Uncategorized
„Охридско лето“ приредува Вечер на романтична музика за виола
Во рамките на Вечерта на романтична музика за виола на „Охридско лето“, вечерва концерт ќе одржат Блерим Груби на виола и пијанистката Марија Вршкова.
На програмата се дела од композиторите Роберт Шуман и Франц Шуберт.
Уметникот Блерим Груби дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде и магистрира во класата на проф. Љ. Господинов. Се усовршува на мајсторски курсеви кај познатиот виртуоз на виола Јуриј Башмет на Академијата „Чигана“ во Сиена.
По завршувањето на студиите започнува да работи во Македонската филхармонија. Паралелно, тој континуирано ја развива и солистичката дејност, како рецитален и камерен уметник, земајќи учество во реномирани состави и настапувајќи на фестивали во земјите на поранешна Југославија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија и САД.
Блерим Груби бил водач на група виоли на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, работел со ансамблите „Купрен“, „Вивенди“ и гудачкото трио „Косова“, студиото „Бахус“, а како солист настапува со Македонската филхармонија, оркестарот Скопски солисти, Камерниот оркестар на М.Ф., Камерниот оркестар на РТС, Симфонискиот оркестар на Радио телевизија Тирана, Оркестарот на операта и балетот од Тирана, Камерниот оркестар „Приштина“, Косовската филхармонија и др. Основал и подготвувал програма за натпревари и конкурси, а е иницијатор и основач на повеќе ансамбли, фондации и организации како Арс Косова, Сојузот на албански музички и балетски уметници во Македонија, а во 2012 година на покана од Универзитетот Коломбо-Париз, Франција одржува мајсторски курс за виола.
Тој има снимено две ЦД-а и ги има промовирано во Скопје, Приштина и Тирана. Актуелно е професор на Државниот универзитет во Тетово и на Приштинскиот универзитет.
Пијанистката Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена кум лауде, во класата на професорот Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија.
Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти.
Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници, Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010 година, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали во Македонија, како „Охридско лето“, ДММ, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“.
Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на Интернационалниот натпревар „Охридски бисер“ во 2009 година, како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 година и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ- Скопје.
Концертот на македонските уметници Груби и Вршкова ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути, а ќе може дасе следи и во живо на веб-страницата на „Охридско лето“ www.ohridskoleto.com.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Николовски на четвртата работилница од програмата за управување со пожари на ниво на предел: Оваа програма е од особено значење за државата
Денеска, се одржува четвртата работилница од осумгодишната програма за управување со пожари на ниво на предел, на која учествуваа претставници од речиси сите релевантни институции, како и приватни организации и здруженија.
Постојаното зголемување на температурата предизвика глобално затоплување на планетата и променливи временски услови, засилени, неочекувани и понекогаш екстремни климатски непогоди, кои претставуваат сериозна закана на глобално, регионално и на национално ниво. Овие промени ја зголемуваат веројатноста за интензивни пожари на ниво на предел загрозувајќи ги екосистемите, ризикот за животот на населението и пределите од кои луѓето егзистираат.
„Оваа програма е од особено значање за државата и јасно ја отсликува нашата свесност за влијанието на климатските промени и потребата да имаме национална стратегија како да управуваме со пожари на ниво на предел. Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан веќе година и пол спроведува активности во нашата држава, каде што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е активен партнер и е државна институција, која е одговорна за спроведување и имплементација на активностите на национално ниво со стручната и експертска поддршка обезбедена од страна на Регионалниот центар за следење шумски пожари од Скопје. Оваа програма, која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координирана од ФАРМАХЕМ – Скопје и со советодавна поддршка на ХЕЛВЕТАС од Швајцарија, има цел преку активна работа на сите учесници да придонесе за ублажување на негативното влијание од пожарите на ниво на предел во Западен Балкан и да придонесе кон намалување на влијанието на климатските промени. Со тоа ќе се постигне зголемување на отпорноста на шумите во Западен Балкан, од кое директна корист ќе имаат локалното население, шумскииот биодиверзитет, односно целиот екосистем карактеристичен за одреден предел“, посочи министерот Николовски.
