Uncategorized
Спасовски во Прага: Потребен е заеднички пристап за да стигнеме до заеднички решенија
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на Четвртата Министерска конференција во рамки на Прашкиот процес, која се одржува во Прага, Чешка Република под Чешкото претседателство со Советот на ЕУ.
„Како таргетиран миграциски дијалог и процес кој го промовира миграциското партнерство помеѓу земјите од поширокиот регион на Европа, Централна Азија, Источното Партнерство и надвор од него, оваа иницијатива за соработка имаше за цел зајакнување на соработката во управувањето со миграцијата, утврдување на договорени начела и елементи за тесно миграциско партнерство, користејќи притоа сеопфатен, балансиран, прагматичен и оперативен пристап. Она што започна како проект за градење на миграциски партнерства во 2009 година, денес е процес на соработка со учество на педесетина држави и партнери, со заедничка цел и заеднички пристап“, подвлече во своето обраќање министерот Спасовски.
Брифирајќи ги колегите министри дека и покрај опаѓањето од околу 80% на миграциските текови на границите во Република Северна Македонија, таа е сè уште атрактивна транзит земја како дел од Западно-балканската рута, тој нагласи дека за справување со зголеменото движење и воопшто со миграцијата, не се доволни само национални мерки, туку и продолжување и натамошно зајакнување на заедничкиот пристап на засегнатите земји
„Потребен е заеднички пристап за заеднички проблеми за да стигнеме до заеднички решенија. Континуираната меѓународна соработка, надополнета со оперативна соработка ќе придонесе до зајакнато управување со границите и подобра контрола на граничните премини. Дополнително, за уште поефикасно справување со илегалната миграција потребна е промоција на доброволно враќање и склучување и спроведување на договори за реадмисија со земјите на потекло“, порача Спасовски, укажувајќи дека прашањата на враќањата и реадмисијата со земјите на потекло на мигрантите не се на највисоко ниво, а процесот на идентификација на лицата е бавен, односно најчесто барањата за добивање на информации во однос на утврдувањето на идентитетот на мигрантите се одговорени со големо задоцнување или воопшто не е добиен одговор.
Во однос на приоритетите на МВР, Спасовски посочи дека и натаму останува ефикасната меѓународна соработка, односно продлабочувањето и одржувањето на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит, потекло, со агенциите на ЕУ – во прв ред ФРОНТЕКС, Европол, ЕАСО, со агенциите на Обединетите нации – ИОМ, УНХЦР и со други релевантни меѓународни организации.
„Задоволство ми е да го информирам овој ценет форум дека сме во финална фаза, пред потпишување на Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, преку кој дополнително ќе се зајакнат безбедносните капацитетите и ќе се интензивира регионалната и европската соработка. Уверен сум дека неговата операционализација ќе придонесе кон зголемување на граничната безбедност на национално, но и на регионално ниво“, рече Спасовски, потсетувајќи дека поволната безбедносна состојба на државните граници во моментов, меѓу другото е резултат и на меѓународната заедничка операција која се имплементира на јужната граница со помош на ИОМ и поддршка на ЕК, во која учествуваат странски полициски службеници од 8 европски земји, од кои 7 се членки на ЕУ – Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска – и Србија, со максимален број до 160 полицајци во еден момент.
Во однос на приоритетите од новиот петгодишен Акциски план 2023 – 2027 на Прашкиот процес, кој е една од точките на оваа Министерска конференција, и тоа спречување и борба против нерегуларна миграција и криумчарење мигранти; промовирање реадмисија, доброволно враќање и одржлива реинтеграција; справување со легална миграција и мобилност со посебен акцент на трудова миграција; промовирање интеграција на мигранти кои легално престојуваат во општеството што ги згрижува; правење позитивни напори за развој на миграција и мобилност и зајакнување на капацитетите во областа на азил и меѓународна заштита, Спасовски истакна: „Ми претставува особено задоволство што Акцискиот план за периодот 2023-2027 во голема мерка ги рефлектира приоритетите на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, кои ги тангираат областите на управување со миграцијата, а Декларацијата која денеска ја усвојуваме е показател за нашата заедничка перспектива“.
Инаку, од своето основање во 2009 година, Прашкиот процес порасна во сериозен меѓувладин миграциски дијалог во кој се вклучени земји од Европа и Централна Азија. Овој Процес го промовира партнерството меѓу земјите од Европската Унија, Шенген зоната, Југоисточна и Источна Европа, Централна Азија и Турција (50 земји учеснички), а Министерската конференција во Прага е четврта по ред, по оние во Прага 2009, во Познањ 2011 и во Братислава 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Николовски на четвртата работилница од програмата за управување со пожари на ниво на предел: Оваа програма е од особено значење за државата
Денеска, се одржува четвртата работилница од осумгодишната програма за управување со пожари на ниво на предел, на која учествуваа претставници од речиси сите релевантни институции, како и приватни организации и здруженија.
Постојаното зголемување на температурата предизвика глобално затоплување на планетата и променливи временски услови, засилени, неочекувани и понекогаш екстремни климатски непогоди, кои претставуваат сериозна закана на глобално, регионално и на национално ниво. Овие промени ја зголемуваат веројатноста за интензивни пожари на ниво на предел загрозувајќи ги екосистемите, ризикот за животот на населението и пределите од кои луѓето егзистираат.
