Забава
Адвокатката на Џони Деп доби унапредување по победата на судењето

Адвокатската фирма „Браун Радник“ ја унапреди својата соработничка Камил Васкез во партнер помалку од една недела откога таа му помогна на актерот Џони Деп да добие пресуда во негова корист и отштета од 15 милиони долари во судскиот спор за клевета против својата поранешна сопруга Амбер Херд.
Васкез стана јавно лице на адвокатскиот тим на Деп во текот на шестнеделното судење и собра пофалби за својот настап. Тимот беше предводен од партнерот на „Браун Радник“, Бенџамин Џу, и вклучуваше девет други адвокати.
Но, Васкез се појави како главен играч и со вкрстено испрашување на Херд успеа да ги убеди поротниците во завршните зборови дека Херд бил насилникот во врската.
Претседателот на „Браун Радник“, Вилијам Балдига, изјави во вторникот дека фирмата вообичаено ги промовира партнерите на крајот на фискалната година.
„Но, настапот на Камил за време на судењето на Џони Деп му докажа на светот дека таа е подготвена да го направи следниот чекор сега“, рече тој.
Васкез не беше веднаш достапна за коментар, но рече дека е одушевена што компанијата ѝ изгласала целосна доверба.
Регрутери и консултанти на адвокатски фирми рекоа дека издигнувањето на Васкез во партнер е титула што, генерално, вклучува сопственички удел, повеќе пари и поголемо влијание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
(Видео) Зеленски се сретна со Шон Пен, кој снима филм за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на својот официјален Фејсбук профил сподели видео од средбата со Шон Пен.
„ Актерот и режисер Шон Пен снима документарен филм за војната во Украина. Од првиот ден на целосната инвазија, тој беше во Киев и со свои очи виде што е руска агресија. Наскоро целиот свет ќе може да ja види целата вистина за војната благодарение на неговиот филм. Шон, ти благодарам што ја поддржуваш нашата држава и нашиот народ!“, напиша Зеленски на видеото.
Пен се сретна со Зеленски во февруари, ден пред инвазијата и денот кога започна инвазијата.
„ Јасно беше дека сум во присуство на нешто… Тоа беше нешто ново за современиот свет во смисла на храброст, достоинство и љубов. Тоа беше извонреден момент. Начинот на кој ја обедини таа земја. Бев импресиониран и трогнат од тоа и преплашен од него и за Украина“, рече актерот за украинскиот претседател.
Тој исто така спомна дека неговата непрофитна организација прави се што може за да им помогне на луѓето во Украина, кои живеат во „мрачна нова реалност“.
Забава
Промоција на албумот на Влатко Илиевски со необјавени песни

По компилацијата со најголемите хитови на Влатко Илиевски – „За љубов се пее до крај“, објавена во 2020 година, на иницијатива на семејството на Влатко, на 2 јули ќе биде промовиран уште еден негов албум – „Последно танго“, составен од досега необјавени песни.
На денот кога Влатко ќе го прославеше својот 37. роденден, 2 јули 2022, точно напладне во ресторанот на ФК „Работнички“ во Градскиот парк, во присуство на неговите најблиски соработници и пријатели, првпат ќе бидат претставени песните, кои пред неговото трагично заминување беа подготвувани за неговиот нов студиски албум. Нешто што несомнено претставува музички тестамент на нашиот Влатче, велат организаторите на настанот.
Станува збор за колекција од 14 песни, кои авторски ги потпишуваат Кристијан Габроски, Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Дарко Тасев, Весна Малинова…, како и легендарниот лидер на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача.
Зеле и Влатко, на радост на многубројните фанови, заедно го снимија големиот хит на „Дивље јагоде“ – „ Не желиш крај“.
Албумот содржи досега необјавени песни на носач на звук (некои фестивалски, две со златните славејчиња…), од кои половина се сосема нови и никогаш не се најдоа ниту на носач на звук ниту во радискиот етер, стои во соопштението.
Забава
Хуманитарен концерт во чест на Тоше на денот на неговиот прв концерт

В среда, 29 јуни, во спомен-куќата ќе се одржи хуманитарен концерт „Детска насмевка за овој свет“, кој ќе биде во чест на Тоше и од млади таленти ќе се интерпретираат негови песни.
Настанот ќе се одржи во спомен-куќата „Тодор Проески“, со почеток во 19.30 часот, а како организатор се јавува Play Without Boundaires со поддршка на спомен-куќата.
„29 јуни е ден што е особено значаен за Тоше, посебен ден во неговата кариера, ден на кој е запишан неговиот прв концерт на Градскиот стадион, кој сега е именуван по неговото име. Талентитани уметници, како Никола Зацески, Денис Димоски, Марија Груевска и Елена Петреска, ќе ги изведуваат безвременските хитови на Тоше, поддржани со музичките групи ‘Инвиктус’ и ‘Мелем’. Собраните средства ќе бидат искористени за набавка на неопходна медицинска опрема за тестирање слух кај новороденчиња во Македонија“, велат организаторите.