Забава
За малку застрелана британската кралица

Британската кралица Елизабета Втора за малку ќе била застрелана од нејзиниот личен телохранител, додека талкала по Бакингемската палата ноќе страдајќи од несоница, пишува лондонски The Times.
За овој инцидент раскажал поранешниот телохранител. Еднаш, доцна ноќта околу 3 часот, тој бил ангажиран за обезбедување на внатрешноста на Бакингемската палата, кога во темнината забележа фигура. Повикал „Кој е тоа?“, а на негово големо изненадување се покажало дека силуетата е кралицата Елизабета Втора.
„По ѓаволите, Ваше Височество, јас за малку не ве застрелав“, го цитира весникот телохранителот. Појаснува дека 90-годишната кралица понекогаш има проблеми со несоница и прави ноќни прошетки низ дворецот.
Додава дека тонот со кој се обратил не соодветствувал за обраќање кон монарх, но оти кралицата ја преземала врз себе одговорноста затоа што го ставила во таква непријатна ситуација.
„Сé е во ред. Следниот пат однапред ќе во се јавам, и не ќе мора да пукате во мене“, одговорила британската кралица, пишува Times кој ги објавува сеќавањата на поранешниот припадник на Кралската гарда.
Не е наведено кога всушност се случил инцидентот. Според пишувањето на весникот, кралицата била облечена во наметка и имала намера малку да прошета.
Весникот потсетува и дека во 2013 година и принцот Ендрју, исто така, додека вечер се шетал низ големите градини на Бакингемската палата, од страна гардисти бил сметан за натрапник. Тогаш беше објавено дека внатрешното обезбедување не било вооружено, но испрати извинување до принцот, потсетувајќи дека палатата била цел на повеќе безбедносни нарушувања изминатите години
Инциденти поврзани со обиди за уфрлување на територијата на Бакингемската палата има неколкупати годишно. Во август 2016 година, полицијата го уапси со нож вооружениот 22-годишен студент од Кина, Хан Џан, во обидот да влезе во дворецот. При апсењето тој тврдел дека имал намера да ја убие кралицата.
Во јуни, неколку дена пред официјалното одбележување на роденденот на Елизабета Втора, наспроти Бакингемската палата е уапсен фанатик вооружен со три ножа кој во медиумите беше идентификуван како Џон Болтон. Во мај 41-годишниот Денис Хенеси, претходно осуден за убиство, упаднал на територијата на палатата и десет минути шетал низ неа пред да им пријде на гардистите за да праша „Дали кралицата е дома?“. Бакингемската палата тогаш потврди дека кралицата, принцот Филип и принцот Ендрју биле во тоа време во палатата.
Елизабета Втора стапува на британскиот трон во 1952 година на 25-годишна возраст. Во септември 2016 година таа ја надмина кралицата Викторија според времето минато на престолот, кој дотогаш изнесуваше 23.226 дена, 16 часови и 23 минути, станувајќи најдолговечниот монарх во историјата на Велика Британија. На 21-ви април 2017 година британската кралица ќе наполни 91 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Кому воопшто му треба наградата? Номинираните за „Греми“ ќе добијат раскошни подароци

Вечерва во Лос Анџелес ќе се одржи еден од најпрестижните настани во музичката индустрија, наградите „Греми“, а номинираните ќе понесат дома вреќичка со подароци вредна 60.000 долари, дознава „Пејџ сикс“.
Ова секако го подига концептот подарок за една до две октави.
Наводно, еден од најскапите подароци е ваучер за третман липосукција вреден 18.000 долари. Се подаруваат и други козметички третмани во вредност до 10.000 долари, а и сет накит од злато и кристал во вредност од околу 2.000 долари.
Освен тоа, овогодинешните номинирани за музичката награда ќе добијат очила за сонце специјално дизајнирани за таа пригода и комплет производи за убавина во вредност од 515 долари. Ќе има и роботски чистач на базени вреден 400 долари.
Вреќичките со подароци, наводно, ќе содржат повеќе од 50 предмети, а таблоидите пренесуваат дека номинираниte за „Греми“, водителите, и изведувачите ќе добијат подароци. Така, Хари Стајлс, Шања Твен и Бед Бони се само некои од имињата кои вечерва ќе однесат дома подароци од 60.000 долари.
Во пресрет на свечената церемонија, американските шоу-биз медиуми се фокусираа на луксузните подароци, на нивните насловни страници речиси и да немаше фотографии од номинираните.
За потсетување, поп иконата Бијонсе доби најмногу номинации оваа година, вкупно девет, што ја изедначи со нејзиниот сопруг, раперот Џеј Зи и најноминираните уметници на сите времиња.
Бијонсе и Џеј Зи имаат комбинирани 88 номинации за музички награди со гласање од колегите. Џеј Зи оваа година доби пет номинации за неговиот придонес за песната Renaissance на Бијонсе и God Did на диџеј Калед.
Комичарот Тревор Ноа ќе ја води 65. традиционална церемонија, каде златни грамофони ќе им бидат доделени на музичарите кои ја одбележаа изминатата година.
Забава
Јапонски град го зајакнува туризмот со ангажирање на гејши

Во обид да ја оживее култната традиција и да го поттикне туризмот, јапонскиот град со термалните извори Геро во префектурата Гифу, ја продолжува програмата за вработување жени во градската администрација, кои се обучени да бидат „маико“ (чирак гејша).
Вработените во уникатниот проект на локалната самоуправа, кој е втор од ваков вид во Јапонија, се очекува да работат како државни службеници, а истовремено да учат да танцуваат, пеат и свират на музички инструменти. Обуката се очекува да трае три години, а нови вработувања во рамките на оваа програма ќе започнат во февруари.
Од градската управа велат дека во последните години има се помалку групни посети на местото, па гејшите имаат се помалку можности да ја покажат својата уметност.
Тецуја Томинага, програмски менаџер во одделот за туризам на Гера, истакнува дека историјата и културата на гејшите се важни и треба да се пренесат.
Во 1970-тите, градот во централната префектура Гифу имал повеќе од 200 гејши и нивни чираци. Но, тој број се намалил, а моментално има само три, вклучувајќи ја и Марика Такемото (23), првата што е регрутирана во програмата. Такемото, родена во Токио, е вработена во 2021 година во одделот за туризам на градската управа на Гера.
Таа вели дека е заинтересирана за ревитализација на руралните области, а преку социјалните мрежи се обидува да привлече туристи во одморалиштето со топли извори, кое сè уште ги чува остатоците од античката историја.
Како маико (чирак гејша), таа учи бонтон, танц и народни песни. Бидејќи е државен службеник, не смее да забавува приватни групи, но може да настапува јавно.
Со искуството стекнато за време на обуката, таа може да избере да продолжи да работи како гејша по завршувањето на програмата за обука.
Забава
Почна карневалот во Венеција

Почна Карневалот во Венеција. Танчери и уметници продефилираа покрај Грандe Каналот.
Во текот на следните две недели градот ќе биде исполнет со илјадници туристи од цела Италија и светот.
Во античките венецијански палати ќе се одржуваат маскирани балови, а на плоштадите и каналите во градот ќе се организираат концерти и поворки со гондоли.
Еден од најстарите карневали во светот првпат се одржал во 11 век.