Европа
Старските домови во Шпанија први ќе бидат вакцинирани против Ковид-19
Штитениците и персоналот на домовите за стари лица ќе бидат први вакцинирани против коронавирус во Шпанија, изјави министерот за здравство Салвадор Ила, најавувајќи национален план за вакцинација кој треба да започне во јануари.
Другите здравствени работници ќе бидат вакцинирани по нив, рече Ила, додека 18 групи граѓани, една по друга, ќе можат да ја примаат вакцината во 13.000 локални шпански центри за јавно здравје. Шпанија очекува да покрие значителен број од својата популација со вакцинација во првите шест месеци од 2021 година. Вакцинацијата нема да биде задолжителна и ќе биде бесплатна, рече Ила.
„Целта е да бидеме подготвени како земја да ги вакцинираме луѓето од моментот кога ќе добиеме дози“, рече тој на прес-конференција.
Владата се надева дека првите дози ќе пристигнат во јануари, но нивната достапност ќе биде ограничена на првите неколку месеци.Преку договори постигнати од Европската комисија со водечки креатори на потенцијална вакцина за Ковид-19, Шпанија се надева дека ќе прими вкупно 140 милиони дози на вакцината, доволни за вакцинирање на 80 милиони во земја со 47 милиони жители, рече Ила. Некои вакцини ќе бидат споделени со сиромашните земји, додаде тој.
Владата има намера да вакцинира 2,5 милиони луѓе од приоритетните групи – стари лица и други ранливи категории – во првата фаза. Ила рече дека владата подоцна ќе утврди кои ќе бидат другите приоритетни групи.Тој не наведе детали за тоа како ќе се транспортираат вакцините, од кои некои мора да се чуваат на многу ниски температури, но рече дека тоа не би било проблем.
Владини извори изјавија дека Шпанија ќе се обиде да ги искористи сите достапни опции за складирање, без да инвестира во нова опрема ако е можно. Тоа може да вклучува употреба на камиони дизајнирани за транспорт на лекови на многу ниски температури, велат извори.
Шпанија ќе учествува во заедничка студија со седум други европски земји што ќе утврдат како функционира вакцината, рече Ила. „Почнуваме да ја гледаме светлината на крајот од тунелот“, рече портпаролката на шпанската влада Марија Хесус Монтеро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.