Uncategorized
Потврдена смртта на најбараниот француски џихадист
Тестовите на ДНК потврдија дека џихадистот, опишан како најбараниот француски терорист кој инспирирал неколку терористички напади на француска земја, е убиен во напад со дрон во Ирак, јавија медиумите во среда.
Смртта на францускиот џихадист Рашид Касим, кој се сомничи дека инспирирал неколку напади во Франција, е потврдена со ДНК тестови, според извештаите во француските медиуми.
Медиумот LC, прв јави за потврдата каде се вели дека Американските тајни служби имаат доказ преку ДНК тестови дека се работи за Касим, кој бил цел на нападот со дрон во Ирак што се случи порано овој месец, и дека тој навистина е убиен.
Извештајот доаѓа откако Пентагон, минатиот петок објави сека Касим бил цел на напад од воздух на коалицијата во ирачкиот град Мосул, но неговата смрт не беше потврдена.
Касим кој е на возраст од триесетина години, се верува дека го поттикнал нападот во кој француски полицаец и неговиот партнер беа убиен со нож, лани и на уште еден напад во кој постар свештеник беше убиен со пресекување на неговиот врат.
Тој се сомничи дека се служел со енкрипирана апликација Telegram преку која стигнувал до директните напаѓачи во Франција од територијата контролирана од исламска држава во Сирија.
Касим е роден во Роана во долината на Лоара, а се сомничи дека ги раководи терористичките напади во Франција од Сирија и дека има испратено бројни повици за убиства преку интернет.
Облечен во маскирна униформа со црн турбан на главата, со црна долга брада, Касим е забележан во јули лани, на пропагандно видео на ИС, во кое се слави „делото“ на терористот во Ница кога со камион прегази и уби 86 луѓе на Денот на Бастиља на 14 јули.
Ирачките сили поддржани од САД во моментот се борат да го заземат западниот дел на Мосул кој се уште е под контрола на ИС.
Франција, која учествува во коалицијата предводена од САД која се бори против ИС во Ирак и Сирија, е цел на серија џихадистички напади од 2015 година, во кои загинаа 238 луѓе./крај/тл/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Демири, Ставридис, Ди Џовани и Јохансен: Бележиме зголемување на опфатот со вакцинација, но сè уште е под препорачаните 95 отсто
Министерот за здравство д-р Илир Демири, специјалната претставничка на СЗО во земјава, д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ за Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани и д-р Кети Ставридис од Институтот за јавно здравје, одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа за опфатот со имунизација во државата по повод одбележување на Европската недела за имунизација.
Демири, потенцираше дека Министерството за здравство со поддршка на УН агенциите презема повеќе активности за одбележување на Европската недела на имунизација.
-Се организира акција која веќе е во тек, таканаречена „спринт за имунизација“, каде над 70 тимови на доктори и медицински сестри ќе излезат на терет и ќе посетат над 3.000 семејства на невакцинирани деца со фокус на вакцинација за пертусис и морбили. Исто така, Министерството за здравство од Програмата за имунизација обезбеди средства за сите вакцинални пунктови при здравствените домови низ Македонија достојно да ја одбележат неделата за имунизација со настани поврзани за прмоција, рече Демири.
Тој апелираше до родителите да ги вакцинираат децата, затоа што високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет.
-Со редовна вакцинација ги заштитуваме децата, најблиските и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Вакцините се апсолутно безбедни, а со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита од заразни болести се постигнати најдобрите резултати во историјата на медицината“, изјави Демири.
Д-р Ставридис ги презентираше најновите бројки во однос на стапката за вакцинација во 2023 година, од што може да се констатира дека опфатот со задолжителните вакцини во земјава сè уште е под препорачаните 95% и за сите вакцини е под 90 отсто.
-Во нашата земја по дваесет години, првпат во 2020 година, е регистриран опфат под 90 отсто за примовакцинација со три дози на ДиТеПер/ИПВ вакцина. Во текот 2023 година, опфатот за примовакцинацијата со три дози на ДиТеПер/ИПВ/ХиБ вакцина, како и вакцината против хепатит Б, бележи зголемување во однос на 2021 и 2022 година, но сепак е понизок од 90%. Опфатот на примовакцинација (со три дози) со вакцините вклучени во поливалентните вакцини (ХиБ/ДиТеПер/ИПВ), бележи зголемување во однос на 2022 година (84,1%) и изнесува 86,3 %, а за вакцината против Хепатит Б изнесува 85,8%, посочи д-р Ставридис.
ДиЏовани ги повика родителите да ги вакцинираат своите деца за враќање на колективниот имунитет.
