Македонија
Аеродром првпат надмина 1.000 активни случаи на заразени од коронавирус
Општина Аеродром, која е најголемото скопско жариште на коронавирус, првпат надмина 1.000 активни случаи на заразени.
Според последните податоци на Министерството за здравство, во Аеродром има 1.021 активен случај, по што следуваат Карпош (892), Центар (848) и Гази Баба (847). Зад нив е Кисела Вода со 780 заразени, Ѓорче Петров (527), Чаир (378) и Бутел (350). Другите скопски општини имаат двоцифрени бројки на заразени.
Ианку, во Скопје во моментот има 6.372 активни случаја на коронавирус. Само денеска во главниот град беа регистрирани 569 новозаразени лица, а починаа 4 пациенти.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 37.499, бројката на оздравени пациенти е 22.835, на починати е 1.096, а бројот на активни случаи изнесува 13.568.
На целата територија за 24 часа беа забележани нови 1.128 случаи на заразени, починаа уште 12 лица, а се излекуваа 307.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски во Чешиново-Облешево: Немаме нови години за губење, треба што поскоро да станеме земја членка на ЕУ
Ние немаме уште 20 години да чекаме, туку треба да ги направиме следните чекори, за повеќе да не биде изборно прашање „Дали сте за Европа?“. Да сте за Европа значи да сте за подобар живот, порача денеска пред граѓаните на општина Чешиново-Облешево кандидатот за претседател Стево Пендаровски.
„Добро е да се биде членка на ЕУ, кога си земја членка на ЕУ, добиваш огромни средства од европските фондови прво за земјоделство, а потоа и за инфраструктура. ЕУ дава сериозни пари за да се обезбеди рамномерен регионален развој за да не биде некој регион многу богат, а некој многу сиромашен и поради тоа важно ни е да станеме земја-членка на ЕУ“, порача Пендаровски.
Но, додаде тој, опозицијата го блокира патот кон ЕУ, се противи на договорите, со изговор дека ќе направи нови договори, кои наводно ќе биле подобри.
„Тие велат, ова не чини, тоа не чини, ние ќе направиме нови договори. Додека тие ги направат тие договори, под претпоставка дека ќе бидат подобри, што нема да биде случај и оние малку млади што се во државата ќе се иселат од тука“, истакна Пендаровски.
Пендаровски порача дека работите ќе се сменат на подобро само ако сите се посветат на она што е важно за граѓаните и државата и од присутните побара поддршка на изборите на 24 април.
Македонија
Анкета на ИКС: Една четвртина од младите се загрижувачки пречесто на социјалните медиуми, не пребаруваат ниту реагираат на вести и не се слуша нивниот „политички глас“
Мнозинството млади луѓе ги одбираат Инстаграм, Фејсбук и Јутуб како најинтересни за следење вести, а вестите за образование, наука и технологија им се најпривлечни. Иако веруваат дека само некои од информациите на социјалните медиуми се вистинити, а речиси една четвртина се загрижувачки пречесто на социјалните мрежи, за младите активното пребарување и реагирање на информациите не е вообичаено. Се сметаат за способни да препознаат дезинформации во медиумите, но повеќе од половината можеби споделиле дезинформации без да знаат. Според младите, политиката и политичките партии се извор на најмногу неточни или погрешни информации. Додека нивните политичките ставови за општествените случувања во државата се нечујни.
Ова го покажува анкетата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во пресрет на претседателските и парламентарните избори, чија цел е да се утврдат навиките за користење на медиумите и вестите кај младите луѓе, нивната способност да ги препознаваат дезинформациите во медиумите и како се граѓански и политички ангажирани.
Младите почесто пасивно ги консумираат вестите, односно почесто наидуваат на вести додека прават други работи отколку што активно ги бараат и ги проверуваат информациите. Читањето вести често ги предизвикува да ги споделуваат усно или онлајн со пријатели и колеги и да ги читаат коментарите од други луѓе на вестите на социјалните медиуми, а поретко практикуваат директно и јавно да реагираат со свое пишано мислење за одредена вест. Во однос на темите, кај младите постои помал интерес за политичките случувања во државата, економијата и социјалната правда, а забележале неточни или погрешни информации за политика, познати личности и за криминал и корупција.
