Контакт

Uncategorized

Несериозно е да се очекува дека ќе дојде висок европски политичар и ние наеднаш ќе ја промениме позицијата, вели Мицкоски за посетата на Кошта

Објавено пред

Посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нема да му го смени мислењето на премиерот Христијан Мицкоски во однос на проблемот со Бугарија. На само неколку часа пред средбата со Кошта, Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нов базен во Карпош, повтори дека Владата останува на ставот прво да добие гаранции дека нема да има нови условувања, па дури потоа ќе се изгласаат уставните измени за кои е извесно дека мора да се направат оти претходната Влада прифатиле.

„Без да имаме извесен крај не можеме да влеземе во таква авантура бидејќи три и пол децении граѓаните во оваа наша земја генерално беа сведоци на таков тип на политички авантури и гимнастики. И еве каде сме, на место каде што бевме пред 25 години кога го почнавме овој процес. Нефер и несериозно е да се очекува дека ние сега наеднаш, ќе дојде висок европски политичар, ние ќе ја промениме позицијата и готово, сме ја завршиле работата. Тоа нема да го направиме“, рече премиерот Мицкоски.

Овој став, премиерот Мицкоски вели дека е првото нешто од вкупно шест, што треба да ги знаат сите. Второ што треба да го знаат сите рече дека без ВМРО – ДПМНЕ нема договор со Бугарија. Ја обвини опозицијата дека со секојдневните лаги го поткопува процесот.

„И јас кога би бил од страна на бугарската Влада, кога гледам дека внатре има човек кој ги урива позициите на Владата, тогаш би си седел мирен и би се радикализирал. Зошто би барал решение? Имаме, за жал, такви аналфабети во опозицијата, национално исплакнати луѓе кои единствено нешто што сакаат да го направат е некој денар плус. Ние таква политика не водиме и немаме намера да водиме“, рече премиерот Мицкоски.

Третото нешто што според Мицкоски треба да го знаат сите е дека она што е пред нас е јасно, минатата Влада прифатила уставни измени, француски предлог, протокол 1, протокол 2 и така натаму, па фокусот треба да биде на она што го има пред себе бугарската страна.

„Ајде да видиме сега што е тоа што го има бугарската Влада пред себе. Тоа се 14 пресуди од судот за човекови права во Стразбур, Знаете, оваа работа мора да има доверба, а тоа се создава ако имате двонасочна улица. Ако е еднонасочна улицата тогаш не можете да изградите доверба. За да изградиме доверба треба да видиме испорака од таа страна“, рече премеирот Мицкоски.

Довербата , поред него, ќе ја изградат само со нови заклучоци во кои ќе стои дека нема да има повече условувања за земјава.

„Четвртата работа која исто така е значајна е ако сите европски политичари се едногласни дека повеќе нема да има условувања, тогаш најмалку што ние можеме да добиеме како држава се нови заклучоци во кои што сето тоа ќе го ставиме. На тој начин ќе се потврди поддршката и ќе се потврди довербата. Како шеста точка еве денеска јас би пренел мое мислење дека најпрвин треба да почнеме да градиме доверба, да разговараме. Ние не разговараме“, рече премиерот Мицкоски.

Нагласи дека е подготвен да оди на разговори доколку го известат еден ден претходно за времето и местото.

„Ценам дека треба да се посветиме на испораката на реформската агенда каде што ние сме вистински фронтранери, а не останатите земји од Западниот Балкан. Јас би зборувал за овие теми, нешто што може веднаш да биде како брза испорака. Дури потоа да видиме, доколку постои простор да се изгради таа доверба, да влеземе во една следна фаза“, вели премиерот Мицкоски.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, поплднево ќе има средба и заедничка прес конференција со премиерот Христијан Мицкокси. Посетата на Кошта е дел од турејата низ Западен Балкан пред самито ЕУ-Западен Балкан во Тиват.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized

Даниел Јовановски: Можно е да играм за Македонија

Објавено пред

Од специјалниот известувач од Вимблдон

Шест дена по историскиот настап на Лина Ѓорческа на завршниот турнир во Вимблдон, на семафорите низ игралиштата на Вимблдон повторно можеше да се прочита едно македонско име и презиме. Иако, знамето кое стоеше пред него беше на Австралија, името на нејзиниот претставник Даниел Јовановски јасно укажуваше дека станува збор за „наш човек“.