-Не чекајте да избие епидемија за да ги заштитите вашите деца. Веројатно не се сеќавате дека вашите родители ве одвеле на вакцинација, но со тоа помогнале да станете дел од едно од најголемите достигнувања на човештвото. Обезбедете им ја на вашите деца заштитата што ви ја дале вашите родители во минатото. Заедно можеме да направиме пресврт и да го вратиме колективниот имунитет, изјави ДиЏовани.
Јохансен потенцираше дека во моментов со финансиска поддршка на УСАИД, Светската здравствена организација ја поддржува иницијативата „Спринт за имунизација“ низ целата земја.
-Оваа иницијатива има за цел да ја подобри пристапноста и да ги зголеми стапките на покриеност во сите региони на државата преку проширување на достапноста за услугите за вакцинација на локално ниво, обезбедување вакцинација на самото место преку мобилни тимови за вакцинација на национално ниво и делење информативни материјали за имунизација базирани на докази. Овие наши активности ќе траат сè додека секое лице кое ги исполнува условите не биде целосно вакцинирано. СЗО ќе продолжи и во иднина да ги поддржува владините напори за зајакнување на програмите за имунизација, вклучително и поддршка во развојот на новиот Правилник за имунизација, зајакнување на капацитетите за планирање и спроведување на процесите на вакцинација и поддршка на успешното спроведување на националниот план за вакцинација и многу повеќе, истакна Јохансен.
Во однос на вакцинацијата, опфатот со ротавирусната вакцина (од воведувањето во 2019 година) континуирано бележи пораст, достигнувајќи 67,9 отсто.
Опфатот со МРП вакцинација, бележи зголемување во однос на 2022 година (70,7%), но сè уште има низок опфат од 73,4 отсто што е далеку од препорачаниот опфат од 95 отсто.
Вакцината против ХПВ инфекција, како и секоја година од воведувањето, има најнизок опфат (56,6%). Сепак, бележи зголемување на опфатот во однос на 2022 година (52,5%), а особено во однос на 2020 година (35,5%).
Со исклучителен успех е спроведена вакцинацијата на територијата на Пехчево, каде опфатот за сите вакцини е 100 отсто. На територијата на ЦЈЗ Кочани, ЦЈЗ Кочани/ПЕ Виница, ЦЈЗ Охрид/ПЕ Дебар и ЦЈЗ Куманово/ ПЕ Кратово за сите вакцини опфатот е над 90 отсто, а за одредени вакцини достигнува 100 отсто.
Uncategorized
Изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје 2024“
На 23 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов од поетот Ацо Шопов. Балетскиот триптих ќе се изведе во рамките на јубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“.
Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата се на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски (изведба: диригент Сашо Татарчевски со Женскиот младински хор при МКЦ), сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм – Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков.
Поезијата на Шопов, односно истоимениот циклус поезија на сцената на Националната опера и Балет, ќе биде прочитана со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и другите уметници. Во формат на триптих балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно сплотување на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.
Uncategorized
Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра
Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци незаконски добивале пари од државата оти не го исполнувале условот да немаат регистрирано возило на свое име. Техничкиот министер за труд, Ѓоко Велковски, денес извести дека со незаконските исплати овие лица го оштетиле буџетот на Министерството за над 2,5 милиона евра.
„Констатирани се 1.134 незаконски исплати на социјална помош, која траела од јуни 2022 година до моментот кога го објавивме скандалот за што буџетот на Министерството е оштетен за 155.038.530 денари или над 2,5 милиона евра. Во моментот изготвени и донесени се 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци. Граѓаните имаат право на редовен правен лек до второстепените органи, па дури потоа центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства“, рече техничкиот министер Велковски.
Во ковид-кризата беа олеснети условите за користење на социјалните права од аспект на поседување и користење моторно возило и во системот влегле сите возила постари од пет години. Но, по завршувањето на кризата, во системот останале таквите лица и продолжиле да добиваат помош иако не го исполнуваат условот да немаат возило.
„Ковид-кризата завршува на 30.6 2022 година, но ништо не се презело за преиспитување на предметите на корисниците што поседуваат регистрирано моторно возило и тие останале во системот за социјална заштита и ги користеле правата. Некои директори на центрите за социјална работа самоиницијативно вршеле проверка и правеле прекини во изминатиот период додека тоа не бил случај кај другите“, рече техничкиот министер Велковски.
Техничкиот министер најави дека истражните органи ќе утврдуваат чија е вината за незаконската исплата на социјална помош оти тој, како што нагласи, не бил ниту истражител ниту обвинител, туку имал обврска да ја сопре незаконската исплата на државни пари. Тој за милионската проневера со социјалната помош ја извести јавноста пред еден месец кога најави вонредни надзори во сите центри за социјална заштита во државата.