Uncategorized
Благој Нацоски со настап во Токио
На 5-ти април Благој Нацоски ќе настапи во премиерата на нова продукција на операта „Дон Џовани“ од Моцарт во престижната концертна сала во Токио, Сантори Хол (Suntory Hall)
Продукцијата е во склоп на тригодишниот проект на Сантори Хол наречен „Моцарт-Да Понте“, односно трите опери на Моцарт напишани на либрето на венецијанскиот либретист Лоренцо Па Понте. Лани беше изведена „Свадбата на Фигаро“, оваа година е редот на „Дон Џовани“, а следната ќе биде изведена „Така прават сите“. Диригент е Никола Луизоти, музички директор на Операта на Сан Франсиско, со кој пак, Нацоски дебитираше во оваа улога пред шест години на оперскиот фестивал во Мишколц, Унгарија. Режијата му е доделена на италијанскиот актер, театарски, филмски и оперски режисер, Габриеле Лавија.Благој го толкува ликот на Дон Отавио, а во улогата на Дон Џовани е австриецот Маркус Верба . Лепорело е Марко Винко, Дона Ана е Серена Фарнокја, двајцата од Италија, а Дона Елвира е Томоко Масуда, која е единствена Јапонка во кастот. Давинија Родригез од Шпанија е Ѕерлина, Дејан Вачков од Бугарија е Мазето, а таткото на Дона Ана е Енцо Капуано од Италија.„За мене ова претставува четврта продукција на „Дон Џовани“, по Мишколц, Каљари и Џенова. Улогата ми е една од омилените, особено од вокален аспект, бидејќи ја чувствувам стопроцентно адекватна за мојот глас. Можеби ликот на Дон Отавио во денешно време би бил премногу досаден човек и би рекол и не би ни постоел, но тоа претставува плус предизвик за мене да креирам лик, кој е далеку од мене“, вели Нацоски.Претставите ќе бидат придружувани од Симфонискиот оркестар на Токио и хорот на Сантори Хол Академи.„Многу интересно е тоа што за првпат ќе пејам во опера во која оркестарот ќе биде на самата сцена, односно претставува дел од сценографијата. Тоа е многу вешто направено од италијанскиот сценограф Алесандро Камера, со оглед на тоа што „Сантори Хол“ е концертна сала, а не театар и значи нема оркестарска дупка. Дејствието на Дон Џовани Лавија го пренесе во модерно време со модерни костими и гестикулација карактеристична за ова време во кое живееме, што за мене претставуваше дополнителен предизвик во креацијата на мојот лик“, додава меѓу другото, по повод претстојниот настап в недела. По премиерата ќе се одржат две репризи на 8 и 11 април, а претставата ќе биде пренесувана на ТВ НХК. Организаторите се во преговори да со неколку дискографски куќи за да се издаде на ДВД.Ова е инаку трет настап на Благој Нацоски во Јапонија, но за првпат во Сантори Хол. Во 2004 настапи во театарот Бунка Каикан во Токио, со операта „Травијата“, а ланската година настапи на концерт на „Три тенори“ со двајца италијански тенори во градот Ниигата. Во август повторно се враќа во Токио, и тоа за нова продукција на операта „Отело“ на Националната Опера на Токио.По Токио, следува настап на концертот на УНЕСКО во театарот Ла Фениче во Венеција, на кој ќе биде промовирана и книгата „Охридски дијалози за мир“, а ќе присуствува и македонскиот државен врв. На 30-ти април пак, Нацоски ќе одржи концерт со Македонската Филхармонија во Домот на АРМ во Скопје, кој ќе биде посветен на 250-годишнината од смртта на Хендл. На концертот заедно со Нацоски ќе настапи екипа на уметници од Италија, поканети по негова сугестија .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Oсмани: Ја победивме албанската опозиција со над 40.000 гласа, да се почитува волјата на народот
Прелиминарните резултати покажуваaт длабока победа на Европскиот Фронт, наспроти албанската опозиција со над 40 илјади гласа, изјави кандидатот за претседател, Бујар Османи, кој според првичните неофицијални резултати е пред неговиот опонент од албанскиот опозициски блок, Арбен Таравари.
„Оваа победа само докажува дека Европскиот фронт станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава“, рече Османи, додавајќи дека волјата на народот е јасна и треба да се почитува од сите.
Како што додаде, резултатите покажуваат дека се уште имаме поделено општество, притоа нагласувајќи дека Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите кажале дека самите одлучуваат за својата иднина и никогаш нема да дозволат некој друг да одлучува за нив.
Приврзаниците на ДУИ вечерва се собраа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје за да ја слават објавата на првичните неофицијални резултати од првиот круг.
Uncategorized
Демири, Ставридис, Ди Џовани и Јохансен: Бележиме зголемување на опфатот со вакцинација, но сè уште е под препорачаните 95 отсто
Министерот за здравство д-р Илир Демири, специјалната претставничка на СЗО во земјава, д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ за Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани и д-р Кети Ставридис од Институтот за јавно здравје, одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа за опфатот со имунизација во државата по повод одбележување на Европската недела за имунизација.