Даниел Јовановски е осумнаесет годишен тенисер од Мелбурн, кој на овој Вимблдон по прв пат настапи во јуниорска конкуренција. Повредата на рамото беше една од причините за својот настап да го заврши во втората рунда, иако резултатите кои ги има постигнато и кои го квалификувале да може да игра на Вимблдон, го правеа за еден од фаворитите во сенка. Тој и во разговорот за Макфакс тоа го истакна:

„Пред Вимблдон многу тренирав со мојот тренер и мојата желба беше да се обидам да го освојам турнирот.“

Почетоците во тенисот за овој талентиран играч се типични како и за секое дете кога почнува да го осознава спортот и да истражува кој најмногу му одговара. Како ни објаснува неговата мајка Бети, која го следи на сите подалечни патувања, како малечок Даниел подеднакво сакал да игра фудбал и тенис. И на четиринаесет годишна возраст, од Тениската федерација на Австралија му било укажано дека треба да се реши на кој спорт ќе се посвети. Даниел го избрал тенисот.

Дека одлуката била вистински избор се покажало веднаш наредната година. На 15 години тој учествувал на државен турнир за јуниори до 16 години, на кој, иако бил најмлад тенисер, победил. Со тоа се стекнал со вајлд кард за главниот жреб за Австралија опен. Оттогаш неговата кариера оди само во нагорна линија, успевајќи на 13 април 2026. да го постигне својот најдобар ренкинг во кариерата, со 25-то место на јуниорската листа, со што станува и најдобро рангиран австралиски јуниорски тенисер на ИТФ листата.

На овој турнир во Вимблдон, остави впечаток на комплетен млад тенисер, кој, како што вели, во иднина треба да работи на некои детали како би ја унапредил својата игра.

„Мојата игра се карактеризира со многу силен сервис, напаѓање и агресивна размена на удари, што е многу полесно на трева, каде топчето се движи многу побрзо отколку на другите подлоги. Затоа и тревата ми е најомилена подлога. Што се однесува до сервисот задоволен сум колку е силен, можеби ми недостасува малку да поработам на неговата техника. Она што ми е проблем, и што би сакал да го унапредам, е пред сè во главата, сакам да бидам ментално постабилен, да сум како Ѓоковиќ.“

Самото спомнување на Новак Ѓоковиќ неизбежно го наметна прашањето дали има идол во тенисот.

„Ноле ми е инспирација да се стремам да бидам како него бидејќи е неверојатен во неговата игра. Мислам дека неговата најголема предност е во главата, бидејќи е способен да постигне толку многу, на така едноставен начин. Изгледа како без напор речиси сè да погодува. Многу бев среќен кога на последниот Австралија опен бев одреден да му бидам спаринг-партнер на последниот негов тренинг пред полуфиналето против Јаник Синер.“

Тенисот е ексклузивен спорт, а Даниел е исклучиво семеен проект на неговите родители Тони и Бети (тие се втора генерација на македонски иселеници, по потекло од Битола). Тоа го објаснува и неговата мајка:

„Ова е прескап спорт ако треба да го финансираат само родителите. Ние ја напуштивме Австралија од 5-ти мај, прво бевме на Ролан Гарос, па сега на Вимблдон. Повеќе од два месеци сме надвор од дома, во хотели и тоа е многу скапо. Само овие два месеци не чинат околу 30.000 евра. Сè што е постигнато е исклучиво од нас родителите, бидејќи немаме никаква поддршка од австралиската тениска федерација.“
Како поткрепа на овие зборови, во разговорот се вклучува и Даниел, потсетувајќи се на своите почетоци:

„Во тоа време никој не го забележуваше мојот талент, како да бев запоставен. Секој пат одев сам да играм, никој не ме поддржуваше. Единствено татко ми и мајка ми видоа нешто во мене, видоа некаков потенцијал и целосно се посветија на мене, за што сум им многу благодарен.“

Жртвата на родителите Тони и Бети е дотолку поголема, што кога им се родил најстариот син Николас, Бети решила да ја напушти добро платената работа како менаџер во банка, за целосно да им се посвети на своите деца. После Николас, се родиле Даниел и најмала ќерка Ени.
„Кога почнаа да доаѓаат децата, јас ја напуштив работата бидејќи не сакав други да ми ги воспитуваат. Едноставно, сакав да ги гледам како растат и да знам дека сè што е добро или, можеби, лошо кај нив е наследено од нас родителите, додека сопругот, кој работи како финансиски брокер, ја презеде обврската сам да обезбедува материјална сигурност за семејството.“

На Даниел претстојниот УС опен во септември ќе му биде и последниот гренд слем турнир на кој ќе настапува како јуниор. После тоа, влегува во „светот на возрасните“, каде ќе треба да се бори за својот ренкинг со учество на турнири. Неговите идни планови се да го комбинира образованието со тенисот.

