Забава
Адел и Ед Ширан предводат во номинации за „Брит авордс“

Адел и Ед Ширан ги предводат номинираните за британските музички награди – Brit Awards 2022 – со по четири номинации, како што беше објавено во саботата (18 декември).
Раперите Дејв и Литл Симз исто така добија четири номинации во списокот на кој годишните почести за поп-музиката во Британија нема да бидат поделени на машки и женски категории.
Организаторите минатиот месец соопштија дека воведуваат родово неутрални награди за локални и меѓународни уметници, а изведувачите сега се во трка за уметник на годината или меѓународен уметник на годината.
Британската поп-дива Адел, која е на врвот на топ-листите во светот со нејзиниот најнов албум „30“, обезбеди четири номинации, вклучително и номинации за најдобар албум, најдобар изведувач и најдобра песна за Easy On Me.
„Бритс“ ќе се одржи на 8 февруари во Лондон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
(Видео) Анимираниот филм за Спајдермен првиот викенд заработи трипати повеќе од својот претходник
Во својот прв викенд на прикажување во САД и низ светот, најновиот анимиран филм за човекот-пајак ги освои киноблагајните и ги надмина сите очекувања во однос на заработката и квалитетот.
Пофалбите на критичарите и ентузијазмот на публиката се проширија низ социјалните мрежи, а одличниот петок во САД допринесе во зголемување на проценката за комплетна викенд-заработка, која надмина 120 милиони долари, што е трипати повеќе отколку што заработи првиот филм.
Продолжението на наградуваниот хит „Човек пајак: Нов свет“, кој на големото платно донесе нов пристап на популарниот суперхерој и младиот Мајлс Моралес како нов спајдермен.
Во новиот анимиран филм, Мајлс Моралес се катапултира низ мултиверзумот, каде што наидува на тим пајак-луѓе задолжени да го заштитат неговото постоење.
По само четири дена прикажување, „Човек-пајак: Ширум пајак-вселената“ заработи 210 милиони долари на во светски рамки, што е двојно повеќе од буџетот на филмот и се предвидува дека ќе продолжи да доминира н а бокс-офисот.
На „Ротен томатос“ има 96 отсто од критичарите и 95 отсто од публиката, а моментално е највисоко оценет анимиран филм на сите времиња на ИМДБ, со исклучително висока оценка од 9.1 од вкупно 50.000 рецензии.
Забава
Холивуд се плаши од вештачката интелигенција

Иднината на Холивуд личи на дипфејк или лажен Рајан Рејнолдс кој ви продава електричен автомобил „тесла“.
Во видео, кое веќе е отстрането, но се споделува на „Твитер“, актерот со дебели очила со црни рамки, чија уста се движи независно од неговото лице, зборува за електричните возила: „Што мислите, колку би чинело да поседувате ваков автомобил кој изгледа проклето неверојатно?“
На скалата на веродостојност, видеото што првично се појави во мај беше означено како неавтентично. Тогаш неговиот креатор, јутјуберот и финансиски советник Кевин Пафрат, откри дека тоа го направил како трик за да го привлече вниманието на Илон Маск, што всушност и се случи: извршниот директор на „Тесла“ одговори на твитот на Пафрат: „Убаво“.
На други профили на „Твитер“, луѓето бараа од актерот Рејнолдс да поднесе тужба. Наместо тоа, неговата продукциска куќа одговори со слично откачено видео во кое Маск (со седа коса) го фали џинот направен од „Авиешн“, компанија во која Рејнолдс е косопственик. И тоа видео оттогаш е избришано.
„Финансиски советник го поддржува Маск на Твитер“ е далеку од ударна вест, но оваа комуникација укажува на многу поголем проблем: вештачката интелигенција (AI) им овозможува на сите да лажираат познати лица. А актерите, пак, стануваат сè посвесни за можноста оваа технолгија да почне да задира во нивната работа.
Тешко е дури и да се замисли каде ќе биде AI за три години, предупредуваат познавачите на оваа проблематика.
Со оглед на тоа што Здружението на американски писатели веќе штрајкува, делумно поради слична закана, во претстојните преговори меѓу синдикатот на актери и филмските студија најверојатно ќе се спомнат лажниот Брус Вилис и лажниот Рајан Рејнолдс како најнови чекори кон иднината во која доминира вештачката интелигенција.
Помпата околу технологијата значи дека таа ќе биде во центарот на разговорите, особено имајќи предвид дека договорот се преговара само еднаш на секои три години, објаснува Данкан Кребтри-Ајрленд, главен преговарач за актерскиот еснаф (САГ) и федерацијата на телевизиски и радиски уметници (САГ-АФТРА).
„Со оглед на тоа колку напреднала вештачката интелигенција во последните 18 месеци, тешко е дури и да се замисли каде ќе биде за три години“, вели Кребтри-Ајрленд.
Во писмото во кое ги повикува своите членови да го одобрат штрајкот, актерскиот еснаф (САГ) наведува дека бара договор кој ќе ги заштити членовите од губење приход „поради нерегулирана употреба на генеративна вештачка интелигенција“.
Крајниот рок е вторник, 6 јуни, а на 7 јуни САГ-АФТРА започнува преговори со Алијансата на филмски и телевизиски продуценти (AMPTP), која ги претставува студијата. Ако актерите се решат на штрајк, тоа би било прв пат од 2000 година.
Забава
Принцот Хари денес ќе се појави пред британскиот суд

