Uncategorized
Промоција на две поетски книги од митрополит Методиј Златанов
Утревечер, 24 јуни, во Културно-информативниот центар во Скопје, ќе бидат промовирани поетските книги „Јаболкницата во Акелдама“ и „Brunch at Botany“ од митрополит Методиј Златанов, во издание на издавачкиот центар „ТРИ“
„Brunch at Botany“ е составена од четири циклуси од кои првите два се чисто вербална, а последните два – конкретна и визуелна поезија. Во првите два циклуса отец Методиј не користи графички и визуелни ознаки за да го добие повеќеслојното означено, но и овие песни, обележани од метафоричност, елиптичност и интертекстуалност, се херметични, дијалектички, синтаксички динамични, семантички варијабилни и изискуваат широк интелектуален, имагинативен и духовен дијапазон кај читателот за да се оствари потребниот комуникациски процес. Третиот, насловниот циклус од оваа книга е чиста сигналистичка поезија, каде ознаката е двојно кодирана – повторно текстуално и визуелно, а означеното, (читај: значењето, смислата) лебди, лизга, трепери, се насетува, но никогаш целосно не се открива, во спознајниот и суштинскиот меѓупростор. Четвртиот циклус – “Прокимени” е интертекстуален и интермедијален: тука зборовите и знаците функционираат, се испишуваат како специфично кодирани музички партитури, што како уметничка постапка се среќава и во една од претходните негови книги, поточно во „Doubletree Requiem“.„Јаболкницата во Акелдама“ е продолжеток на долгогодишното истражување на авторот во интермедијалните сфери на вербалното и визуелното, каде што рамноправно со текстот и графиката, во создавањето на симболично-значенскиот код на писмото учествуваат и калиграматските, криптограмските и калиграфските решенија. Книгата е составена од два циклуси визуелна поезија и преку сите „вербални икони” алузивно, асоцијативно, метафорично и симболично се претставува онтолошката возбуда на авторот во потрагата и познанието на Апсолутот. Овие типографски облици, или „евклидовски слова” понекогаш имаат иманентна христијанската симболика, но честопати визуелниот елемент е сушт експресивен, метафизички и заумен чинител и ја проблематизира комуникациската димензија на песната, поигрувајќи се со, или подобро предизвикувајќи ги – рецептивните моќи на читателот. Така, читателот разбира дека Акелдама, всушност е „Грнчаревата нива”, „Крвната нива”, најскапото парче земја купено со триесетте сребреници со кои беше оценет Бесценетиот, т.е. за кои Јуда го предаде Христос, но, прашањето како оваа метафора функционира во испишувањето на Поетското Слово, останува отворено. Оттука тој, перцепциски расколебан, когнитивно растревожен, дијалектички очуден и артистички преставен од вообичаените манири за восприемање на секојдневната реалност и целокупниот космос – открива дека постојат повеќе планови на изразност, но и на восприемање на Словото. Дали јаболкницата е плодот на предавството, или плод на новиот живот на духовно преумубање?Промотори на книгите ќе бидат проф. д-р Митко Хаџи Пуља и проф. д-р Минас Бакалчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Демири, Ставридис, Ди Џовани и Јохансен: Бележиме зголемување на опфатот со вакцинација, но сè уште е под препорачаните 95 отсто
Министерот за здравство д-р Илир Демири, специјалната претставничка на СЗО во земјава, д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ за Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани и д-р Кети Ставридис од Институтот за јавно здравје, одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа за опфатот со имунизација во државата по повод одбележување на Европската недела за имунизација.
Демири, потенцираше дека Министерството за здравство со поддршка на УН агенциите презема повеќе активности за одбележување на Европската недела на имунизација.
-Се организира акција која веќе е во тек, таканаречена „спринт за имунизација“, каде над 70 тимови на доктори и медицински сестри ќе излезат на терет и ќе посетат над 3.000 семејства на невакцинирани деца со фокус на вакцинација за пертусис и морбили. Исто така, Министерството за здравство од Програмата за имунизација обезбеди средства за сите вакцинални пунктови при здравствените домови низ Македонија достојно да ја одбележат неделата за имунизација со настани поврзани за прмоција, рече Демири.
Тој апелираше до родителите да ги вакцинираат децата, затоа што високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет.
-Со редовна вакцинација ги заштитуваме децата, најблиските и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Вакцините се апсолутно безбедни, а со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита од заразни болести се постигнати најдобрите резултати во историјата на медицината“, изјави Демири.
Д-р Ставридис ги презентираше најновите бројки во однос на стапката за вакцинација во 2023 година, од што може да се констатира дека опфатот со задолжителните вакцини во земјава сè уште е под препорачаните 95% и за сите вакцини е под 90 отсто.
-Во нашата земја по дваесет години, првпат во 2020 година, е регистриран опфат под 90 отсто за примовакцинација со три дози на ДиТеПер/ИПВ вакцина. Во текот 2023 година, опфатот за примовакцинацијата со три дози на ДиТеПер/ИПВ/ХиБ вакцина, како и вакцината против хепатит Б, бележи зголемување во однос на 2021 и 2022 година, но сепак е понизок од 90%. Опфатот на примовакцинација (со три дози) со вакцините вклучени во поливалентните вакцини (ХиБ/ДиТеПер/ИПВ), бележи зголемување во однос на 2022 година (84,1%) и изнесува 86,3 %, а за вакцината против Хепатит Б изнесува 85,8%, посочи д-р Ставридис.