„Оваа програма е од особено значање за државата и јасно ја отсликува нашата свесност за влијанието на климатските промени и потребата да имаме национална стратегија како да управуваме со пожари на ниво на предел. Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан веќе година и пол спроведува активности во нашата држава, каде што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е активен партнер и е државна институција, која е одговорна за спроведување и имплементација на активностите на национално ниво со стручната и експертска поддршка обезбедена од страна на Регионалниот центар за следење шумски пожари од Скопје. Оваа програма, која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координирана од ФАРМАХЕМ – Скопје и со советодавна поддршка на ХЕЛВЕТАС од Швајцарија, има цел преку активна работа на сите учесници да придонесе за ублажување на негативното влијание од пожарите на ниво на предел во Западен Балкан и да придонесе кон намалување на влијанието на климатските промени. Со тоа ќе се постигне зголемување на отпорноста на шумите во Западен Балкан, од кое директна корист ќе имаат локалното население, шумскииот биодиверзитет, односно целиот екосистем карактеристичен за одреден предел“, посочи министерот Николовски.
Она што ја прави оваа програма уште позначајна е тоа што таа се спроведува во седум земји од Западен Балкан и има цел да ја подобри регионалната соработка помеѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Балканските држави се поврзани меѓусебно за заедничко координирано управувањето со пожарите на ниво на предел. Во таа наша заедничка активност вклучени се претставници од повеќе институции, организации и здруженија, како и локалното население, што силно придонесува да се подигне јавната свест за заштита на природните ресурсии и важноста на личниот придонес на секој поединец.
Од друга страна, освен регионалната соработка, програмата предвидува и национален ангажман и посветена работа на нашата национална мрежа, која преку еден отворен и транспарентен процес изработи извештај за управување со пожарите на ниво на предел во Северна Македонија, кој денеска беше презентиран. Овој извештај како заеднички производ има цел да придонесе кон подобро разбирање на состојбата со пожарите на ниво на предел во Северна Македонија земајќи ги предвид шумите и другото шумско земјиште како главен екосистем во кој се случуваат пожарите, вклучувајќи ги и пределите, односно целокупниот пејзаж, кој е потенцијално загрозен од пожар. Извештајот јасно ги детектира слабостите на системот и дава насоки за подобрување на состојбата и изготвување национална стратегија како основа и клучен документ врз кој ќе се водат идните политики за управување и заштита на шумите и пределите од пожарите.
„Програмата е сеопфатна, пристапот е фронтален со широко учество на релевантни државни институции, но и приватни органзиации и здруженија, како и силна регионална соработка. Заедно сме во овој процес, затоа што така сме посилни, подготвени, координирани, обучени и мотивирани заедно да се бориме против влијанијата на климатските промени и потенцијалните опасности од пожар. Ова е нешто што одамна ни требаше, но никогаш не е доцна за подобрување на состојбите и затоа ми е драго што имаме ваква програма, која веќе ги дава првите резултати“, рече министерот Николовски во своето поздравно обраќање пред присутните.
Николовски упати искрена благодарност до сите учесници за активниот придонес кон напредокот на програмата за управување со пожари на ниво на предел. Како резултат на досегашната работа на националната мрежа имплементирани се принципи за управување со пожари на ниво на предел во новиот закон за шумите, кој е во владина постапка за негово усвојување, а во фаза на изработка се и три нови правилници, кои произлегуваат од него.
Програмата за управување со пожари на ниво на предел е осумгодишен проект, кој со одговорна и посветена работа и во наредните години ќе придонесе за да ја достигнеме нашата заедничка цел, а тоа е да изградиме национални екосистеми отпорни на пожари.
Uncategorized
Москва: Бројот на повредени во нападот во „Крокус сити хол“ се зголеми на 360 лица
Бројот на повредени во нападот на концертната сала „Крокус сити хол“ се искачи на 360, соопшти денеска медицинската служба.
„Со податоците од утринава, во терористичкиот напад се повредени 360 лица, меѓу кои 11 деца“, се наведува во соопштението што го пренесува „Тас“.
Вкупно 92 лица повредени во нападот се хоспитализирани, 63 веќе се отпуштени од болниците, а 205 се на амбулантско лекување, додаде здравствениот претставник.
Исламската држава ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во петокот вечерта во „Крокус сити хол“, во предградието на Москва, во кој загинаа најмалку 139 лица.
За нападот се уапсени 11 осомничени, меѓу кои и четворица вооружени напаѓачи, кои биле приведени во областа Брјанск, југозападно од Москва, додека се обидувале, како што тврдат руските власти, да побараат засолниште преминувајќи ја блиската украинска граница, пренесува „Танјуг“.
Uncategorized
Уапсена 60-годишна скопјанка: нападнала 33-годишен маж, а подоцна и полицаец
Синоќа, во 23.20 часот, полициски службеници од ОВР Кичево ја лишиле од слобода В. Ј. (60) од Скопје.
Таа, претходно, на улицата Трајче Стрезоски во Кичево, физички го нападнала Ф. С. (33) од Скопје и ја оштетила неговата службена опрема, а потоа во службените простории на ОВР Кичево, каде што била повикана на разговор, физички го нападнала полицискиот службеник и го уништила изготвениот службен материјал.
По целосно документирање на настанот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.