Контакт

Uncategorized

Вучиќ сака да се врати како премиер: Најави влада со само 12 министри

Објавено пред

Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, кој сега е кандидат за премиер на Србија, пред илјадници приврзаници во Белградската арена ја претстави својата програма пред предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври.

Вучиќ, кој на 27 септември поднесе оставка од претседателската функција, ја предводи изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“. На собирот најави влада со само 12 министри, значително поголемо присуство на министрите на терен, инвестиции во здравството и енергетиката и продолжување на европскиот пат на Србија без откажување од, како што рече, традиционалните пријателства.

По интонирањето на српската химна „Боже правде“, Вучиќ беше пречекан со аплауз и извици „Ацо Србине“ и „Победа“.

На почетокот од говорот му се заблагодари на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој првично беше најавен како гостин, но не пристигна во Белград. Според објавеното образложение, Фицо не добил лекарска дозвола за патување со авион поради здравствената состојба.

„Пред сè, би сакал да ве замолам со голем аплауз да му се заблагодариме на Роберт Фицо за поддршката. Знаеме дека е со нас и дека секогаш ќе биде“, рече Вучиќ.

Тој порача дека неговата кампања треба да испрати порака за „надеж и единство“ и тврдеше дека животниот стандард во Србија е подобрен, иако призна дека дел од граѓаните и натаму се соочуваат со проблеми.

„Сега сме на ниво со повеќе земји од ЕУ кога станува збор за животниот стандард. Повеќе немаме од што да се срамиме. Дали сме задоволни? Не сме! Дали е доволно? Не е! Луѓето и понатаму имаат тешкотии“, рече Вучиќ.

Едно од главните предизборни ветувања е драстично намалување на бројот на министри. Вучиќ најави дека, доколку неговата листа добие доволна поддршка за формирање влада, наместо сегашните 31 ќе има само 12 министри и тој како претседател на Владата.

Најави и таканаречена „Влада на тркала“, односно модел според кој министрите секојдневно би требало да бидат меѓу граѓаните и надвор од Белград.

„Владата ќе биде на тркала и секој ден сите министри ќе бидат на терен, а не да шетате од Париз до Лондон и да глумите големини“, порача Вучиќ.

Како еден од најголемите проблеми го посочи здравството. Најави изградба и реконструкција на здравствени домови, воведување нови терапии за ретки болести, дополнително опремување на болниците и поголемо државно финансирање за лекување во странство.

Зборуваше и за проблемите со водоснабдувањето во делови од Србија и најави големи инвестиции во фекална и атмосферска канализација.

Посебен дел од говорот беше посветен на образованието и протестите што во изминатиот период ја потресоа Србија. Вучиќ порача дека нема да дозволи училиштата и факултетите да се претвораат во „општински одбори на политички партии“.

„Тоа е градено за сите деца на Србија, а не за политички опции. Не сакате да ги учите децата, туку да ги злоупотребувате за да се занимаваат со политика. Нема повеќе! Крај на приказната“, рече тој.

Вучиќ најави и значително поголеми инвестиции во енергетиката, оценувајќи дека на Србија во иднина ќе ѝ биде потребно многу повеќе производство на електрична енергија.

„Не сум задоволен од состојбата во енергетиката бидејќи ќе ни треба многу повеќе електрична енергија. Ќе мора да размислуваме и за мали и за големи нуклеарни електрани и за сè што може да нè спаси во иднина“, рече Вучиќ.

Најави и посебен закон и програма за развој на југот на Србија, со дополнителни стимулации за инвеститорите и земјоделците во најнеразвиените подрачја.

Во надворешнополитичкиот дел од говорот, Вучиќ порача дека Србија ќе го продолжи патот кон Европската Унија, но нема да се откаже од своите традиционални партнерства.

Посебно им се заблагодари на Србите од Косово.

„Никогаш не ја предадоа својата Србија и никогаш нема. Благодарам на хероите кои го чуваат своето име и презиме на Косово! Ние секогаш ќе бидеме со нив“, рече Вучиќ.