Она што ја прави оваа програма уште позначајна е тоа што таа се спроведува во седум земји од Западен Балкан и има цел да ја подобри регионалната соработка помеѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Балканските држави се поврзани меѓусебно за заедничко координирано управувањето со пожарите на ниво на предел. Во таа наша заедничка активност вклучени се претставници од повеќе институции, организации и здруженија, како и локалното население, што силно придонесува да се подигне јавната свест за заштита на природните ресурсии и важноста на личниот придонес на секој поединец.
Од друга страна, освен регионалната соработка, програмата предвидува и национален ангажман и посветена работа на нашата национална мрежа, која преку еден отворен и транспарентен процес изработи извештај за управување со пожарите на ниво на предел во Северна Македонија, кој денеска беше презентиран. Овој извештај како заеднички производ има цел да придонесе кон подобро разбирање на состојбата со пожарите на ниво на предел во Северна Македонија земајќи ги предвид шумите и другото шумско земјиште како главен екосистем во кој се случуваат пожарите, вклучувајќи ги и пределите, односно целокупниот пејзаж, кој е потенцијално загрозен од пожар. Извештајот јасно ги детектира слабостите на системот и дава насоки за подобрување на состојбата и изготвување национална стратегија како основа и клучен документ врз кој ќе се водат идните политики за управување и заштита на шумите и пределите од пожарите.
„Програмата е сеопфатна, пристапот е фронтален со широко учество на релевантни државни институции, но и приватни органзиации и здруженија, како и силна регионална соработка. Заедно сме во овој процес, затоа што така сме посилни, подготвени, координирани, обучени и мотивирани заедно да се бориме против влијанијата на климатските промени и потенцијалните опасности од пожар. Ова е нешто што одамна ни требаше, но никогаш не е доцна за подобрување на состојбите и затоа ми е драго што имаме ваква програма, која веќе ги дава првите резултати“, рече министерот Николовски во своето поздравно обраќање пред присутните.
Николовски упати искрена благодарност до сите учесници за активниот придонес кон напредокот на програмата за управување со пожари на ниво на предел. Како резултат на досегашната работа на националната мрежа имплементирани се принципи за управување со пожари на ниво на предел во новиот закон за шумите, кој е во владина постапка за негово усвојување, а во фаза на изработка се и три нови правилници, кои произлегуваат од него.
Програмата за управување со пожари на ниво на предел е осумгодишен проект, кој со одговорна и посветена работа и во наредните години ќе придонесе за да ја достигнеме нашата заедничка цел, а тоа е да изградиме национални екосистеми отпорни на пожари.
Uncategorized
Москва: Бројот на повредени во нападот во „Крокус сити хол“ се зголеми на 360 лица
Бројот на повредени во нападот на концертната сала „Крокус сити хол“ се искачи на 360, соопшти денеска медицинската служба.
„Со податоците од утринава, во терористичкиот напад се повредени 360 лица, меѓу кои 11 деца“, се наведува во соопштението што го пренесува „Тас“.
Вкупно 92 лица повредени во нападот се хоспитализирани, 63 веќе се отпуштени од болниците, а 205 се на амбулантско лекување, додаде здравствениот претставник.
Исламската држава ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во петокот вечерта во „Крокус сити хол“, во предградието на Москва, во кој загинаа најмалку 139 лица.
За нападот се уапсени 11 осомничени, меѓу кои и четворица вооружени напаѓачи, кои биле приведени во областа Брјанск, југозападно од Москва, додека се обидувале, како што тврдат руските власти, да побараат засолниште преминувајќи ја блиската украинска граница, пренесува „Танјуг“.
Uncategorized
Уапсена 60-годишна скопјанка: нападнала 33-годишен маж, а подоцна и полицаец
Синоќа, во 23.20 часот, полициски службеници од ОВР Кичево ја лишиле од слобода В. Ј. (60) од Скопје.
Таа, претходно, на улицата Трајче Стрезоски во Кичево, физички го нападнала Ф. С. (33) од Скопје и ја оштетила неговата службена опрема, а потоа во службените простории на ОВР Кичево, каде што била повикана на разговор, физички го нападнала полицискиот службеник и го уништила изготвениот службен материјал.
По целосно документирање на настанот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.