Uncategorized
Петрушевски: Левица смета дека РЕК Битола треба да се затвори и 3000 битолчани да останат без работа, а тоа значи дека автоматски се залага и домаќинствата да плаќаат до 30% повисока цена
Пратеникoт Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, денес на 49 седница на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, говореше за темата која политичката партија Левица ја изнесе во јавноста, околу затворање на РЕК Битола. Тој вели дека Левица смета дека 3000 луѓе треба да останат без работа, а домаќинствата да плаќаат и до 30% повисока цена. Според него, Левица е несериозна политичка партија, и треба да им се извини најпрво на сопствените поддржувачи и симпатизери.
„Така и Левица, ќе се обиде да крене паника за една тема, нивните гласачи и поддржувачи ќе видат, дека тоа врска нема со реалноста, втор пат ќе се обиде, трет пат, и веќе луѓево почнаа да коментираат дека Левица е апсолутно несериозна политичка партија и дека за жал, ги лаже своите сопствени поддржувачи, кревајќи теми кои што врска нема со реалноста“, вели тој.
Петрушевски вели дека од Левица најпрво треба да им се извинат на нивните поддржувачи, затоа што не се работи за нов закон за минерални суровини, како што пишуваат по нивните социјални мрежи.
„Ставаат слики од пратеници дека се носело нов закон и дека, замислете, во дворовите на граѓаните, во нивните дворови, ќе дошле странци и ќе им копале. Тоа го прави Левица.“, истакна тој.
Петрушевски додава дека гледајќи од аспект на геостратешката ситуација во цела Европа, како и позицијата на Македонија, небулозно е да се тврди дека РЕК Битола треба да се затвори, како што велат од Левица. Тој посочи дека преку 70% од електричната енергија, базна, ја произведува РЕК Битола.
„Ние како држава стратешки, без сериозна стратегија која што ќе биде усогласена нормално со меѓународните организации и стандарди, и во овој геополитички однос не можеме ни да помислиме дека можеме граѓаните, првенствено на Македонија, да ги оставиме без електрична енергија“, кажа Петрушевски и додаде:
„Оваа дебата се емитувала во живо на страницата на Левица. Еве да му се обратам на поддржувачите на Левица од Битола, да знаат дека нивната политичка партија се залага да се затвори РЕК Битола и 3.000 битолчани да останат на улица, односно, како што беше овде кажано, да останат под грижа на Министерството за социјална политика“.
Петрушевски рече дека претходната власт се залагала, преку либерализирање на пазарот на електрична енергија, за домаќинството, што би значело, како што вели тој, по автоматизам 20-3-% поголема цена на електрична енергија.
„Доколку она за која што се залага Левица да се продава струјата, електричната енергија, по пазарна вредност да ја биде цената, по автоматизам ќе значи дека крајниот потрошувач, односно домаќинствата во Македонија ќе треба да плаќаат до 30% поголема електрична енергија“, истакна Петрушевски.
Тој им се обрати на пратениците од Левица, и им посочи дека доколку имаат нешто кое што сметаат дека е погрешно, во делот на енергетиката и минералните суровини, постои легитимна можност да изработат предлог законски решенија.
„Поднесете ги. Ќе дебатираме сериозно на темата, ако сакате јавни расправи, ќе организираме, ќе ги повикаме и надлежните министерства, нема проблем, поднесете и ќе дебатираме. Меѓутоа, она кое што мора да го знаете, е дека ВМРО-ДПМНЕ излегла со сериозна, квалитетна политичка програма, со луѓе кои што таа програма ја потпишале и ја легитимирале на избори и добиле огромна поддршка да ја реализираат таа програма“.
Петрушевски кажа дека на Македонија и треба економски раст и развој, и според него, ВМРО-ДПМНЕ работи на тоа граѓаните да имаат поголеми плати, приходи, и да живеат подостоинствен живот.
„Сите инвестиции кои што ги набројувате овде, кои што го критикувате, ќе бидат реализирани, затоа што тоа е потребно на Македонија, затоа што им е потребно на граѓаните на Македонија, затоа што не сакаат да бидат под Министерството за труд и социјална политика, туку напротив сакаат да имаат достоинствени приходи, за оној труд којшто го вложуваат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Кремљ: Европа е вклучена во конфликтот и не може да биде неутрален посредник
Кремљ соопшти дека Европа не треба да очекува улога на посредник во мировниот процес за Украина, поради нејзиниот сегашен пристап, јави руската државна новинска агенција „РИА“, повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Песков го повтори ставот на Москва дека Европа во моментов е вклучена во конфликтот на страната на Украина. Од февруари не биле одржани никакви мировни преговори меѓу Русија и Украина, бидејќи САД, кои посредуваат меѓу двете страни, биле фокусирани на војната во Иран.
Песков потврди и дека рускиот претседател, Владимир Путин, во многу блиска иднина ќе отпатува во Кина, каде што треба да се сретне со кинескиот претседател Ши Џинпинг. Точните датуми на посетата, рече тој, наскоро ќе бидат објавени во договор со кинеската страна.