Во истиот дел од говорот ја спомена и Хрватска, порачувајќи дека Србија нема да го замени српскиот јазик со хрватски и дека нема да се пеат песни на Марко Перковиќ Томпсон.

„Нема да зборуваме дека наместо српскиот службен ни е хрватскиот јазик, нема да ги пееме песните на Томпсон, имаме свои убави песни, свој Видовдан… Никогаш не сме биле на страната на нацистите и нема да бидеме ниту во иднина“, рече Вучиќ.

Тој повтори дека Србија ќе продолжи кон ЕУ, но и дека нема да воведе санкции кон Русија и нема да ги „гази традиционалните пријателства“.

Вучиќ ја обвини и студентската политичка листа дека добила големи средства од странство со цел да поттикнува поделби и омраза во Србија. За ваквото тврдење во говорот не презентираше докази.

Истовремено ги повика своите приврзаници да не ги третираат политичките противници како непријатели и најави дека, доколку неговата листа победи на изборите на 25 октомври, следниот ден ќе им подаде рака на противниците.

„Тие за нас се луѓе, а не нелуѓе, само политички противници. Секој ден велат ‘одиме на улица’. Одете каде сакате, а јас сакам да ги победам на избори, со пенкало, со заокружување на бројот еден“, рече Вучиќ.

Предвремените парламентарни избори во Србија се закажани за 25 октомври. Вучиќ, кој претходно веќе ја извршуваше премиерската функција, по повлекувањето од претседателската позиција повторно се обидува да се врати на чело на Владата.

Најново

Македонија15 минути

Клековски во Берлин: Германија е партнер за модерно здравство – дигитализација, кадри и нови технологии

Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска учествуваше на министерскиот панел на високо ниво на 9. Германско-источноевропски здравствен форум во Берлин....

Македонија19 минути

Меџити: Новиот базен во училиштето „7 Март“, инвестиција од околу 1 милион евра за децата од Чаир

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, го посети основното училиште „7 Март“, каде што одблиску го проследи напредокот на градежните...

Македонија31 минута

Сулејмани: Преспанскиот Регион ќе стане симбол на новата соработка меѓу Северна Македонија, Грција и Албанија – потпишанa заедничкa изјава за патот кон УНЕСКО

Со потпишување на заедничката изјава, министрите за култура на Северна Македонија, Грција и на Албанија на денешната трилатерална средба во...

Спорт42 минути

Хуркач го приземји Ѓоковиќ на Мастерсот во Шангај

По титулата во Пекинг, Новак Ѓоковиќ во првиот меч го заврши настапот на Мастерсот во Шангај. Подобар од него во...

Македонија54 минути

Директорот на Царина: Наш највисок заеднички интерес е создавање силни безбедносни коалиции во борбата со илегална миграција и сериозен криминал

„Наш највисок државен интерес е создавање на силни безбедносни коалиции со што ќе овозможиме посилен заеднички глобален напор во борбата...

Македонија56 минути

Герасимовски: Асфалтиран дел од улица во Маџир Маало, ја подобруваме уличната инфраструктура во Центар

Општина Центар асфалтираше дел од улицата ,,Маџир Маало“ во населбата, на површина од 352 квадратни метри. Досега жителите на овој...

Македонија1 час

ЗНАМ: На наша иницијатива започнаа инспекциските надзори на активните градилишта во Центар

На иницијатива на советниците од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија,нзапочнаа инспекциските надзори на активните градилишта на територијата на Општина...

Македонија1 час

И еден месец по прославата, Владата не кажа колку пари е настапот на Давид Гета: тоа е доверлив договор меѓу „Страдаст“ и артистот

Директорот на Државната лотарија, Александар Климовски, заедно со портпаролката на Владата, Марија Митева, денес повеќе од половина час го презентираше...

Македонија1 час

Николоски: Договорена нова авиолинија Подгорица-Скопје и поврзување на пристаништето Бар преку изгрaдба на автопатот Скопје -Блаце

Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски е во работна посета на Подгорица, Црна Гора, каде оствари средби со премиерот Милојко...