Uncategorized
„Лебедово езеро“ со гости од Франција на Мајските оперски вечери

На сцената на Македонската опера и балет утревечер, со почеток од 20 часот, ќе биде изведена најпознатата балетска приказна на Чајковски, „Лебедово езеро“, во која за првпат како солисти ќе настапат Игор Јебра и Оксана Кучерук од Франција
Игор Јебра е првенец на Националната опера во Бордо, Франција. По студиите на „Виктор Улате“ во Мадрид е ангажиран во Градскиот театар во Мадрид од 1989 до 1996 година. Носител е на наградите: Прва награда на Евровизискиот натпревар за млади танчери, 1991; Втора награда на натпреварот „Маја Плисецкаја“, 1996; Прва награда „Леонид Масин“, 2003. Ги има толкувано носечките улоги во претсави како „Оревокршачка“, „Жизел“, „Дон Кихот“, „Лебедово езеро“, „Ромео и Јулија“… Гостувал на балетските сцени во Австралија, Куба, Венецуела, Аргентина, Шкотска, Унгарија, Италија, Шпанија.„Навистина сум среќен што после 6 месеци преговори со директорот Кире Павлов конечно сум овде. Многу ми е драго што наидов на луѓе кои навистина напорно работат да го издигнат балетот во Македонија на високо ниво“, изјави Јебра по повод гостувањето во МОБ.Оксана Кучерук ја завршила Националната школа за танц во Киев, Украина. Од 1996 година настапува во Националната опера и балет „Мусоргски“ во Санкт Петербург. Играла во сите позначајни балетски дела „Силфиди“, „Жизел“, „Оревокршачка“, „Корсар“, „Злосторство и казна“, „Лебедово езеро“. Од 2005 година е солист на балетот на Националната опера во Бордо, Франција, а од 2006 е и првенка на куќата.Кореографијата за утрешната претстава во МОБ е на Виктор Јаременко од Украина, сценографијата на Андреј Злобин, а костимите на Гана Ипатиева. Диригент е Едуард Амбарцумјан од Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Елтон Џон за Мајкл Џексон: Тој беше ментално болен

Сер Елтон Џон во своите мемоари „Јас: Елтон Џон“ го нарече кралот на попот Мајкл Џексон ‘ментално болна, вознемирувачка личност’.
Автобиографијата на Џон е полна со шокантни откритија за неговиот живот во шоу-бизнисот, а во еден дел тој детално ја опишува неговата дружба со покојната контроверзна ѕвезда.
„Го познавам Мајкл уште кога имаше 13 или 14 години. Тој беше најслаткото дете што можете да го замислите. Но, во одреден момент во годините што следеа почна да се одвојува од светот и реалноста, нешто слично како Елвис Присли”, пишува Џон. Тој во своите мемоари зборува и за зависноста на Џексон од лекови против болки.
„Господ знае што се случуваше во неговата глава и Бог знае со какви лекови на рецепт го полнеа. Секогаш кога ќе го видев во неговите подоцнежни години си мислев дека кутриот тотално ги изгубил нервите. И не на лесен начин… Тој стана навистина ментално болен, делуваше вознемирувачки“, напиша легендарниот британски музичар.
Uncategorized
Манасков се врати во Вардар

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков е нов член на Вардар и по пауза од шест години повторно го облекува „црвено-црниот“ дрес. Вардар го засилува тимот со искусен играч на позицијата лево крило кој зад себе има настапи во неколку европски екипи и настапи на ЕП и СП со репрезентацијата на Македонија.
-Вардар добива брз, прецизен и искусен играч со големо меѓународно искуство со што екипата повторно гради силен, респектабилен и конкурентен тим и за сезонава. „Црвено-црните“ полека го градат тимот со кој и сезонава ќе атакуваат на двојната круна во домашното првенство се вели во известувањето од клубот.
Манасков во Скопје доаѓа по неколку сезони минати во унгарски Веспрем каде беше еден од најдобрите стрелци на клубот со над 540 голови на над 160 натпревари. Претходно настапуваше за екипите на Борец Велес, Металург, Вардар, Вецлар, Рајн Некар и на крајот во Веспрем.
Uncategorized
18 лица загинаа во рација на бразилската полиција во Рио де Жанеиро

Најмалку 18 лица се убиени во вториот по големина град во Бразил, Рио де Жанеиро, за време на голема полициска рација во сиромашна населба, соопшти државната воена полиција, цитирана од „Ројтерс“.
Оперативни тимови на цивилната и воената полиција на Рио де Жанеиро вчера извршија рација во комплексот Алемао, група фавели во северниот дел на градот, како дел од операцијата против организирана криминална група осомничена за повеќекратни кражби и грабежи на банки, како и што се однесува до планирањето напади врз сиромашните квартови, се вели во соопштението на воената полиција.
Во акцијата учествуваа околу 400 полицајци, четири авиони и 10 оклопни возила.
Поради големиот број загинати, оваа полициска акција поттикна истрага за можни прекршувања на човековите права, наведува британската агенција.
– Има знаци на големи прекршувања на човековите права и оправдано сомневање дека ова е една од операциите со најголем број смртни случаи во Рио де Жанеиро – се наведува во соопштението на државниот омбудсман.
Полициските сили на сојузната држава Рио редовно вршат вакви рации во сиромашните квартови на градот, насочени против криминални групи, во кои често има неколку мртви луѓе и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој ги поддржува таквите полициски тактики во борбата против организиран криминал, изјави претходно „дека се надева дека криминалците ќе умрат на улиците како лебарки“, според „Ројтерс“.