југозападно од Ангарск во сибирскиот регион. ТАСС известува дека не е пријавена штета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Страшнa бурa во Пакистан и Авганистан, речиси 140 загинати
Бројот на загинати во невремето во Авганистан и Пакистан во изминатите неколку дена се искачи на најмалку 137, а во некои области се очекуваат нови поројни дождови.
Најмалку 67 лица загинаа во Пакистан, соопшти денеска тамошното тело за управување со катастрофи, поради невообичаено обилен дожд за овој период од годината.
Во јужниот град Карачи е прогласена вонредна состојба. Градот е особено ранлив на бури поради лошата инфраструктура. Во Авганистан околу 70 луѓе загинаа, а 56 се повредени во обилните дождови и поплавите низ целата земја. Оштетени се 2.627 куќи, соопшти денеска Националната управа за катастрофи.
Обилните врнежи од снег и дожд во последните месеци во Авганистан предизвикаа многу жртви и повредени по невообичаено топлата зима. Екстремните временски настани како поплави и суши се зголемуваат во Авганистан и Пакистан поради климатските промени, предупредуваат метеоролозите.
Погоден од деценискиот конфликт, Авганистан има ограничени опции за ублажување на ефектите од климатските промени.
Регион
Пленковиќ по победата на изборите во Хрватска: Набргу ќе дознаете со кого ќе имаме мнозинство
Актуелниот премиер на Хрватска, Андреј Пленковиќ, чија партија ХДЗ победи на парламентарните избори во Хрватска, објави дека набргу ќе се знае со кого ќе формираат влада.
„Одлично е чувството, трета победа во низа и убедлива, тоа никој не успеа да го направи пред нас. Презадоволни сме, урнат е митот дека високиот одѕив не ѝ одговара на ХДЗ“, изјави Пленковиќ.
„Многу набргу ќе дознаете со кого ќе формираме ново мнозинство во Собранието. Разговаравме со некои наши колеги уште синоќа, а денеска ги продолжуваме разговорите. Сè оди добро, победниците ќе ја водат владата и во третиот мандат“, порача Пленковиќ.
Неофицијалните резултати по обработката на речиси сите избирачки места, според пресметките, покажуваат дека ХДЗ убедливо победува на парламентарните избори и освојува 61 мандат, а Риека правде на СДП добива 42 мандата.
Свет
Шефот на дипломатијата на ЕУ: Треба да испратиме противракетни системи во Украина
Земјите членки на ЕУ треба да ги испратат своите противракетни системи за зајакнување на воздушната одбрана на Украина додека Русија ги напаѓа нејзините градови, изјави денеска шефот на европската дипломатија предупредувајќи дека Европа не може да се потпира само на Вашингтон кога станува збор за помошта на Киев.
Повеќе од две години по почетокот на руската инвазија Украина се соочува со недостиг на муниција, републиканците во американскиот Конгрес ја блокираат клучната воена помош, а ЕУ не успева да достави доволно муниција навреме.
„Имаме патриоти, имаме противракетни системи. Мораме да ги извадиме од нашите касарни, каде што се за секој случај, и да ги испратиме во Украина, каде што беснее војната“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за новинарите на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите членки на групата Г7 на островот Капри.
„Во спротивно, електроенергетскиот систем на Украина ќе биде уништен. И ниедна земја не може да се бори без струја во домовите, во фабриките, за интернетот, за сè“, додаде тој.
Украинската воздушна одбрана е клучно прашање за министрите собрани во Италија откако Германија вчера апелира до Европската Унија и НАТО да направат повеќе за да му помогнат на Киев.
„Сигурен сум дека ќе го направиме тоа, но мораме да го направиме тоа бргу“, рече Борел,ж додавајќи дека жали што внатрешната политика во Соединетите Американски Држави го одложува многу потребниот пакет-помош за Украина во вредност од 60,84 милијарди долари.
„Не можеме да зависиме само од САД. Мораме да ја преземеме сопствената одговорност“, изјави тој.