Uncategorized
Белорусија изгласа: Русија може да постави нуклеарно оружје на нејзина територија

Граѓаните на Белорусија на референдумот во неделата гласаа за промена на уставот, со кој се одобрува предлогот за откажување од ненуклеарниот статус, пренесоа руските новински агенции.
Овој потег, додава „Гардијан“, теоретски ќе ѝ дозволи на Русија да распореди нуклеарно оружје на белоруска територија првпат по распадот на Советскиот Сојуз, а одлуката за референдумот ќе стапи во сила десет дена по објавувањето во „Службен весник“, известува „РИА новости“.
Во саботата, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, рече дека ако Западот распореди нуклеарно оружје во Полска или Литванија, односно на границите на Белорусија, тогаш ќе побара од својот руски колега Владимир Путин да го врати нуклеарното оружје од Минск, од кое Белорусија безусловно се откажа.
Според агенцијата РИА, претседателот на Централната изборна комисија на Белорусија, Игор Карпенко, изјави дека 65,16 отсто од гласачите гласале за уставни измени. Западот веќе рече дека нема да ги признае резултатите од референдумот. Капенко додаде дека 10,07 отсто гласале против уставните измени.
„За промена на уставот гласале вкупно 4.440.813 лица, односно 65,16 отсто од луѓето, а против се изјасниле 686.165 лица или 10,07 отсто“, прецизира Карпенко, пренесе агенцијата ТАСС.
На референдумот излегле 78,63 отсто од гласачите.
Денеска е петти ден од почетокот на руската агресија врз Украина. Киев и Москва се согласија да почнат мировни преговори денеска бидејќи борбите продолжуваат вчера во неколку украински градови. Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот наутро најави „почеток на специјална воена акција“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
(Видео) Тасевска: Цените на основните продукти намалени до 10 отсто поради ограничените маржи

Владата предводена од СДСМ е силно посветена на заштита на стандардот на граѓаните, во време на најголема светска економска криза. Ја ограничивме трговската маржа за основните прехранбени продукти. За лебот, шеќерот и сончогледовото масло за јадење се утврдува трговска маржа до пет отсто на продажбата на мало и до пет отсто на продажбата на големо. За брашното, јајцата, оризот и тестенините се утврдува продажна маржа до 10 отсто во трговијата на мало и големо, изјави на денешната прес-конференција на СДСМ, Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
Таа додаде дека со ова ограничување на маржата, веќе има намалување до 10 отсто на крајната цена на овие производи во маркетите. Истовремено, продолжуваат засилени контроли за трговците, со цел да нема драстично зголемување на маржите и истите соодветно да се санкционираат.
Тасевска истакна дека оваа одлука ќе важи до 30 септември оваа година, со можност да се продолжи до крајот на годината. По усвојувањето на ребалансот на буџетот, следуваат мерки за поддршка на граѓаните и компаниите со цел полесно справување со последиците од кризата.
Од септември 330.000 пензионери ќе добијат повисоки пензии, а зголемување на платите од 15 отсто ќе добијат вработените во образованието, детската заштита и други сектори. Продолжуваме со вистинска грижа за стандардот на нашите сограѓани, изјави Тасевска.
Uncategorized
Две малолетни лица од Битола се повредени во сообраќајка со мопед

Синоќа во 21:58 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул. Ружа Делчева во Битола, мопед „априлија“ со битолски регистарски ознаки, управуван од малолетник од Битола, удрил во пешакот Б.В.(70) од Битола и во паркирано возило „сеат“ со битолски регистарски ознаки.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и малолетна сопатничка на мопедот, додека пешакот се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Битола.
Uncategorized
(Видео) Кузеска: По Талир 2, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да им се извинат на граѓаните и да ги вратат парите

Пресудата во случајот Талир 2 е победа на правдата врз најголемите корупциски скандали во државата и потврда за епските размери на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Исправена е уште една неправда нанесена врз грбот на граѓаните, истакна на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Судот со судска пресуда наложи заплена на луксузното седиште на ВМРО-ДПМНЕ и докажа дека Белиот дворец е стекнат на незаконски, криминален начин, со пари украдени од граѓаните. Не само Белиот дворец, запленет е и друг криминално стекнат имот на ВМРО-ДПМНЕ низ 30-тина градови во земјава. Криминалната шема на ВМРО-ДПМНЕ е грабај од граѓаните и трупај за себе, за партијата. И така 11 години.Додека граѓаните во тој период тешко живееја, ВМРО-ДПМНЕ си ја опремувало Белата плата со прескапи луксузи, со плочки од 100.000 евра, паркет од 76.000 евра, вазна од 180.000 евра“, нагласи Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, никогаш не се водела од интересот на граѓаните и сè што правела правела само за партијата. Така е до денеска, оценува таа.
„Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата криминална партија. Сега, по правосилноста на пресудата, се отвора можноста запленетиот имот да се продаде или да се пренамени. Парите и имотот треба да се вратат кај оние од коишто се земени, а тоа е се граѓаните. Ова е правично и праведно, затоа што тоа се пари кои биле украдени од граѓаните. Ова е потврда за криминалот и корупцијата, дрското кршење на законите, за обидот на ВМРО-ДПМНЕ да се стави над сè, над Уставот, државата и граѓаните“, додава Кузеска.
Според неа, наместо да се измислуваат оправдувања и вината да ја бараат на друго место, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да излезат пред граѓаните и да се извинат.
Побара да се извинат за целиот криминал, за грабежот што, како што рече, го направиле врз граѓаните и да побараат одговорност од секој што е вмешан во овој случај.
„Мицкоски треба да собере храброст и да се соочи со реалноста дека правда има и правда мора да има. Секој што го прекршил законот мора да одговара, а парите да се вратат назад, кај граѓаните“, нагласи Кузеска.