Uncategorized
„Охридско лето“ приредува Вечер на романтична музика за виола
Во рамките на Вечерта на романтична музика за виола на „Охридско лето“, вечерва концерт ќе одржат Блерим Груби на виола и пијанистката Марија Вршкова.
На програмата се дела од композиторите Роберт Шуман и Франц Шуберт.
Уметникот Блерим Груби дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде и магистрира во класата на проф. Љ. Господинов. Се усовршува на мајсторски курсеви кај познатиот виртуоз на виола Јуриј Башмет на Академијата „Чигана“ во Сиена.
По завршувањето на студиите започнува да работи во Македонската филхармонија. Паралелно, тој континуирано ја развива и солистичката дејност, како рецитален и камерен уметник, земајќи учество во реномирани состави и настапувајќи на фестивали во земјите на поранешна Југославија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија и САД.
Блерим Груби бил водач на група виоли на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, работел со ансамблите „Купрен“, „Вивенди“ и гудачкото трио „Косова“, студиото „Бахус“, а како солист настапува со Македонската филхармонија, оркестарот Скопски солисти, Камерниот оркестар на М.Ф., Камерниот оркестар на РТС, Симфонискиот оркестар на Радио телевизија Тирана, Оркестарот на операта и балетот од Тирана, Камерниот оркестар „Приштина“, Косовската филхармонија и др. Основал и подготвувал програма за натпревари и конкурси, а е иницијатор и основач на повеќе ансамбли, фондации и организации како Арс Косова, Сојузот на албански музички и балетски уметници во Македонија, а во 2012 година на покана од Универзитетот Коломбо-Париз, Франција одржува мајсторски курс за виола.
Тој има снимено две ЦД-а и ги има промовирано во Скопје, Приштина и Тирана. Актуелно е професор на Државниот универзитет во Тетово и на Приштинскиот универзитет.
Пијанистката Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена кум лауде, во класата на професорот Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија.
Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти.
Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници, Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010 година, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали во Македонија, како „Охридско лето“, ДММ, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“.
Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на Интернационалниот натпревар „Охридски бисер“ во 2009 година, како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 година и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ- Скопје.
Концертот на македонските уметници Груби и Вршкова ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути, а ќе може дасе следи и во живо на веб-страницата на „Охридско лето“ www.ohridskoleto.com.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
22-годишен Турчин со тротинет тешко повреди 55-годишна жена на Партизанска и избега, полицијата го бара
Скопјанка е тешко повредена од возач на тротинет кој избегал од местото на несреќата што се случила вчера попладне на булеварот Партизански одреди во Скопје.
„Ф.Е.Т.(22) од Турција, управувајќи тротинет, удрил во пешакот К.Б.(55) од Скопје и го напуштил местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила К.Б., констатирани во Јавна здравствена установа ’Св.Наум Охридски’, Скопје“, соопшти МВР.
Полицијата направила увид на местото на несреќата и презема мерки за пронаоѓање на 22-годишниот возач на тротинет.
Uncategorized
СДСМ реагира по обраќањето на премиерот: Место мерки прочита цени на горива, граѓаните со празни фрижидери за Велигден
Наместо мерки за високите цени кои постојано растат 45 дена, Мицкоски, македонскиот Далај Лама повторно излезе со празен, холистички и филозофски настап – без резултати, да чита цени на горива од владината говорница, обвини преку соопштение СДСМ по обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски за намалувањето на цените на горивата.
„Месец и половина растат цените. Јагнешкото месо надмина 700 денари за килограм, јајцата, млечните производи, маслото, зеленчукот – сè е поскапено. Основните производи станаа луксуз за огромен дел од граѓаните.
Велигденската трпеза оваа година е полупразна, затоа што е најскапа досега.
Ама Мицкоски не објавува мерки за намалување на цените и заштита на животниот стандард, туку чита цени на горивата – кои ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика.
Очигледно затоа што и Регулаторната комисија не е независна, туку дел од неговата бизнис мрежа.
Каков дилетант. Веќе 45 дена цените се на високо ниво, без ниту една сериозна интервенција од Владата. Нема мерки, нема план, нема грижа за граѓаните.
Резултатот е јасен: Граѓаните се оставени сами на себе, токму пред Велигден – со празни фрижидери и полупразни трпези.
Оваа Влада на Мицкоски не се бори против скапотијата – туку за бизнис интересите. А граѓаните ја плаќаат цената.
’Де факто’ и ’де јуре’ македонскиот Далај Лама ги лаже граѓаните повторно, исто како што лажеше за време на кампањата дека ќе го врати името и клечеше за власт. Сега Македонија е на колена“, стои во соопштението од СДСМ.
Uncategorized
ПСЖ понудиле 55 милиони за Де Јонг
ПСЖ испрати официјална понуда за играчот од средниот ред на Барселона, Френки де Јонг (28), но од „Камп Ноу“ дојде решителен одговор. Актуелниот европски шампион понуди 55 милиони евра, но каталонскиот клуб ја отфрли таа сума и постави значително построги услови за евентуален трансфер.
Понудата на ПСЖ вклучуваше исплата од 55 милиони евра на рати, што е вообичаена практика во модерниот фудбал. Сепак, челниците на Барселона ја одбиле понудата, незадоволни од сумата и начинот на исплата.
Каталонците бараат 70 милиони евра за холандскиот играч од средниот ред, но клучниот детаљ не е само износот на обештетувањето. Барселона инсистира целата сума да се исплати веднаш, без никакви одложувања или плаќања на рати.
Таквиот цврст став значително ги комплицира преговорите и го става францускиот клуб пред одлука дали да ја зголеми понудата и да ја промени структурата на плаќање.
Френки де Јонг е познат со години како еден од најважните играчи во средниот ред на Барселона. Неговиот технички квалитет и преглед на играта го прават високо ценет на пазарот.
И покрај финансиските предизвици со кои се соочува клубот, Барселона со оваа одлука испраќа јасна порака дека нема намера лесно да ги продаде своите клучни играчи.
Foto/ Depositphotos
