Македонија
Џафери смета дека Собранието нема основа за постапка против Богоевски
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека нема основа за постапка против пратеникот Павле Богоевски, која е во надлежност на Собранието. Од кабинетот на Џафери велат дека собранискиот спикер очекува надлежните институции да го расчистат случајот.
„Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија секогаш кога според Уставот и Деловникот на Собранието е должен да постапува, презема конкретни мерки и активности кои се во согласност со неговата надлежност. Во овој момент нема основа за каква било постапка. Претседателот на Собранието очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот“, велат од кабинетот на Џафери.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа оставка од пратеничката функција на Богоевски и најавија дека ќе покренат иницијатива да му се одземе мандатот.
„Богоевски призна дека нелегално купувал наркотични супстанци и го прекршил законот. Како што слушнавме на снимката од анонимен свиркач, Богоевски набавувал кокаин, па прашуваме дали тој има легитимитет како пратеник да одлучува во име на народот. Богоевски треба да одговори од каде вршел набавка, дали ја препродавал дрогата и колку време е корисник на нарко-супстанци. Доколку е чист, уште вчера требаше да направи тест за дроги. Ги повикуваме надлежните институции и ОЈО да покрене постапка и да го затвори случајот, а Заев веднаш да се фати за метлата. Ако нема, еве ние му оставаме една пред Собрание“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска.
Лавина реакции и повици за оставка на Богоевски следуваа и на социјалните мрежи откако беше објавена аудиоснимка со наслов „Павле Богоевски нарачува кокаин“, за која самиот Богоевски потврди дека станува збор за нелегално снимен разговор во такси, кој според него е изваден од контекст бидејќи нарачаувал масло од канабис за лекување на блиска личност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.