„Од август се селам во Америка, во Ноксфил, Тенеси, на колеџ, бидејќи добив стипендија за четири години. Таму ме очекува многу тренирање. Целиот живот тренирам и добро ќе биде што ќе продолжам и на колеџот со тренинзите. Желбата ми е еден ден да стигнам до врвот. Сакам да бидам број еден во светот, но тоа е доста далеку. Треба да се направат многу мали чекори за да се постигне тоа, не е само да се рече дека сакаш да бидеш број еден.“

Како и на секој друг млад и амбициозен човек, кој е на почеток на кариерата, така и на Даниел може да му се посака само небото да му биде граница во остварувањето на соништата. Сепак, предизвиците и очекувањата од идните настапи може да не бидат онакви како планирал. Оттука, и прашањето дали размислувал да игра за репрезентацијата од каде му се корените.

„Тоа секогаш ќе биде тема за дискусија. Јас ја сакам Австралија, но, исто така, ја сакам и Македонија, бидејќи од таму ми е потеклото. Засега, сè уште сум задоволен од она што ми го нудат во Австралија, но никогаш не се знае каде нè носи иднината. Ако не сум задоволен од статусот, Македонија апсолутно останува како опција во мојата тениска кариера.“

Во ист правец е и одговорот на неговата мајка:

„Ние имаме размислувано Даниел да игра за Македонија. Можно е да се смени репрезентацијата, бидејќи баба му и дедо му се со македонско потекло. Но, не само тоа. Даниел има многу силно чувство на Македонец, ако го праша некој што е по националност тој ќе рече Македонец. Но, и сите ние така се кажуваме. Исто така, тој е и голем верник. Кога беа мали, јас ги носев во нашата црква, и оттогаш тој многу верува во Господ, а Божиќ и Велигден секогаш се слават во нашето семејство согласно православните обичаи.“

Со оглед дека пред Даниел престои испишување на нови страници во неговата кариера, веруваме долгогодишна и успешна, можноста која се укажа од неколкудневните средби на Вимблдон, ја искористив да го изненадам со еден подарок: дресот на ракометниот клуб Вардар, кој го носеше Владо Недановски во победничкото финале во Келн во 2017. година.

„Од шампионите за идниот шампион!“ – беше мојата порака.

Даниел, свесен за вредноста и важноста на подарокот, вети дека во годините кои претстојат внимателно ќе го чува, а кога ќе дојде време и тој ќе му го подари на некој млад, талентиран македонски спортист, кој штотуку ќе зачекорува на светските борилишта.

Текст и фото: Ненад Живановски – Столиќ

Прикажи повеќе...

Uncategorized

Македонец може да го реши победникот на Вимблдон

Објавено пред

Од специјалниот известувач од Вимблдон Ненад Живановски – Столиќ

Светот е мал, а вимблдонското село на најдиректен начин покажа дека е глобално село. Во медиа ресторанот, во кој, иако во секој момент, циркулираат стотина новинари и медиумски работници од најразлични делови на светот, да сретнете Македонец е статистички возможно исто колку и да добиете покана за „чај во четири“ од Кралот. Сепак, чудата се можни и тоа се случи – сосема случајно да го запознам Блаже Трифуновски.

Тој е човек од сенка во тенисот, кој е присутен на сите големи АТП, мастер и гренд-слем турнири, вклучително со години и на Вимблдон. Работи за Меѓународната тениска федерација како АТП менаџер за електронски линиски повици и преглед на видео (ATP Electronic Line Calling and Video Review manager), чиј ангажман, често пати, знае да претставува и последниот – клучен фактор – кој решава кој ќе биде победникот на еден тениски натпревар. Накратко, тој е човекот кој овозможува на семафорот и на телевизиските екрани да се види спорниот момент дали бил поен или аут.
Во продолжение, следи занимливата животната приказна на овој поранешен Скопјанец.