ДиЏовани ги повика родителите да ги вакцинираат своите деца за враќање на колективниот имунитет.
-Не чекајте да избие епидемија за да ги заштитите вашите деца. Веројатно не се сеќавате дека вашите родители ве одвеле на вакцинација, но со тоа помогнале да станете дел од едно од најголемите достигнувања на човештвото. Обезбедете им ја на вашите деца заштитата што ви ја дале вашите родители во минатото. Заедно можеме да направиме пресврт и да го вратиме колективниот имунитет, изјави ДиЏовани.
Јохансен потенцираше дека во моментов со финансиска поддршка на УСАИД, Светската здравствена организација ја поддржува иницијативата „Спринт за имунизација“ низ целата земја.
-Оваа иницијатива има за цел да ја подобри пристапноста и да ги зголеми стапките на покриеност во сите региони на државата преку проширување на достапноста за услугите за вакцинација на локално ниво, обезбедување вакцинација на самото место преку мобилни тимови за вакцинација на национално ниво и делење информативни материјали за имунизација базирани на докази. Овие наши активности ќе траат сè додека секое лице кое ги исполнува условите не биде целосно вакцинирано. СЗО ќе продолжи и во иднина да ги поддржува владините напори за зајакнување на програмите за имунизација, вклучително и поддршка во развојот на новиот Правилник за имунизација, зајакнување на капацитетите за планирање и спроведување на процесите на вакцинација и поддршка на успешното спроведување на националниот план за вакцинација и многу повеќе, истакна Јохансен.
Во однос на вакцинацијата, опфатот со ротавирусната вакцина (од воведувањето во 2019 година) континуирано бележи пораст, достигнувајќи 67,9 отсто.
Опфатот со МРП вакцинација, бележи зголемување во однос на 2022 година (70,7%), но сè уште има низок опфат од 73,4 отсто што е далеку од препорачаниот опфат од 95 отсто.
Вакцината против ХПВ инфекција, како и секоја година од воведувањето, има најнизок опфат (56,6%). Сепак, бележи зголемување на опфатот во однос на 2022 година (52,5%), а особено во однос на 2020 година (35,5%).
Со исклучителен успех е спроведена вакцинацијата на територијата на Пехчево, каде опфатот за сите вакцини е 100 отсто. На територијата на ЦЈЗ Кочани, ЦЈЗ Кочани/ПЕ Виница, ЦЈЗ Охрид/ПЕ Дебар и ЦЈЗ Куманово/ ПЕ Кратово за сите вакцини опфатот е над 90 отсто, а за одредени вакцини достигнува 100 отсто.
Uncategorized
Изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје 2024“
На 23 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов од поетот Ацо Шопов. Балетскиот триптих ќе се изведе во рамките на јубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“.
Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата се на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски (изведба: диригент Сашо Татарчевски со Женскиот младински хор при МКЦ), сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм – Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков.
Поезијата на Шопов, односно истоимениот циклус поезија на сцената на Националната опера и Балет, ќе биде прочитана со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и другите уметници. Во формат на триптих балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно сплотување на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.
Uncategorized
Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра
Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци незаконски добивале пари од државата оти не го исполнувале условот да немаат регистрирано возило на свое име. Техничкиот министер за труд, Ѓоко Велковски, денес извести дека со незаконските исплати овие лица го оштетиле буџетот на Министерството за над 2,5 милиона евра.
„Констатирани се 1.134 незаконски исплати на социјална помош, која траела од јуни 2022 година до моментот кога го објавивме скандалот за што буџетот на Министерството е оштетен за 155.038.530 денари или над 2,5 милиона евра. Во моментот изготвени и донесени се 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци. Граѓаните имаат право на редовен правен лек до второстепените органи, па дури потоа центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства“, рече техничкиот министер Велковски.
Во ковид-кризата беа олеснети условите за користење на социјалните права од аспект на поседување и користење моторно возило и во системот влегле сите возила постари од пет години. Но, по завршувањето на кризата, во системот останале таквите лица и продолжиле да добиваат помош иако не го исполнуваат условот да немаат возило.
„Ковид-кризата завршува на 30.6 2022 година, но ништо не се презело за преиспитување на предметите на корисниците што поседуваат регистрирано моторно возило и тие останале во системот за социјална заштита и ги користеле правата. Некои директори на центрите за социјална работа самоиницијативно вршеле проверка и правеле прекини во изминатиот период додека тоа не бил случај кај другите“, рече техничкиот министер Велковски.
Техничкиот министер најави дека истражните органи ќе утврдуваат чија е вината за незаконската исплата на социјална помош оти тој, како што нагласи, не бил ниту истражител ниту обвинител, туку имал обврска да ја сопре незаконската исплата на државни пари. Тој за милионската проневера со социјалната помош ја извести јавноста пред еден месец кога најави вонредни надзори во сите центри за социјална заштита во државата.