Кај младите луѓе се забележува критичен однос кон вистинитоста на споделените информации, но и мала насоченост кон идентификување на емоционалниот тон на веста, на што треба да се посвети повеќе внимание при едукациите за медиумска писменост. Тие за себе мислат дека се успешни во препознавањето на дезинформациите, иако над половина (51 %) одговориле дека можеби споделиле без да знаат дека е дезинформација. Само 13,4 % сметаат дека поголем дел од информациите на социјалните медиуми се вистинити, а 34,3 % пријавиле присуство на дезинформации во медиумите. Речиси 2/3 од младите испитаници сметаат дека главни креатори на дезинформациите се политичките партии.
Кај испитаните млади луѓе се забележува изразена заинтересираност за јавните работи. Во однос на нивниот граѓански ангажман, над половина (53 %) од испитаниците биле вклучени во некаков вид волонтерска активност за решавање на локалните проблеми. Во поглед на изборниот ангажман, 39,8 % испитаници се изјаснија дека редовно гласаат, а понекогаш гласаат 16,7 %. Но, кога беа прашани за нивниот „политички глас“, најчест одговор на младите испитаници е „Не сум го направил/а тоа“ за серија понудени активности што претставуваат манифестација на политички ставови во однос на определени општествени случувања, како што се: акции за собирање средства во добротворни цели, учество во протест, средба со некој политичар функционер, потпишување писмена петиција, бојкотирање компанија поради нејзините општествени вредности и сл.
Во однос на употребата на социјалните медиуми, 5 % од испитаниците спаѓаат во критичната група на висока зависност од социјални медиуми, но забележителен е и процентот на испитаниците (19 %) што се блиску до критичниот резултат за дијагностицирање на ваквата зависност. Кај луѓето што се зависни од социјалните медиуми може да се забележи појава на вознемиреност, особено кога нема достапност до социјалните мрежи, постојано се проверува телефонот кога ќе се слушне звукот за известување, при поставување слика на профилите постојано се проверуваат коментарите и лајковите, користењето на социјалните медиуми е првото и последното нешто во денот, односно вообичаена рутина, а настаните се проценуваат според тоа колку се вредни за „прикачување“.
Анкетниот прашалник беше спроведен во периодот од декември 2023 до март 2024 година на примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени). Истражувањето е дел од проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје, велат од ИКС.
Анкетниот извештај за користењето на вестите, препознавањето на дезинформациите и граѓанскиот ангажман кај младите луѓе е достапен на следниот линк.
Македонија
(Видео) Битиќи: Над 180 милиони евра поддршка за домашните компании во наредните четири години
„Во последните шест години имаме исплатено над 100 милиони евра финансиска поддршка кон домашните компании, кои направија инвестиции од над 500 милиони евра. Но ова не е доволно, не се откажуваме и во следните четири години оваа поддршка скоро ќе ја дуплираме и ќе jа зголемиме на 180 милиони евра, што пак ќе значи инвестиции од над 1 милијарда евра во нашата економија“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на Коалицијата за европска иднина.
На прес- конференцијата по повод отпочнувањето на кампањата за парламентарните избори, Битиќи појасни дека во изминатите седум години СДСМ има многу направено многу за бизнисот, односно дека за првпат во 2017 година ги изедначи условите за финансиска поддршка на инвестиции на домашните и странските компании.
„Го сменивме и пристапот, од договори во четири очи, таа стана транспарентна и достапна за сите подеднакво“, реќе Битиќи, притоа посочувајќи дека со оваа финансиска поддршка претставува и влог во домашните компании за да бидат конкурентни за влез и интеграција во заедничкиот европски пазар од над 500 милиони потрошувачи.
„Затоа, гласот за „Коалицијата за европска иднина“ е глас за европски стандард, за поголема поддршка за развој на домашната економија и глас за поголеми плати нашите граѓани. Продолжувањето по патот кон Европската Унија ќе значи и пристап до 860 милиони евра, кои Брисел ни ги става на располагање преку Планот за раст на Западен Балкан. Пари кои ќе бидат искористени за економски раст и развој, за нови можности за бизнисот“, рече Битиќи.
Тој порача дека нема откажување од иднината и дека „Коалицијата за европска иднина“ нуди стабилна, безбедна, економски развиена и инклузивна иднина, иднина за сите.