Uncategorized
Претседателот на стрелачки клуб од Штип украл 1.300.000 денари од клубот и муниција
Претседателот на стрелачкиот клуб од Штип заедно со уште тројца членови на клубот, украле повеќе од 1.300.000 денари од клубот, со злоупотреба на службената положба.
СВР Штип поднесе кривична пријава против З.П.(50), М.К.(60), А.С.(50) и С.П.(62) сите од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела: “злоупотреба на службената положба и овластување“, “проневера во службата“ и “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Првопријавениот како претседател на здружението “Стрелачки клуб Штип“, во периодот од 27.01.2012 година до 01.08.2016 година искористувајќи ја својата службена положба и овластување и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување со намера да се стекне со противправна имотна корист, во повеќе наврати противправно присвоил парични средства во вкупен износ од 1.329.199 денари кои биле остварувани како приход во правното лице “Стрелец 2008“ ДООЕЛ Штип, врз основа на наплата на услуги за извршено полагање со дополнително оружје, додека второ, трето и четврто пријавените како управители во наведеното правно лице во наведениот период наместо парите од горепосочената сум да ги уплаќаат како дневен промет истите му ги предавале на првопријавениот.
Покрај ова, во периодот од 01.01.2015 до 30.07.2016 година првопријавениот противправно за себе присвоил уште околу 13.000 парчиња муниција останати од извршените обуки и полгање, а во вредност од околу 445.000 денари. Во истиот период првопријавениот незаконски потпишувал банкарски налози и неовластено исплаќал парични средства према доверителите во износ од 4.401.387 денари со што овозможил тие да се стекнат со некаква корист на штета на правното лице, а во периодот од 01.06.2013 до 31.08.2016 година во повеќе наврати незаконски потпишувал испратници за гориво кое не било полнето во возилото сопственост на здружението нанесувајќи штета во износ од 202.377 денари.
Во периодот од 2012 до 2015 година првопријавениот набавил над 2.000 броја прирачници за ракување со огнено оружје од правното лице „Лидеа принт“ Штип кои на кандидатите ги продавал по цена пониска од набавената при што го оштетил правното лице „Стрелец 2008“ Штип во износ од 117.645 денари, а од правното лице „Лидеа принт“ Штип противправно се стекнал со парични средства од 36.000 денари на име наоѓање работа. Од извршениот претрес во домот на првопријавениот пронајдена и одземена е поголема количина на муниција која истата недозволено ја држел во домот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Демири, Ставридис, Ди Џовани и Јохансен: Бележиме зголемување на опфатот со вакцинација, но сè уште е под препорачаните 95 отсто
Министерот за здравство д-р Илир Демири, специјалната претставничка на СЗО во земјава, д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ за Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани и д-р Кети Ставридис од Институтот за јавно здравје, одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа за опфатот со имунизација во државата по повод одбележување на Европската недела за имунизација.
Демири, потенцираше дека Министерството за здравство со поддршка на УН агенциите презема повеќе активности за одбележување на Европската недела на имунизација.
-Се организира акција која веќе е во тек, таканаречена „спринт за имунизација“, каде над 70 тимови на доктори и медицински сестри ќе излезат на терет и ќе посетат над 3.000 семејства на невакцинирани деца со фокус на вакцинација за пертусис и морбили. Исто така, Министерството за здравство од Програмата за имунизација обезбеди средства за сите вакцинални пунктови при здравствените домови низ Македонија достојно да ја одбележат неделата за имунизација со настани поврзани за прмоција, рече Демири.
Тој апелираше до родителите да ги вакцинираат децата, затоа што високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет.
-Со редовна вакцинација ги заштитуваме децата, најблиските и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Вакцините се апсолутно безбедни, а со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита од заразни болести се постигнати најдобрите резултати во историјата на медицината“, изјави Демири.
Д-р Ставридис ги презентираше најновите бројки во однос на стапката за вакцинација во 2023 година, од што може да се констатира дека опфатот со задолжителните вакцини во земјава сè уште е под препорачаните 95% и за сите вакцини е под 90 отсто.
-Во нашата земја по дваесет години, првпат во 2020 година, е регистриран опфат под 90 отсто за примовакцинација со три дози на ДиТеПер/ИПВ вакцина. Во текот 2023 година, опфатот за примовакцинацијата со три дози на ДиТеПер/ИПВ/ХиБ вакцина, како и вакцината против хепатит Б, бележи зголемување во однос на 2021 и 2022 година, но сепак е понизок од 90%. Опфатот на примовакцинација (со три дози) со вакцините вклучени во поливалентните вакцини (ХиБ/ДиТеПер/ИПВ), бележи зголемување во однос на 2022 година (84,1%) и изнесува 86,3 %, а за вакцината против Хепатит Б изнесува 85,8%, посочи д-р Ставридис.
