Забава
(Видео) Скопски моден фестивал од 28 до 30 септември

Скопскиот моден фестивал три дена ќе ја слави модата во метрополата, на нова урбана локација – центарот за настани PURE Night Club во градскиот парк, каде што под блесокот на рефлекторите од 28 до 30 септември последните колекции и дизајнерски дострели пред илјадниците гости и посетители на сцената ќе ги прикажат низа македонски и странски учесници, под закрила на маркетинг-агенцијата MAX Management Inc. Официјалната ревиска програма ќе се одвива в четврток, петок и в сабота од 18.30 до 22.30 часот.
Трите заштитни лица на третата сезона се интернационалните модели Аинура Јементајева, Тами Петковска и Кристина Велковска од „Моделс ин“. Организаторите традиционално изработија најавно видео и едиторијални фотографии, инспирирани од среќната лото-тројка и боите на ноќта, во соработка со дуото Frozen Time Drops. Како стилист на кампањата се потпишува Ангелина Китановска. Извршен продуцент е Милан Атанасов, креативен директор на фестивалот.
Девојките носат комбинации на ексклузивни креации од познати и еминентни имиња на нашата модна сцена: Билјана Каран, Ивана Кнез, KTN, La Maison Cece T. и Христијан Младеновски. Кошулите, од друга страна, го навестуваат пристигнувањето на брендот „Сербез“, чија деби колекција премиерно ќе се лансира и ќе внесе освежување на Skopje Fashion Festival powered by Државна лотарија. Чевлите и чантите се од мултибренд-понудата на N Fashion, а сребрениот накит е од Noel Jewelss.
За шминката е заслужно Мое студио Дадар“, а за фризурите се погрижи Social Hair Salon. Официјални партнери за шминка и убавина на настанот се FABUspot, застапени со премиум-брендовите: MAC, Bоbbi Brown, Burberry, Clarins, Estée Lauder, Shiseido и Foreo. Официјални партнери за фризура и нега на коса на фестивалот се Dakalama, со широката палета на производи од: K18, Revlon Professional, Glynt и Reuzel.
По една и пол година од првото издание, односно две одржани сезони, Скопскиот моден фестивал може да се пофали со бројка на учесници од над 40 дизајнери, брендови и академии, присуство на повеќе од 100 акредитирани новинари, фотографи и претставници на новите медиуми, како и посетеност од речиси 15.000 гости во текот на ревиите, изложбените салони и придружните активности на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Мајкл и Кетрин прославуваат роденден на ист ден

Славниот холивудски пар Мајкл Даглас и Кетрин Зета Џонс се родени на ист ден, а единствената работа што ги дели е разликата од 25 години меѓу нив.
Мајкл и Кетрин, кои се во среќен брак повеќе од две децении, се подготвуваат за двојна прослава бидејќи и двајцата го одбележуваат својот роденден на 25 септември.
Таблоидите потсетуваат дека денес ѕвездата родена во Велс наполни 54 години, а нејзиниот сопруг 79.
Љубовната приказна на Мајкл и Кетрин почна во 1998 година кога тој ја виде велшката убавица (која тогаш имаше 29 години) во улогата на енигматичната Елена Монтеро во филмот „Маската на Зоро“. Тој подоцна му кажа на својот публицист да организира средба помеѓу нив.
„Ја запознав во бар и бев тотален џентлмен“, му рече Мајкл на Џонатан Рос за време на гостувањето во неговата емисија во 2016 година. Актерот – кој имал 54 години кога се запознале – не можел да чека, па решил самиот да направи потег подоцна таа вечер дрско велејќи ѝ на актерката: Знаеш, јас ќе бидам татко на твоите деца“.
Но, Кетрин не била заљубена во актерот од „Ниски страсти“ (Basic Instinct). Таа одговорила: „Слушам многу за тебе и гледам многу за тебе и мислам дека е време да кажам добра ноќ“.
Сепак, шармот на холивудскиот актер беше пресуден, парот се сврши на новогодишно патување во домот на Мајкл во Аспен, Колорадо, во 1999 година, а следната година тие се венчаа.
Тие го пречекаа и синот Дилан Мајкл, кој имаше само три месеци кога присуствуваше на свадбата на своите родители.
Кетрин претходно се осврна на нивниот јаз во годините и во интервју за „Волстрит џурнал“ во 2021 година рече: „Мојот сопруг е 25 години постар од мене; тоа не е тајна… Константата се љубовта и почитта“.
Во друго интервју во 2022 години, овој пат за британски „Телеграф“, таа објасни: „Ние сме многу добри еден со друг, се почитуваме и никогаш не чувствувам дека тој е 25 години постар од мене. Се сеќавам кога некои луѓе велеа: кога ќе имаш 50, тој ќе има 75 години.“
„Тоа е само математика“, додаде таа.
Даглас и Зета-Џонс во Кан 2023 година.
Забава
Џорџ Клуни ја огласи на продажба куќата покрај езерото Комо

