Македонија
Фронт 21/42 незадоволни од расправата за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк
Фронт 21/42 реагира во врска со јавната расправа по нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.
„Вчерашната јавна расправа по нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, организирана од Министерството за животна средина и просторно планирање, не може да се нарече јавна расправа. Ја разбираме актуелната ситуација предизвикана од пандемијата и неможноста дебатата да се организира со физичко присуство, но тоа не треба да биде причина, ниту оправдување за она што го искусивме. Начинот на кој се одвиваше оваа јавна расправа е директно прекршување на членот 6, став 4 и 5 од Архуската конвенција – главната меѓународна конвенција која го уредува и заштитува учеството на јавноста во донесување прописи и одлуки кои ја засегаат животната средина. Поентата на една јавна расправа, како клучен дел од консултациите со јавноста – е да им даде простор на претставниците на јавноста да ги искажат своите ставови, барања, прашања, итн. за нацрт-документот, пред истиот да биде усвоен. Тоа е поентата на партиципативната демократија – јавноста има улога во кроењето на политики кои ја засегаат“, се вели во соопштението.
„Оваа двочасовна јaвна ‘расправа’ се состоеше од речиси час и половина спремни презентации и говори на експертите коишто работеле на документите, а последните триесеттина минути беа оставени за ‘расправата’. Во тоа кусо време, во кое јавноста имаше можност да се вклучи со свои коментари, не му беше даден збор на секој кој побара да го искористи своето законско право; тие што добија збор всушност и не можеа многу да кажат, бидејќи модераторот си земаше за право на непочната реченица да се вмешува во излагањето или воопшто да не им дозволува на говорниците да се вклучат со свои коментари. Во еден момент, текстуално и преку пораки, се поставија повеќе прашања кон Министерството и граѓаните бараа да бидат удостоени со одговор, но од страна на модераторот им беше кажано дека Министерството ќе даде одговори на крај од дискусијата, што реално не се ни случи“, тврдат тие.
Според невладината организација, надлежните очигледно немале за цел да ги слушнат коментарите на граѓаните, да организираат суштински дијалог со сите засегнати, како основа за подобрување на законот.
„Единствената очигледна цел беше формално ‘штиклирање’ на законската обврска да се организира ‘јавна расправа’. Дополнително, самиот начин на онлајн расправата, како и ограниченото време, не овозможија вклученост на сите страни, бидејќи некои од засегнатите граѓани кои живеат во руралните средини не можат директно да пристапат кон ваквите виртуелни платформи. Ќе ги потсетиме нашите институции и Министерството за животна средина и просторно планирање на последната критика од извештајот на ЕК за нашата земја: ‘Квалитетот на презентациите и на процесот на јавните расправи, особено кога станува збор за проекти поврзани со хидроенергија, рударство и инфраструктура, мора дополнително да бидат подобрени’. Од погоренаведените причини бараме да се закаже и одржи нова јавна расправа, која ќе овозможи доволно време за сите засегнати страни да ги искажат своите ставови, постават прашања, добијат соодветни одговори, итн. – бараме вистинска јавна расправа чија цел ќе биде суштински консултации со засегнатата јавност“, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање на национално единство, и запирање на сите напади кон Левица и ЗНАМ, државата е одземена од народот
„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди иако неуспешни имало“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот митинг во Охрид.
Тој нотираше дека сака да успее во тоа, да создаде македонско национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа и е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ“, рече Мицкоскит.
ПИстакна дека Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа, тој процес да започне токму сега.
„Ќе има во иднина моменти кога националното единство ќе е неопходно, исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова, е земја на сите граѓани кои живеат во нејзе и сите ние граѓаните од различни етнички заедници сме нераскинлив дел и столб на оваа држава и на нејзината иднина“, заклучи тој.
Неговата порака е дека нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите, затоа што само така заедно сложни со силата и капацитетот на сите, сме иднината на ова земја, порача Мицкоски.
Македонија
Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите за 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде што тој е дел од листата на Социјалдемократскиот сојуз и Коалицијата за европска иднина.
Маричиќ јавно се обврза дека како член на наредната Влада што ќе ја предводи СДСМ ќе продолжи да работи за пензионерите да имаат убав и достоинствен живот.
„Оваа Влада ги покачи пензиите за 50% и ветуваме дека во наредниот мандат ќе биде просечна пензија од 500 евра. Исто така се обврзуваме на зимски регрес од 3000 до 6000 денари за секој пензионер, а најмногу ќе добиваат оние со најниски пензии. Исто така ветуваме енергетски пакет од 1500 денари месечно во текот на грејната сезона за оние пензионери на кои најмногу им треба“, вети Маричиќ.
Тој нагласи дека пензионерите тоа го заслужуваат.
„Без вашата генерација и без влогот кој што го дадовте немаше да имаме држава. Токму затоа сме дожни и обрзани да работиме пензионерите да имаат мирни и спокојни пензионерски денови и мирно да ги гледаат своите деца и внуци како растат. А како растат внуците така нека растат и пензиите“, нагласи Маричиќ на средбата со тетка Верица и пензионерите од Карпош.
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, порача дека тој, СДСМ и Коалицијата за европска иднина „не се откажуваат од подобриот животен стандард за спокоен живот за пензионерите“.
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд, максимални температури до 18 степени
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, претежно во јужните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно и посвежо со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 17 степени.
За време на викендот ќе се задржи променливо облачно и посвежо време. Во недела на повеќе места ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и услови за појава на изолирана нестабилност со грмежи. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.