ДиЏовани ги повика родителите да ги вакцинираат своите деца за враќање на колективниот имунитет.
-Не чекајте да избие епидемија за да ги заштитите вашите деца. Веројатно не се сеќавате дека вашите родители ве одвеле на вакцинација, но со тоа помогнале да станете дел од едно од најголемите достигнувања на човештвото. Обезбедете им ја на вашите деца заштитата што ви ја дале вашите родители во минатото. Заедно можеме да направиме пресврт и да го вратиме колективниот имунитет, изјави ДиЏовани.
Јохансен потенцираше дека во моментов со финансиска поддршка на УСАИД, Светската здравствена организација ја поддржува иницијативата „Спринт за имунизација“ низ целата земја.
-Оваа иницијатива има за цел да ја подобри пристапноста и да ги зголеми стапките на покриеност во сите региони на државата преку проширување на достапноста за услугите за вакцинација на локално ниво, обезбедување вакцинација на самото место преку мобилни тимови за вакцинација на национално ниво и делење информативни материјали за имунизација базирани на докази. Овие наши активности ќе траат сè додека секое лице кое ги исполнува условите не биде целосно вакцинирано. СЗО ќе продолжи и во иднина да ги поддржува владините напори за зајакнување на програмите за имунизација, вклучително и поддршка во развојот на новиот Правилник за имунизација, зајакнување на капацитетите за планирање и спроведување на процесите на вакцинација и поддршка на успешното спроведување на националниот план за вакцинација и многу повеќе, истакна Јохансен.
Во однос на вакцинацијата, опфатот со ротавирусната вакцина (од воведувањето во 2019 година) континуирано бележи пораст, достигнувајќи 67,9 отсто.
Опфатот со МРП вакцинација, бележи зголемување во однос на 2022 година (70,7%), но сè уште има низок опфат од 73,4 отсто што е далеку од препорачаниот опфат од 95 отсто.
Вакцината против ХПВ инфекција, како и секоја година од воведувањето, има најнизок опфат (56,6%). Сепак, бележи зголемување на опфатот во однос на 2022 година (52,5%), а особено во однос на 2020 година (35,5%).
Со исклучителен успех е спроведена вакцинацијата на територијата на Пехчево, каде опфатот за сите вакцини е 100 отсто. На територијата на ЦЈЗ Кочани, ЦЈЗ Кочани/ПЕ Виница, ЦЈЗ Охрид/ПЕ Дебар и ЦЈЗ Куманово/ ПЕ Кратово за сите вакцини опфатот е над 90 отсто, а за одредени вакцини достигнува 100 отсто.
Uncategorized
Изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје 2024“
На 23 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов од поетот Ацо Шопов. Балетскиот триптих ќе се изведе во рамките на јубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“.
Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата се на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски (изведба: диригент Сашо Татарчевски со Женскиот младински хор при МКЦ), сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм – Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков.
Поезијата на Шопов, односно истоимениот циклус поезија на сцената на Националната опера и Балет, ќе биде прочитана со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и другите уметници. Во формат на триптих балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно сплотување на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.
Uncategorized
Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра
Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци незаконски добивале пари од државата оти не го исполнувале условот да немаат регистрирано возило на свое име. Техничкиот министер за труд, Ѓоко Велковски, денес извести дека со незаконските исплати овие лица го оштетиле буџетот на Министерството за над 2,5 милиона евра.
„Констатирани се 1.134 незаконски исплати на социјална помош, која траела од јуни 2022 година до моментот кога го објавивме скандалот за што буџетот на Министерството е оштетен за 155.038.530 денари или над 2,5 милиона евра. Во моментот изготвени и донесени се 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци. Граѓаните имаат право на редовен правен лек до второстепените органи, па дури потоа центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства“, рече техничкиот министер Велковски.
Во ковид-кризата беа олеснети условите за користење на социјалните права од аспект на поседување и користење моторно возило и во системот влегле сите возила постари од пет години. Но, по завршувањето на кризата, во системот останале таквите лица и продолжиле да добиваат помош иако не го исполнуваат условот да немаат возило.
„Ковид-кризата завршува на 30.6 2022 година, но ништо не се презело за преиспитување на предметите на корисниците што поседуваат регистрирано моторно возило и тие останале во системот за социјална заштита и ги користеле правата. Некои директори на центрите за социјална работа самоиницијативно вршеле проверка и правеле прекини во изминатиот период додека тоа не бил случај кај другите“, рече техничкиот министер Велковски.
Техничкиот министер најави дека истражните органи ќе утврдуваат чија е вината за незаконската исплата на социјална помош оти тој, како што нагласи, не бил ниту истражител ниту обвинител, туку имал обврска да ја сопре незаконската исплата на државни пари. Тој за милионската проневера со социјалната помош ја извести јавноста пред еден месец кога најави вонредни надзори во сите центри за социјална заштита во државата.