„По професија сум специјалист по медицинска биохемија, и работев како началник на лабараторија во Воената Болница во Скопје до 1994. година, кога решив да се отселам во Нов Зеланд. Пред да заминам, рекреативно се занимавав со тенис во ТК Југ, а кога Југославија се распадна, Македонија побара да стане членка на Меѓународната тениска организација. Еден од условите беше да имаме судиска организација и од ТК Југ ми доделија тој дел јас да го организирам. Така и се заинтересирав за судењето, што подоцна ќе се покаже за клучно за мојот живот во Нов Зеланд. Таму, прво што направив беше да станам член на тамошната судиска организација, со што почнав и да работам како тениски судија. Во 1997. година, во Сингапур, го положив тестот и ја добив првата меѓународна бронзена значка за да можам да работам како тениски судија во столица. Потоа, почнав да патувам на многу турнири ширум светот, многу врати ми се отворија и така почнав да го градам моето име во тенискиот свет“.

Следната пресвртница во судиската кариера на Блаже Трифуновски му се случува во 2006. година, на турнирот во Мајами, кога за прв пат била воведена хокај технологијата, а тој бил одреден да биде првиот официјален контролор за хокај.

„Со овој податок јас сум влезен во историјата на хокај системот, како еден од првите тренирани официјални контролори во светот. Како навлегував во оваа технологија, така постепено го напуштав судењето во столица, а сè повеќе се ориентирав како ревју офишал. Од одма сфатив дека хокај системот ќе биде иднината на тенисот, и мислам дека направив добра антиципација. Од тогаш до денес, сите турнири кои биле покриени со хокај системот јас ги работев. Тоа се мастер турнирите во Мајами, Индијан Велс, дванаесет години АТП турнирите во Лондон, сите гренд-слемови во Америка, Австралија и Вимблдон, освен Роланд Гарос, кој, поради подлогата, не го практикува хокај системот“.

Тој сега имам договор со АТП и позицијата му е Менаџер за електронски линиски повици и видео преглед (ATP Electronic Line Calling and Video Review manager), со имплементација на видео преглед. Како објаснува, во 2025 година, ATП го направил видео прегледот задолжителен на сите 1000 ATP Мастерс турнири, оваа година тој ќе биде воведен на сите 500 ATП турнири, а од следната 2027 година ќе биде проширен и на сите 250 ATП турнири, така што од 2027 година, секој натпревар на ATП турнејата ќе има имплементирано видео преглед. Тоа била најголемата работна задача, но и професионален предизвик, што му бил додаден – да го имплементирам целиот процес со тренинзи за сите службени лица за преглед (Review officials), за да можат да ја извршуваат и функцијата како видео службеници (Video Officials).

Кога го имате за соговорник најдобриот познавач на хокај системот, разбирливо е и дека ќе сакате да дознаете како функционира тој.

„Тој претставува технологија на целосно следење (full tracking technology). Околу теренот се инсталираат 10-12 хокај камери, кои се независни од телевизиските, и кои снимаат 60 фрејмови во една секунда и го следат топчето во секој момент. Значи, сите 12 камери во исто време го следат топчето и го снимаат. Софтверот кој го користат е програмиран да им дава инпут на камерите да следат нешто што е мало, има одреден дијаметар и е со светла површина. Така камерите се фокусирани само на топчето и не ги следат играчите или собирачите на топки. Исто така, пред натпреварот се мерат димензиите на теренот, ако има некои аномалии на теренот, на пример, да има изпапчнатина или вдлабнатина, сè е тоа инкорпорирано во софтверот. Оттука, камерите кога го следат топчето точно знаат во кој момент на кој дел од теренот е тоа и во кој миг го допира теренот и дали е тоа дел од теренот каде е рамно, или има вдлабнатина и изпапчнатина. Така што, во истиот момент кога ќе постои дилема дали топчето било внатре или надвор од теренот, јас во судиската соба каде седам знам дали е аут или не и го почнувам процесот да биде прикажана анимацијата на големиот дисплеј и на телевизија“.

Принципот на работа на овие хокај камери е сличен со оние камери на фудбалските стадиони, кои се фокусирани на секој играч поединечно и потоа се пресметува колку метри истрчал на натпреварот, на кој дел од теренот највеќе бил позициониран и слично. Техничкиот аспект од работата на хокај системот и како софтверот оперира Трифуновски пластично го објаснува на следниов начин:
„Секој поен е еден фајл. Пред да почне поенот, техничарот им дава клик на камерите и тие почнуваат да снимаат. И кога поенот ќе заврши тие стопираат да снимаат. И тоа е еден фајл за тој поен. На тој начин сите поени кои биле следени од почеток на примената на хокајот од 2006 године, се имаат сочувано. Така, денес ако некој каже дека во 2006. година имало контроверзен поен, можеме да го земеме фолдерот од тој меч, да го отвориме фајлот и да кажеме дали топчето било 12 милиметри надвор или 12 милиметри внатре. Или од меч кој е во тек ако сакате да видите некој поен од пред три гема, или еден сет, доволно е да го знаете фајлот на поенот и веднаш ние можеме да го пуштиме на големиот семафор или телевизија“.

