Македонија
Јанева: Разговарам со сите обвинети за да извлечам што повеќе информации, но во ниеден момент не сум тргувала со влијание
„Ја слушнав снимката објавена на порталите поврзана со случувањата за случајот ‘Рекет’. Фрапирана сум како моите постапки како специјален јавен обвинител се донесуваат во каква била корелација со случајот ‘Рекет’. Како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени, како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број информации како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно”, се вели во изјавата на специјалната обвинителка Катица јанева, која неодамна поднесе оставка на фунцијата.
Јанева вели дека разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање нови сознанија во корист на истрагата. „Поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина.
Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име”, вели Јанева.
Според неа, откако ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање, од страна на СЈО многу нешта ќе бидат појасни за јавноста.
„Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите, па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО, како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети кои се водат во обвинителството. Се надевам дека тоа нема да се случи.
Очекувам пратениците на седница на Собранието, во најбрз можен рок да го донесат Законот за ЈО на РСМ. Откако ќе се вратат сите обвинители од ЈО од годишен одмор, пред донесување на законот за ЈО, ќе има целосен отчет за досега сработеното во врска со истрагите и предистрагите кои се водат во СЈО. Тоа е моја обврска и задача што ќе ја презентирам пред јавноста и надлежните институции, со што ќе бидат отстранети сите евентуални притисоци кои би можеле да ги имаат обвинителите во СЈО кои и досега си ги работеа сите кривични предмети, се разбира во заедничка координација со мене. Потоа очекувам овие предмети кои се во СЈО да продолжат да се работат од страна на надлежното обвинителство, со што ќе се продолжи борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото”, се додава во изјавата на Јанева.
Италијанскиот весник „Ла верита” откако изутринава објави уште еден текст со нова снимка од разговори меѓу Јордан Камчев и Бојан Јовановски, познат како Боки 13, ги направи достапни за јавноста и сите други разговори кои ги поседува. Аудиодокументација во траење од над 12 минути утрово беше објавена на „Јутјуб“ и во неа се пренесуваат серија разговори меѓу Јордан Камчев, Бојан Јовановски, Зоран Милевски поврзани со случајот „Рекет“, а во еден момент се појавува и гласот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија, 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјава право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.