Забава
Елтон ги брани Хари и Меган, им платил приватен авион

Британскиот музичар Елтон Џон (72) се обиде да го одбрани однесувањето на војводата и војвотката од Сасекс објавувајќи на „Твитер“ дека е длабоко вознемирен од искривените и злонамерни извештаи во медиумите за неодамнешното приватно патување на двојката со нивниот син Арчи за време на престојот во неговиот дом во Ница.
Елтон Џон, долгогодишен пријател на покојната принцеза Дијана, напиша дека со оглед на неговата блискост со мајката на Хари смета дека му е должност да го заштити младото семејство од медиумите кои ги обвинува за нејзината прерана смрт.
Во еден твит пејачот тврди дека тој и неговиот партнер Дејвид Фурниш (56) го платиле патувањето на двојката со приватен авион затоа што сакале да добијат високо ниво на безбедност, што им било потребно.
„По напорната година и нивната посветеност на добротворни цели, Дејвид и јас сакавме младото семејство да се одмори во приватноста и мирот и безбедноста на нашиот убав дом“, напиша Џон.
Медиумите внимателно ги следат неодамнешните патувања на војводата и војвотката од Сасекс, особено превозните средства што ги користат. Интернет-страниците последниве денови пренесуваат фотографии од младото семејство, на кои нејасно се гледа како излегуваат од приватен авион, а медиумите известуваат дека тие патувале со приватен авион четирипати за 11 дена.
Според таблоидот „Сaн“, двојката уште еднаш ја налути британската јавност затоа што нивните приватни летови се скапи, а себеси се нарекуваат еколошки воини, освен кога станува збор за гламурозни одмори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Ким Катрал ќе се појави во финалето на серијата „И, едноставно, така“

Ким Катрал, која беше забележително отсутна од првата сезона на новото поглавје на „Сексот и градот“, со наслов And Just Like That… („И, едноставно, така..“), се согласи да се појави во втората сезона.
Според „Вараети“, таа ќе ја репризира улогата на Саманта Џонс во само една сцена од завршната епизода.
Истиот извор открива дека Ким го снимила својот дијалог без другите ѕвезди од серијата, вклучувајќи ја и Сара Џесика Паркер.
Кери Бредшо на некој начин ја одбележа приказната, Саманта Џонс беше омилениот лик на многумина, веројатно затоа што рушеше табуа. Гледано и во модна смисла, Саманта и Кери беа доминантни.
Ликот на Катрал беше објаснет како отсутен во приказната во која таа е преселена во Лондон.
Оригиналната „Сексот и градот“ се прикажуваше во шест сезони од 1998 до 2004 година и генерира два спиноф-филма.
Хит-серијата создаваше приказни за работата и љубовните врски на четири жени од Њујорк во 90-тите и раните 2000-ти.
Забава
Дени Мастерсон прогласен за виновен за силување

Актерот Дени Мастерсон на повторното судење во Лос Анџелес беше прогласен за виновен за силување и се соочува со затворска казна до 30 години.
Актерот, кој го глумеше Стивен Хајд во хит-серијата „Луди седумдесетти“, беше прогласен за виновен по две точки од обвинението.
Поротата составена од седум жени и пет мажи ја донесе пресудата по седумдневно заседавање. Нему му се заканува затворска казна до 30 години, пишува „Гардијан“.
47-годишниот актер наводно им ставал дрога во пијалаците на жените за да може да ги силува. Обвинителите изјавија дека тој силувал три жени, вклучително и својата девојка, во својот дом во Холивуд Хилс помеѓу 2001 и 2003 година.
Поротата не можеше да донесе пресуда за силувањето на неговата девојка, со која бил подолго време, но го прогласи за виновен за силување на преостанатите две жени.
Обвинителите тврдеа дека Дени го користел своето влијание во Сциентолошката црква, каде што сите три жени биле членови во тоа време, за да избегне последици со децении.
Актерот не сведочеше, ниту неговите адвокати повикаа сведоци. Одбраната тврдеше дека делата биле консензуални и се обиде да ги дискредитира тврдењата на жените посочувајќи промени во исказите и недоследности.
Портпаролот на Мастерсон одби да даде коментар, но неговите адвокати речиси сигурно ќе поднесат жалба.
Забава
Повеќе докази дека ќерката на Моника Белучи, Дева, е следното големо нешто во манекенството

Како ќерка на италијанската дива Моника Белучи и францускиот актер Винсент Касел, не е чудно што 18-годишната Дева Касел сега е на својот пат кон славата.
Дева се впушти во манекенските води, каде што станува сè поуспешна.
Како модел таа дебитира на 14 години во кампања за парфеми на „Долче и Габана“, а четири години подоцна, нејзината кариера на модните писти зеде сè поголем замав.
Дева беше фотографирана додека снима реклама за долна облека од тантела на брендот „Долче и Габана“ кај барокната Фонтана ди Треви во Рим претходно неделава.
Сличноста со мајка ѝ, една од најубавите жени на светот, е очигледна благодарение на темните кадрици и шминка, кои го отсликуваат препознатливиот изглед и безвременска убавина на Моника од 90-тите.
Нејзиниот шарм е совршен спој на убавината на Моника Белучи и магнетизмот на Винсент Касел.
И Моника ја почна својата кариера како модел и муза на модното дуо Долче и Габана, па затоа често Дева ја споредуваат со мајка ѝ.
„Во моментот сум посветена на манекенството, како и на драмската работилница, на која присуствувам. Не би ми пречело да се обидам да глумам. Мислам дека навистина би уживала во тоа, но знам дека тоа е тешка професија, чие усовршување бара многу време и многу лични вложувања“, изјави таа неодамна во интервју за магазинот Glass.
„Навистина го ценам фактот што моите родители никогаш не ме принудија да глумам. Секогаш ми велеа дека можам да бидам што сакам кога ќе пораснам поради што бев многу отворена во разни домени“.
Дева ќе глуми во претстојната италијанска серија „Леопард“, која ќе се емитува на „Нетфликс“. Станува збор за серија инспирирана од филмскиот класик во режија на Лучино Висконти, кој освои „Златен лав“ во 1963 година. Во тој филм глумеа Клаудија Кардинале, Ален Делон и Берт Ланкастер.
Во серијата од шест епизоди, сместена во заднината на социјалната револуција во Сицилија во 1860, Дева ќе ја портретира Анџелика Седара (која ја глумеше Клаудија Кардинале во оригиналниот филм), млада жена од средната класа, која станува катализатор на општествените превирања.