Принцот Хари денес треба да се појави пред Високиот суд во Лондон за да сведочи во својата тужба против издавачот на британскиот таблоид „Дејли мирор“.
Војводата од Сасекс го тужи „Мирор груп нузпејперс“ (МГН) тврдејќи дека новинари од „Дејли мирор“, „Сандеј мирор“ и „Сандеј пипл“ користеле методи како хакирање телефон, благирање или добивање информации со измама, и ангажирање приватни истражители за незаконски активности.
Тој е меѓу десетици луѓе од висок профил кои го тужат МГН за незаконски активности во периодот од 1991 до 2011 година.
Војводата од Сасекс, најмладиот син на кралот Чарлс, е прв член ка кралското семејство во последните 130 години што ќе биде подложен на вкрстено испрашување во британскиот суд во рамки на блокбастер правна битка, термин што го користат медиумите во Британија за ова судење.
Во понеделникот, Дејвид Шерборн, кој го застапува Хари, се осврна на напис од 2003 година во кој е опишана наводна кавга меѓу принцот Хари и принцот Вилијам поради Пол Барел, поранешниот батлер на нивната мајка принцезата Дијана.
„Односот на принцот Хари со неговиот брат, принцот од Велс, претрпел недоверба поради написите објавени од издавачот на „Мирор“, МГН, беше кажано во судот во понеделникот.
„Дури и во оваа многу рана фаза на формирање… семето на раздорот меѓу овие двајца браќа почнува да се сее,“ рече адвокатот.
„Браќата понекогаш може да не се согласуваат. Но, штом тоа јавно ќе се објави на овој начин и кога нивните внатрешни чувства ќе се откријат на таков начин, довербата почнува да се нагризува.“
„Може да се види како недовербата се создава од мали нозе, токму поради овој вид активности.“
Адвокатот тврди дека ваквите написи всушност посеале семе на раздор меѓу браќата.
Принцот Хари тврди дека околу 140 написи објавени помеѓу 1996 и 2010 година содржеле информации собрани со незаконски методи, а 33 од нив се одбрани да бидат разгледани на судењето.
Судењето започна минатиот месец, при што адвокатите кои го застапуваат Хари и уште тројца тужители се обидоа да докажат дека незаконското собирање информации било извршено со знаење и согласност на главни уредници и раководители.
МГН, кој сега е во сопственост на Reach (RCH.L), се извини на почетокот на судењето за еден посочен пример во кој „Сандеј пипл“ на незаконски начин барал информации за Хари, признавајќи дека тој има право на компензација.
Сепак, МГН ги отфрли другите наводи на принцот Хари, тврдејќи дека му недостигаат докази за да ги поткрепи неговите тврдења.
Се очекува Бакингемската палата често да се споменува во текот на вкрстеното испрашување на Хари, а МГН тврди дека некои информации дошле од кралски соработници.