Uncategorized
Општина Центар ќе ја урива дивоградбата на улиците „Самоилова“ и „Никола Карев“

Градоначалникот на општина Центар го потпиша барањето до МВР за давање помош при извршување на управни акти, за решението за отстранување на дива градба на аголот на улиците „Самоилова“ и булеварот „Никола Карев“.
Претходно е завршено барањето за јавна набавка и договорот со фирма која ќе ја урива дивоградбата. За отстранување на дивата градба сега се чека одлуката и одобрението на МВР за асистенција, кои имаат пет работни дена за изјаснување.
Овластен градежен инспектор на општина Центар во декември го затвори градилиштето за да се стопира градењето на диво. Кога објектот беше во фаза на ископ, инспекторот донесе решение за враќање во првобитна состојба, а решението никој не го примил и непознатиот инвеститор продолжил со градбата без неопходната техничка документација.
Овластен градежен инспектор на општина Центар беше на терен, заедно со градежен инспектор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, при што и двајцата инспектори констатираа дека се работи за дивоградба.
Неколкупати на објектот беше оставана покана за инвеститорот да дојде во општина Центар, но на ова никој не се одзва. Инвеститорот, кој по решението за затворање на градилиштето и по затворањето на истото со лента, иако требаше да престане со градежните активности и да пристапи кон отстранување на дивата градба, продолжи со работа.
Затоа, градоначалникот ги потпиша документите за да може да се започне со уривање на дивоградбата.
Општина Центар и натаму внимателно ја следи состојбата на терен и нема да дозволи дивоградби на територија на општината./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Османи на брифинг со граѓанскиот сектор за стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД

Во рамките на серијата средби на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со претставници од граѓанскиот сектор, на денешниот брифинг тој ги запозна невладините организации со значењето и придобивките од стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, лансиран во јуни минатата година во Вашингтон.
Во фокус на разговорите беа можностите за соработка со невладиниот сектор во делот на имплементацијата на планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог, кој покрива многубројни области за соработка, како што се: борбата против корупцијата и владеењето на правото, одбрана и безбедност, трговија и инвестиции, енергетика и животна средина, но и други значајни прашања од регионален и глобален интерес.
Воедно, Османи истакна дека е предвидено споменатиот план да се имплементира од страна на разни институции во земјата во периодот од 2023 до 2033 година, при што Министерството за надворешни работи е координатор на целокупниот процес.
„Планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог со САД содржи многубројни проекти и активности, чија реализација ќе придонесе за понатамошно поттикнување на демократските и реформските процеси, како и зајакнување на институциите, а со тоа гарантирање на целокупниот напредок на државата. Отворени сме за соработка со граѓанскиот сектор и на ова поле, што е на линија на нашата досегашна транспарентност и заложби за зајакнување на улогата на невладините организации во креирањето на надворешната политика“, заклучи Османи.
Uncategorized
Украина се огласи за налогот за апсење на Путин: Оваа наредба е само почеток

Високите украински функционери ја поздравија веста дека Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Владимир Путин.
Главниот обвинител Андриј Костин рече дека одлуката е „историска за Украина и за целиот меѓународен правен систем“.
Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател Зеленски, рече дека „наредбата е само почеток“.
Uncategorized
(Видео) Стојаноски: Обвинителството да отвори истрага за коруптивната шема со надзорот од 22 милиона евра

Јавното обвинителство да отвори истрага и да побара запирање на работата на конзорциумот „ИРД – ЕПТИСА – Електра солушн – Евроконсалтинг“, бара опозицијата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, објави дека некои од фактите укажуваат на коруптивна шема на вицепремиерот Артан Груби и премиерот Димитар Ковачевски со надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10д.
„Прво, власта распишува тендер за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д, тендерот го добива конзорциум воден од ИГХ, во чиј состав е Институтот за патишта – Велес на Сотир Ампов, договорот се раскинува затоа што конзорциумот не може да обезбеди банкарска гаранција поради фактот што сите пари, кои се руски, им се замрзнати.
2. Власта објавува нов тендер.
3. Во ек на постапката за доставување понуди, фирмата „Електра солушн“ на Андон Ампов, син на Сотир Ампов, вади лиценца за надзор префрлајќи вработени од фирмата на татко му кај која во првиот тендер е востановена руска врска.
4. Рокот за доставување понуди се продолжува за 8 дена. Се сè вклопува совршено, „Електра солушн“ да може да поднесе документи.
5. Покрај продолжување на рокот за поднесување понуди, се менува и условот – фирмите што ќе поднесат понуди да имаат позитивни финансиски биланси, и се овозможува и фирми загубари како ЕПТИСА да поднесат, која влегува во конзорциум со „Електра солушн“, „Евроконсалтинг“ и ИРД. Овој конзорциум го добива тендерот.
6. Шеста причина, смената на условите во постапката индицираат дека тие се направени за „ИРД – ЕПТИСА – Евроконсалтинг – „Електра солушн“.
7. ЕПТИСА е сопственост на кинеска фирма. Капиталот е во целост кинески. Менаџментот на ЕПТИСА е кинески.
8. ЕПТИСА, а преку неа Кинезите, ќе имаат увид во работата на „Бехтел“ и нивната технологија.
9. ЕПТИСА е фирмата во чиј конзорциум заедно со „Савеж“ во Ерменија бил ангажиран Бранимир Димитриевиќ, сопственик на „Евроконсалтинг“, третата фирма во конзорциумот. Бранимир Димитриевиќ во Ерменија е гонет за криминал од 1,8 милион долари. Против него е подигнато обвинение, а тој избега од Ерменија со помош на дипломати во време кога со Владата управува СДС.
Фирмата на Димитриевиќ во Македонија ќе врши надзор за криминал на иста работа. Во Ерменија тој се гони со меѓународна потерница. Криминалот го направил како одговорен на проектот на конзорциумот „Савеж – ЕПТИСА“.
Ерменската шема Димитриевиќ – ЕПТИСА, од која едниот е гонет за криминал, а фирмата е поврзана со кинески капитал, и руската врска на Ампови, кои се присутни и во двата договор, еднаш преку Институтот за патишта во Велес, другпат преку „Електра солушн“ го земаат тендерот од 22 милиона евра.
Ако ова не се доволни индиции за отворање истрага, тогаш Абази нека почека, но потоа ќе мора да одговори и зошто молчел и дали и кого штител“, рече Стојаноски.