Uncategorized
Ким Џонг-нам умрел 15 до 20 минути по нападот со агенсот VX

Резултатите од обдукцијата покажаа дека Ким Џонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, умрел 15 до 20 минути по смртоносниот напад со агенсот VX, соопшти во неделата владата на Малезија, на чијашто територија се случи нападот.
Според снимките од надзорните камери Кон Џонг-нам бил отруен од две жени кои на 13-ти февруари му го испрскале лицето со хемискиот агенс на меѓународниот аеродром во малезиската престолнина Куала Лумпур, од каде што требало да отпатува во кинеската територија Макао каде што од 2001 година, по обидот да влезе во Јапонија со лажен пасош со две жени и дете, живее со семејството под заштита на властите во Пекинг.
Ким им се обратил за помош на аеродромските службеници, кои според неодамна објавените снимки го одвеле до аеродромскиот стационар, но починал на пат до болницата.
„Умел во возилото на итната медицинска помош… Мислам дека од примената на агенсот минале меѓу 15 и 20 минути“, изјави во неделата малезискиот министер за здравство С. Субраманиам.
„Дозите биле толку високи и дејствувале толку брзо во целото тело…, така што го погодиле срцето и белите дробови“, појасни Субраманиам.
Само 10 милиграми од оваа супстанција е потребно да се апсорбира за да стане смртоносна, додаде министерот кој оценува дека при труењето на Ким Џонг-нам е употребена далеку поголема доза.
Претходно беше објавено дека полицијата уапсила две жени за убиството на Ким Џонг-нам, кој некогаш беше сметан за можен лидер на Северна Кореја, 29-годишна државјанка на Виетнам и 25-годишна државјанка на Индонезија, а потоа и 26-годишен државјанин на Малезија, кој бил во врска со Индонезијката.
Според малезиските медиуми, полицијата во главниот град Куала Лумпур уапсила маж кој наводно е поврзан со убиството на Ким Џонг-нам. Во моментот на апсењето кај него е пронајден пасош на Северна Кореја. Беше истакнато во пасошот на приведениот маж имало штембили дека повеќепати престојувал во Малезија. Полицијата прецизира во соопштение дека осомничениот е идентификуван како Ри Џонг-чол, роден на 6-ти мај 1970 година. „Осомничениот е вмешан во убиството на северноорејскиот маж“, беше наведено во соопштението.
Тројца од четворица државјани на Северна Кореја за кои малезиските власти се сомневаат дека се поврзани со нападот, наводно одлетале од Џакарта во Дубаи истата вечер кога е извршен смртоносниот напад. Тие се идентификувани како Ри Џае-нам, Хонг Сонг-хак и Ри Џи-хјон, соопшти портпаролот на индонезискиот оддел за имиграција за Reuters. Во неделата беше објавено дека е осомничен и четврти маж, но за него деталите не се објавени.
Малезиската полиција во неделата соопшти дека четворица Севернокорејци осомничени за убиството одлетале од Малезија по нападот од 13-ти февруари. Малезискиот дневен весник The Star објави дека тие требало да се вратат во Пјонгјанг, преку Џакарта, Дубаи и Владивосток./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Охрид Трчат – Македонија се радува(т) (Фотогалерија)

Бодрење, натпреварувачка атмосфера и укинати случувања викендов во Охрид. Новото издание од „Охрид Трчат“ каде се трча рекреативна трка, полумаратон и штафета, беше причина за сите љубители на спортот да се соберат на едно место. Над 1.500 пријавени имаше за трката на 5 километри. Меѓу нив и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој поради оваа причина отворањето на маратонот го препушти на спортскиот директор.
Помеѓу тркачите, имаше и јавни фаци, познати спортисти, а учество земаа и деца. Десетици компании, неколку училишта и институции имаа свои тимови. Меѓу многуте учесници, имаше и девојчиња кои трчаа во македонски народни носии, а не им пречеше ниту сончевото време и високите температури.
„Кревет дан требит“, „Ен ти езеро, свежни се“, „Ко ќе ме опулиш, насмеј се“, „Превоз дан требит?“, беа само дел транспарентите на охриѓани со кои ги мотивираа учесниците.
„Охрид Трчат“ стана традиција во Охрид. Се одржува секоја година, пред почетокот на летната сезона.
Uncategorized
Протести во Белград против насилството: Ако има дно, го допревме тој ден

Во 18 часот пред Собранието на Србија започна нов протест „Србија против насилството“, петти по ред по трагедиите во белградското основно училиште и во две села кај Младеновац. Намерата на демонстрантите е во поворката од српскиот парламент да го опколат квартот каде што се наоѓа седиштето на претседателот на Републиката.
Денешниот протест можеби е уште помасовен поради острите реакции во јавноста откако претставници на владејачката Српска напредна странка во српскиот парламент ги нарекоа „ѓубриња“ актерите кои ги поддржаа демонстрантите и нивните барања. Оваа недела актерите објавија проглас во кој оценките на претставниците на СНС ги нарекуваат насилство.
Актерот и режисер Драган Бјелогрлиќ вечерва рече дека мисли оти денес има повеќе демонстранти од кога било.
„Посебно сакам да им се обратам на младите во Србија, пред еден месец бевме опфатени со трагедија каква што нашите луѓе не помнат. Трагедија која никогаш нема да ја преболиме и не треба да ја преболиме. Сите наши порази и несреќи , сите злосторства што сме ги направиле на другите и самите нас го допреле дното, а ако има дно, го допревме тој ден“, рече Бјелогрлиќ. „Тоа што вие младите излеговте на улица, што не сакате да живееме во ова соголено општество, дава надеж дека ќе се издигнеме од тоа дно“, рече Бјелогрлиќ.
Uncategorized
Турција гласаше – вечерва ќе се знае дали на чело на земјата ќе остане Ердоган или ќе застане Киличдароглу

Турција денеска за прв пат во историјата одлучува за претседател во вториот круг од изборите, а гласачките места се затворени.
Повеќе од 64 милиони граѓани со право на глас денеска избраа меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и кандидатот на опозициската Национална алијанса, Кемал Киличдароглу.
Ердоган, говорејќи пред новинарите по гласањето во училиште во Истанбул, истакна дека ова е првпат во Турција да се организира втор круг од претседателските избори.
Тој, исто така, го пофали високиот одѕив на гласачите во првиот круг и рече дека очекува одѕивот на гласачите денеска повторно да биде голем.
„Му се молам на Бога тие (изборите) да бидат корисни за нашата земја и нација“, рече тој.
Киличдароглу (74) вториот круг го опиша како референдум за иднината на земјата.
„Овие избори се одржаа во многу тешки околности, имаше разни клевети“, рече Киличдароглу по гласањето, додавајќи дека верува во здравиот разум на луѓето.
„Ќе дојде демократијата, ќе дојде слободата, луѓето ќе можат слободно да ги критикуваат политичарите на улиците“, рече Киличдароглу.
Тој гласаше во исто време со Ердоган, а локалната телевизија ги прикажа ривалите како гласаат на поделен екран.
Турција нема излезни анкети, но прелиминарните резултати се очекуваат да бидат познати за неколку часа.
Ердоган, кој ја водеше Турција 20 години, се смета за фаворит за освојување на нов петгодишен мандат во вториот круг, откако не успеа да победи во првиот круг на 14 мај за помалку од еден процент од гласовите.
Народната алијанса на Ердоган предводена од владејачката Партија на правдата и развојот освои мнозинство во државниот парламент во првиот круг.