„Посетата се подготвува, а може да се каже дека подготовките веќе се завршени, остануваат само финалните детали. Ќе се одржи во многу блиска иднина“, изјави Песков на прес-конференција во Москва.
Последниот познат разговор меѓу Путин и Ши се одржал на 4 февруари преку видеоврска. Двајцата лидери тогаш разговарале за билатералната соработка, глобалната безбедност и усогласувањето на ставовите за клучните меѓународни прашања, вклучително и економските односи и стратешката стабилност.
Најавената посета доаѓа во време на зголемени геополитички тензии и сè поинтензивна соработка меѓу Москва и Пекинг, додека Русија настојува да ги зацврсти односите со Кина во услови на војната во Украина и западните санкции.
Uncategorized
Македонска промоција на двата најнови албума на Влатко Стефановски
Овој четврток, на 7 мај, со почеток во 12 часот, во хотелот Holiday Inn во Скопје, легендарниот гитарист Влатко Стефановски ќе ги претстави своите две најнови албумски остварувања – Guitar Sings (инструментален албум) и Muscle Memory (нов студиски албум), во организација на дискографската куќа Croatia Records.
Скопската промоција следува по нивното неодамнешно претставување во Сплит, во пресрет на доделувањето на престижната музичка награда „Порин“.
Како еден од најистакнатите гитаристи и автори на регионалната музичка сцена, Влатко Стефановски неодамна беше одликуван во Хрватска со престижната награда Porin Special Merit Award, како признание за неговиот особен придонес кон хрватската музика.
На промоцијата, Стефановски ќе зборува за процесот на создавање на албумите, за инспирацијата зад нив, како и за своите тековни и идни музички планови.
Дополнителна тежина на настанот му дава и присуството на претставници на Croatia Records од Загреб – уредничката Клаудија Чулар и извршната директорка Маја Видмар Клариќ.
Uncategorized
Филипче: Граѓаните скапо плаќаат за бајките на Мицкоски, со празни џебови и празни фрижидери
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека граѓани директно ги чувствуваат последиците од бајките на Мицкоски.
„Граѓаните скапо ги плаќаат бајките и неспособноста на премиерот Мицкоски. Ги плаќаат со празни џебови и со празни фрижидери“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ навремено предупредуваше и нудеше конкретни решенија за справување со кризата, но Владата не презела ништо.
„Баравме и предупредувавме дека се потребни конкретни мерки за помош на граѓаните. Уште пред скоро два месеци, кога започна кризата на Блискиот Исток, премиерот и Владата не презедоа буквално ништо. СДСМ понуди решенија, намалување на ДДВ-то на горивата на 5%, на основните прехранбени производи ДДВ-то да се намали на 0%, намалување на акцизите за 4 денари и преполовување на цената на патарините. Со овие мерки граѓаните навистина ќе имаа бенефит и ќе се почувствуваше на семејниот буџет. “, рече Филипче.
Тој обвини дека Владата ги одбила овие предлози, а потоа делумно и задоцнето вовела мерки кои сега повторно ги укинува.
„За жал, премиерот и неговата тендер-коалиција сите наши предлог-закони ги одбија. Дел од мерките ги воведоа делумно, а сега и тие се прекинуваат. Предоцна е, затоа што цените на сè во државата веќе се зголемија.“ рече претседателот Филипче.
Тој потенцираше дека реалноста ги демантира тврдењата на Владата.
„Мицкоски сè уште раскажува бајки дека сме трета економија во Европа. Дали граѓаните го чувствуваат тоа кога ќе влезат во продавница? Дали го чувствуваат кога ги плаќаат сметките? Одговорот е – не. Граѓаните живеат многу полошо. Странските инвестиции се намалени за 60%. Компании затвораат и отпуштаат работници. Во изминатите година и пол се отпуштени 1.500 работници. Дупката во буџетот расте, а државата должи 160 милиони евра за поврат на ДДВ кон компаниите.“ рече Филипче.
Дополнително, Филипче нагласи дека цените на основните производи се драстично зголемени:
„Лебот, брашното, шеќерот, солта, месото, млечните производи, овошјето и зеленчукот – сè е поскапено од 5 до 300%. Стандардот на граѓаните се влошува од ден на ден. Зборуваме за економија што тоне, за тежок секојдневен живот на граѓаните, за цени во продавниците кои веќе пораснаа без никаква контрола, за најниски плати во Европа, за најнизок стандард и за млади кои заминуваат од земјава.“ потенцираше претседателот Филипче.
Дополнително, Филипче уште еднаш посочи дека СДСМ бара и таргетирана поддршка за најранливите категории граѓани.
„Продолжуваме да бараме да се замрзнат цените на основните прехранбени производи, да се интервенира во ДДВ-то и да се донесат посебни мерки за помош на одредени загрозени категории на граѓани – социјални случаи, студенти, пензионери, работници со ниски примања, семејства со повеќе деца и земјоделци.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