Иако хокајот изгледа совршено непогрешлив, дилемата за обичните гледачи е дали тој може да погреши и дали некогаш она што тие го виделе со свои очи на телевизија е поверодостојно од „соколовото око“.

„Сите системи кога ги тестираме ги тестираме на нивната прецизност и доверливост. Меѓутоа, како и секоја друга технологија и хокајот може да направи грешка и тоа зависи од многу фактори. Направен како технологија за следење на топче кое се движи со голема брзина, има многу елементи кои можат да афектираат во одредени случаи. На пример, кога има сенки во теренот, или пола терен е на сонце, а пола во осојница, тоа може да предизвика конфузија за камерите, бидејќи тие третираат топче кое има една боја и светлост и одеднаш доаѓа до промена кога топчето ќе дојде во сенка. Значи, може во некои случаи да има грешка, но тоа се толку ретки, на пример на 10 илјади поени, еден да биде погрешно следен“.

Ако не може да погреши, дали хокајот може да биде наместен, односно техничарот да манипулира и лажно да го прикаже движењето на топчето на анимацијата која се прикажува на семафорот на тенискиот терен и на телевизиите.

„Не, системот е автоматски, а техничарот само го стартува и стопира кога да почне да го следи топчето и кога да престане“.

Овој фантастичен прогрес и продор на технологијата во тенисот, беше главната причина зошто линиските судии веќе се минато на тениските терени.
„Короната беше главниот фактор тој да добие на замав бидејќи постана нужно да нема толку луѓе на теренот, а линиските судии беа голем фактор бидејќи на големите турнири ги имаше и до 400-500 на број. Со преземање на хокај лајв системот, турнирите се ослободија од голем број судии. Како наследство од тоа, сега сите турнири се со примена на хокај лајв и само има судија на столица, а сè останато е покриено од камери. Оваа технологија работи на истиот принцип како хокајот, со тоа што дополнително има снимен и глас за аут, и кога ќе се случи топката да е надвор од линијата се пушта тој снимен глас дека е аут “.

Тенисот како пионир во примената на хокај системот, денес е само еден од многуте спортови на кои се применува оваа технологија. Во време кога паралелно со Вимблдон се одигрува и Светското првенство во фудбал, дали нашиот соговорник би сакал да гледа фудбал со ВАР проверка или повеќе жали за традиционалната драж?

„Секогаш ќе постои таа дилема. На ова Светско првенство имаше премногу „грешки“. Или ВАР судиите не беа добро тренирани или инструкциите кои им се дадени се премногу комплицирани и отворени за различни интерпретации. Затоа имавме ситуација во многу случаи кога ВАР не следеше иста логика за две исти ситуации. Друга импресија ми е дека ВАР се употребува премногу, речиси за сè што може, но и не мора да се провери. Повеќе нема вистински емоции после постигнат гол, сè додека не се потврди дали сè е регуларно. Судиите се подложни на голем притисок после секоја ситуација да проверат со ВАР. Тоа го уништува човечкиот елемент во фудбалската игра кој, порано, беше голем плус. За мене, употребата на ВАР системот во фудбалот би била добра само за да се одлучи дали топката ја поминала гол линијата или не“.

Истата дилема е присутна и во другите спортови. На пример, она чуено финале на 100 метра делфин од 2008. година, на Олимписките игри во Пекинг, помеѓу Миодраг Чавиќ и Мајкл Фелпс. Трката заврши со објаснување на судиите дека Чавиќ прв стигнал на целта, но Фелпс посилно го допрел сензорот. Дали во овој случај, кога би се користел хокајот, победникот поправично би бил одреден?

„Мислам кога хокајот би бил употребен во таа трка дека би одредил стопроцентно кој прв ја допрел целта и за колку време го сторил тоа, без разлика на силината со која таа се допира. За хокај системот не е битна силината на допирот на сензорот, туку само моментот на првичниот физички допир на пливачот со сензорот. Тоа е принципот на кој работи хокајот во тенисот: за него не е важно со колкава силина топчето ја допира земјата и почнува да се деформира од ударот, туку системот ја регистрира онаа микро секунда на прв допир на топчето со земјата“.