Демири, потенцираше дека Министерството за здравство со поддршка на УН агенциите презема повеќе активности за одбележување на Европската недела на имунизација.
-Се организира акција која веќе е во тек, таканаречена „спринт за имунизација“, каде над 70 тимови на доктори и медицински сестри ќе излезат на терет и ќе посетат над 3.000 семејства на невакцинирани деца со фокус на вакцинација за пертусис и морбили. Исто така, Министерството за здравство од Програмата за имунизација обезбеди средства за сите вакцинални пунктови при здравствените домови низ Македонија достојно да ја одбележат неделата за имунизација со настани поврзани за прмоција, рече Демири.
Тој апелираше до родителите да ги вакцинираат децата, затоа што високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет.
-Со редовна вакцинација ги заштитуваме децата, најблиските и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Вакцините се апсолутно безбедни, а со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита од заразни болести се постигнати најдобрите резултати во историјата на медицината“, изјави Демири.
Д-р Ставридис ги презентираше најновите бројки во однос на стапката за вакцинација во 2023 година, од што може да се констатира дека опфатот со задолжителните вакцини во земјава сè уште е под препорачаните 95% и за сите вакцини е под 90 отсто.
-Во нашата земја по дваесет години, првпат во 2020 година, е регистриран опфат под 90 отсто за примовакцинација со три дози на ДиТеПер/ИПВ вакцина. Во текот 2023 година, опфатот за примовакцинацијата со три дози на ДиТеПер/ИПВ/ХиБ вакцина, како и вакцината против хепатит Б, бележи зголемување во однос на 2021 и 2022 година, но сепак е понизок од 90%. Опфатот на примовакцинација (со три дози) со вакцините вклучени во поливалентните вакцини (ХиБ/ДиТеПер/ИПВ), бележи зголемување во однос на 2022 година (84,1%) и изнесува 86,3 %, а за вакцината против Хепатит Б изнесува 85,8%, посочи д-р Ставридис.
ДиЏовани ги повика родителите да ги вакцинираат своите деца за враќање на колективниот имунитет.
-Не чекајте да избие епидемија за да ги заштитите вашите деца. Веројатно не се сеќавате дека вашите родители ве одвеле на вакцинација, но со тоа помогнале да станете дел од едно од најголемите достигнувања на човештвото. Обезбедете им ја на вашите деца заштитата што ви ја дале вашите родители во минатото. Заедно можеме да направиме пресврт и да го вратиме колективниот имунитет, изјави ДиЏовани.
Јохансен потенцираше дека во моментов со финансиска поддршка на УСАИД, Светската здравствена организација ја поддржува иницијативата „Спринт за имунизација“ низ целата земја.
-Оваа иницијатива има за цел да ја подобри пристапноста и да ги зголеми стапките на покриеност во сите региони на државата преку проширување на достапноста за услугите за вакцинација на локално ниво, обезбедување вакцинација на самото место преку мобилни тимови за вакцинација на национално ниво и делење информативни материјали за имунизација базирани на докази. Овие наши активности ќе траат сè додека секое лице кое ги исполнува условите не биде целосно вакцинирано. СЗО ќе продолжи и во иднина да ги поддржува владините напори за зајакнување на програмите за имунизација, вклучително и поддршка во развојот на новиот Правилник за имунизација, зајакнување на капацитетите за планирање и спроведување на процесите на вакцинација и поддршка на успешното спроведување на националниот план за вакцинација и многу повеќе, истакна Јохансен.
Во однос на вакцинацијата, опфатот со ротавирусната вакцина (од воведувањето во 2019 година) континуирано бележи пораст, достигнувајќи 67,9 отсто.
Опфатот со МРП вакцинација, бележи зголемување во однос на 2022 година (70,7%), но сè уште има низок опфат од 73,4 отсто што е далеку од препорачаниот опфат од 95 отсто.
Вакцината против ХПВ инфекција, како и секоја година од воведувањето, има најнизок опфат (56,6%). Сепак, бележи зголемување на опфатот во однос на 2022 година (52,5%), а особено во однос на 2020 година (35,5%).
Со исклучителен успех е спроведена вакцинацијата на територијата на Пехчево, каде опфатот за сите вакцини е 100 отсто. На територијата на ЦЈЗ Кочани, ЦЈЗ Кочани/ПЕ Виница, ЦЈЗ Охрид/ПЕ Дебар и ЦЈЗ Куманово/ ПЕ Кратово за сите вакцини опфатот е над 90 отсто, а за одредени вакцини достигнува 100 отсто.
Uncategorized
Изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје 2024“
На 23 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов од поетот Ацо Шопов. Балетскиот триптих ќе се изведе во рамките на јубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“.
Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата се на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски (изведба: диригент Сашо Татарчевски со Женскиот младински хор при МКЦ), сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм – Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков.
Поезијата на Шопов, односно истоимениот циклус поезија на сцената на Националната опера и Балет, ќе биде прочитана со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и другите уметници. Во формат на триптих балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно сплотување на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.