Македонија
Цистерната со винилхлорид пристигна во Германија, следи согорување на оваа опасна материја
Министерството за животна средина и просторно планирање, фирмата „Екоцентар 97“ ДООЕЛ Скопје и Државниот инспекторат за животна средина информираат дека цистерната под притисок со винилхлорид мономер безбедно пристигна во Германија и се чека согорување на оваа опасна материја.
Согласно известувањето добиено од фирмата „Екоцентар 97“ ДООЕЛ Скопје и Државниот инспекторат за животна средина кој го надгледуваше целиот процес, постапката за извоз и безбедно транспортирање на винилхлорид мономер од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС” Скопје, комплетно е завршена.
„На 29.9.2020 година, согласно законските прописи за транспорт на ваков вид опасен отпад, однапред беше испратена најава дека ќе се врши извозот и беа известени надлежните институции и гранични премини на Северна Македонија, транзитните држави (Србија, Хрватска, Словенија и Австрија), како и земјата увозник – Германија.
На 2.10.2020 година во присуство на претставници од Државниот инспекторат за животна средина, безбедно со помош на соодветна дигалка се изврши утовар на цистерната во која беше преточен винилхлорид мономер на транспортно возило сопственост на транспортерот „Денис Гал“ – Бугарија, која ги поседува сите лиценци за меѓународен транспорт за ваков вид опасен отпад. Во истиот ден започна и се заврши царинската извозна постапка и веќе околу 17 часот транспортното возило товарено со цистерната ја напушти македонската територија.
Транспортот се одвиваше без никакви проблеми и на 6.10.2020 година транспортното возило со цистерната пристигна на терминал во Германија каде што се заврши царинската постапка, за потоа да се упати кон согорувачот SUEZ Sonderabfallgesellschaft mbh во Schkopau Germany. Истиот ден се изврши прием и цистерната е безбедно истоварена кај согорувачот. Согласно распоредот на согорувачот во идниот период очекуваме повратна информација кога винилхлоридот мономер ќе биде уништен“, се вели во соопштението.
Активноста е дел од проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС”- Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.