Џорџ Клуни го продава својот имот покрај езерото Комо за речиси 150 милиони долари (100 милиони евра).
62-годишниот актер ја купи вилата „Олеандра“ од 3.000 квадратни метри од производителите на кечап, семејството Хајнц, за 12,5 милиони долари во 2002 година и две години подоцна ја купи и соседната вила „Маргерита“ за 8,5 милиони – пред да ги поврзе имотите со мост.
Сега таблоидите дознаваат дека тој сака да се ослободи од импресивниот имот во Италија за да избега од љубопитните очи на папараците по повеќе години летување таму со својата сопруга, адвокатката за човекови права, Амал Клуни (45), и нивните шестгодишни близнаци Ела и Александар.
Неодамна беше објавено дека Џорџ го навел имотот за продажба по цена од 107 милиони долари, при што извор изјавил за „Пејџ сикс“ дека актерот бил свесен за вниманието што го добива кога е во градот.
Водечки агент за недвижности потврди дека шпекулациите се вистинити во изјава за неделникот „Оџи“.
Јасмин Бејсал, извршна партнерка во агенцијата за недвижности „Енгел и Волкерс“, рече дека ѝ се обратила агенција од Милано да ја продаде куќата на Клуни.
Вилата од 18 век со 25 соби се наоѓа во Лаљо – каде што Клуни беше прогласен за почесен граѓанин во 2004 година.
Располага со зеленчукова градина, киносала, сала за вежбање, терени за тенис и кошарка, како и базен и други објекти на површина од 8.500 квадратни метри.
Меѓу пријателите на Клуни што престојувале на имотот се војводата и војвотката од Сасекс, Барак и Мишел Обама, Џенифер Анистон и Мет Дејмон.
Забава
Ашер ќе го води шоуто на полувремето на „Супербол 2024“

Добитникот на „Греми, Ашер, ќе го предводи настапот на полувремето на „Супербол“ во Лас Вегас, Невада, соопштија Националната фудбалска лига (NFL), „Епл мјузик“ и издавачката куќа „Рок нејшн“ во неделата.
Финалето во американското рагби, 58. по ред, треба да се одржи на стадионот „Алиџант“ во Лас Вегас на 11 февруари 2024 година. Полувремето, исто како и натпреварот, е еден од најгледаните ТВ-настани во Америка.
„Ова е најголемата чест што животот може да ви ја даде, конечно да настапам на ‘Супербоул“. Едвај чекам да му донесам на светот шоу што не личи на ништо друго што досега сте виделе од мене,“ рече аренби-пејачот.
Од издавањето на својот деби-албум во 1994 година, Ашер Рејмонд Четврти продаде над 80 милиони плочи во светот, се искачи на врвот на музичките топ-листи и освои осум награди „Греми“, кои според многумина се најпрестижните награди во музичката индустрија.
Магазинот „Билборд“ го круниса како втор најуспешен уметник во 2000 години.
U Got It Bad, OMG и Yeah! се меѓу најголемите хитови на 44-годишниот пејач. Ашер моментно настапува во Лас Вегас како дел од неговото резиденцијална турнеја Usher: My Way.
„Ашер е икона, чија музика остави неизбришлива трага на културниот пејзаж во текот на својата кариера“, вели шефот на музика на НФЛ, Сет Дудовски, во соопшентието за јавност, објавувајќи ја одлуката.
Минатогодишното шоу на полувремето, кое го предводеше аренби-ѕвездата Ријана, беше најгледаниот настап на полувремето на сите времиња, соопштија организаторите.
Култни уметници и бендови, вклучувајќи ги „Ролинг стоунс“, Бијонсе, Стиви Вондер, Принс и Брус Спрингстин, се качија на сцената на полувремето на најпопуларниот спортски настан.