Од сите мечеви кои ги работел како ревју офишал нашиот соговорник го издвојува следниов како најдраг:
„Финалето на Вимблдон помеѓу Надал и Федерер во 2008 година. На тој меч јас бев единствениот офишал ревју за целиот меч и целите пет часа јас ги одработив сам. Тоа е мечот кој никогаш нема да го заборавам“.

И во недела, кога ќе го гледате машкото финале на Вимблдон, и кога на телевизискиот екран ќе ја видите хокај снимката од некој поен, знајте дека зад неа стои потписот на нашиот Блаже, но сега не е повеќе сам, туку тој е на чело на еден многуброен тим.

Прикажи повеќе...

Uncategorized

(Видео) Петрушевски: Филипче надградена верзија на Заев кој потпиша бел лист хартија со Бугарија, слепо ги прифаќа сите бугарски диктати само за власт

Објавено пред

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека ги прифаќа бугарските барања со цел да дојде на власт.

Според Петрушевски, Филипче е надградена верзија на политиките на поранешниот премиер Зоран Заев и, како што рече, е подготвен на нови идентитетски отстапки.

„Додека СДС беше на власт, Венко Филипче и Зоран Заев, жедни и лакоми за ден повеќе на власт, прифатија и потпишаа бланко бел лист хартија со Бугарија. СДС, Филипче и Заев ветуваа живот за сите, со богати граѓани, европско здравство и образование, модерна и просперитетна Македонија, а донесоа само криминал, уништување на се што е македонско и создадоа проблем таму каде што немаше. Откако не исполнија ниту едно ветување, мислеа дека ако потпишат се што ќе им се даде, ако коленичат и ги гланцаат чевлите на некој европски бирократ тоа ќе им донесе победа на избори и така ќе останат на власт. Сега од опозиција Филипче е надградена верзија на тој владејачки СДС и слепо прифаќа се што доаѓа од Бугарија, повтоено во надеж дека некој друг, а не граѓаните со глас на избори, ќе го донесат на власт“, рече Петрушевски.

Во обраќањето тој порача дека политичката поддршка се добива од граѓаните на избори, а не преку поддршка од странски држави, додавајќи дека е потребно единство за заштита на македонскиот национален идентитет.

„Нема пазарење со македонскиот идентитет“, порача Петрушевски на крајот од прес-конференцијата.

Прикажи повеќе...

Најново

Европа8 минути

Франција под црвен аларм поради топлотен бран, 37 департмани со највисоко предупредување

Во Франција денеска 37 департмани се ставени под црвено ниво на предупредување поради силниот топлотен бран што ја зафати земјата,...

Свет13 минути

Трамп се прости од сенаторот Линдзи Греaм: „Ќе ни недостига многу“

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по повод смртта на долгогодишниот сенатор Линдзи Греaм, кој почина во саботата вечер на...

Свет16 минути

Дете повредено при пресретнување на ирански ракети во Катар, сирените одекнаа во Бахреин

Три лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во Катар од делови на пресретнати ирански ракети, соопшти Министерството за...

Македонија30 минути

(Фото) Артилериска граната тешка 13,6 кг отстранета од плажа на Дојранското Езеро

Пиротехничарот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Зоран Пејев, безбедно отстрани неексплодирана артилериска граната со калибар од 100 мм,...

Спорт1 час

(Видео) Мекгрегор се врати и веднаш доживеа уште еден шок

Легендарниот ирски борец Конор Мекгрегор се врати во УФЦ по речиси пет години пауза, но неговиот камбек настап заврши на...

Спорт1 час

(Видео) Аргентина со играч повеќе ја скрши Швајцарија

Аргентина е последниот полуфиналист на Светското првенство откако ја победи Швајцарија со 3:1 по продолжение во драматично четвртфинале во Канзас...

Свет1 час

(Видео) Истрага по експлозиите во близина на Киев: Зеленски обвини за незаконско складирање оружје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека раководни лица на државниот одбранбен концерн „Укроборонпром“ ја прекршиле законската регулатива дозволувајќи складирање оружје...

Свет1 час

(Фото+видео) Силно невреме ја погоди Словенија, паѓал град со големина на орев

Силнo невреме проследено со град ја зафати Словенија во саботата попладне, а нестабилното време се прошири во централните, северните и...

Економија2 часа

СДСМ: Оризот скапува по амбарите, Владата на Мицкоски ги остави оризопроизводителите без откуп

Оризопроизводителите се соочуваат со една од најтешките кризи во последните години, како директна последица на погрешните политики на Владата на...