Забава
„Пипл“: Ова се личности на годината

„Пипл“ им оддава почит на Квинта Брансон, Џенифер Хадсон, Мила Кунис и Метју Меконахи за инспиративната работа што ја направија оваа година.
Во едиторијалот главната уредничка на угледниот магазин, Венди Нагл, пишува: „Најхраброто нешто што можеме да го направиме? Да помагаме“.
„Размислував многу за тоа што инспирира некого да преземе акција, да ги донира своето време, пари и страст за некоја кауза, да направи нешто повеќе од твит или објава на ‘Инстаграм’. Тоа ми беше на ум затоа што се чини дека на светот му треба нашата помош повеќе од кога и да е, а исто така и затоа што луѓето што ги славиме во ова издание не се двоумеа да го дочекаат моментот. Не прашаа зошто баш јас, ниту чекаа дозвола ниту се заглавија во сомнеж во себе. Тие, едноставно, се фатија за работа“, стои во текстот на главната уредничка.
Таа воедно објави листа на познати личности за кои смета дека ја заслужуваат титулата личност на годината, а на неа има еден маж и три жени.
Актерот Метју Меконахи, актерката Мила Кунис, добитничката на „Еми“, Квинта Брансон, и пејачката Џенифер Хадсон се истакнаа по својата хуманитарна работа и несебичното помагање на другите во изминатата година.
Метју Меконахи
„Кога во родниот град на Метју Меконахи имаше вооружен напад врз училиште минатиот мај, при што настрадаа 19 деца и двајца вработени во училиштето, актерот и неговата сопруга Камила бргу се вратија во гратчето Увалде“.
„Тие немаа план: само почнаа да разговараат со семејствата на жртвите и веднаш видоа колку родителите сакаат животот на нивните деца да биде важен. Со цел да иницира реформи за поседување оружје, двајцата презентираа предлози до американскиот Конгрес да усвои нацрт-закон за ограничување на пристапот до оружје. Еден месец подоцна, законот беше усвоен“, пишува „Пипл“.
Квинта Брансон
Добитничката на „Еми“, Квинта Брансон, е одговорна за документарната серија Abbott Elementary. Таа сакаше да создаде серија што ќе го премости генерацискиот јаз и ќе ги насмее неа и нејзините родители и баба и дедо на истите шеги. „Важноста да се смееме и да се смееме заедно за исти работи е исцелување. Нема ништо поубаво од тоа бидејќи така се градат и зајакнуваат односите меѓу луѓето“, вели таа.
Џенифер Хадсон
Со нејзиното ново ток-шоу мисијата на Џенифер Хадсон беше да создаде платформа за секого, за сите да имаме место каде што се чувствуваат вклучени. Џенифер го почна шоуто откако стана најмладата жена што го постигнала статусот ЕГОТ (добитник „Еми“, „Греми“, „Оскар“ и „Тони“) на 41-годишна возраст.
Мила Кунис
По руската инвазија на Украина, актерката Мила Кунис веднаш реши да им помогне на унесреќените луѓе во својата родна земја.
„Бидејќи сум од Украина, моите пријатели почнаа да ме прашуваат со кого можам да контактирам за донации и веднаш знаев дека морам да помогнам“. Незнаењето од каде да почне не ја забави: „Немавме решение, па создадовме“. До денес има собрано 37 милиони долари за бегалци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Сè што може Жизел… може и тој! Том Брејди со провокативно селфи

Новопечениот ерген Том Брејди се соблече во долна облека и сподели провокативна фотографија на „Инстаграм“ во понеделникот – само неколку дена откако неговата поранешна сопруга Жизел Бундхен ги покажа своите облини додека позира на фотосесија на плажа.
Фудбалската ѕвезда (45) сподели разголена фотографија во „Инстаграм-приказни“ и на „Твитер“ додека го промовира сопствениот бренд за долна облека.
Атлетичарот, кој неодамна објави дека се повлекува од НФЛ, на себе има тесна долна облека додека ги покажува затегнатите стомачни мускули.
Впечатливата фотографија, на која се гледа како седи на работ од ненаместен кревет со раширени нозе со раката преку интимниот дел, не личи на ништо слично што Том досега го споделил. Оваа објава бргу предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Многу фанови беа изненадени бидејќи никогаш не го имаа видено во вакво светло. Некои корисници на интернет објавата ја опишаа како „стапица за жед“, а други се шегуваа дека тој станал лошо момче по напуштањето на фудбалот.
„Друже, сопругите и девојките на многу луѓе се на оваа апликација“, твитна еден корисник.
„Ако тоа е ова што мора да го трпиме од тебе поради твоето пензионирање, тогаш очекувам да те видам на тренинг-кампот“, твитна друг.
Том ја сподели фотографијата како одговор на зделката што ја направи со својата компанија за облека „Брејди Ббенд“, која продава кошули, панталони и долна облека.
Забава
Би-би-си: Интересни моменти од 65. издание на „Греми“

Во неделата вечерта во Лос Анџелес се одржа доделувањето на Греми-наградите, а трофеи добија сите од Ози Озборн и Адел до Вили Нелсон и Бијонсе, пишува Марк Севиџ од британски Би-би-си.
Хари Стајлс ја доби посакуваната награда за најдобар албум, Вајола Дејвис се стекна со статусот ЕГОТ, Бијонсе стана најнаградуваниот изведувач во историјата на „Греми“.
Музичкиот дописник на Би-би-си издвои неколку интересни моменти на вечерта, која, според него, имаше многу пресврти.
„Што треба да направи Бијонсе за да освои ‘Греми’ за најдобар албум?“, прашува тој во својата колумна.
Оваа година Renaissance беше претпоставениот фаворит за албум на годината. Но, четврти пат во кариерата Бијонсе беше победена во категоријата „Најдобар албум“. Овој пат круната ја зеде Хари Стајлс. Претходно тоа беа Бек, Адел и Тејлор Свифт. Која е пораката што „Греми“ се обидува да ја испорача овде? Се чини дека е: престанете да бидете толку впечатливи и напишете музика со која се чувствуваме удобно!
Во колумната има и коментар за музичарите кога го примаат трофејот. „Сите треба да работат на своите говори, освен Лизо. Изгледа дека не беше голема ноќ за држење говори“.
Понатаму, како и многумина, така и Севиџ забележа дека Бен Афлек не е импресиониран. Тој присуствуваше на церемонијата за да ја поддржи својата сопруга и очигледно дека целиот настан му беше прилично досаден.
Фотографии на кои тој се чини целосно незаинтересиран, не помрднувајќи го телото и вртејќи ја главата како Стиви Вондер додека Џенифер Лопез танцува на својот стол набргу се појавија на социјалните мрежи.
„Колку и да сте имале лош ден, сигурен сум дека не се чувствувате толку бедно како Бен Афлек на ‘Греми’ во моментот“, напиша еден набљудувач. „Можете да видите како неговите батерии се празнат во реално време“.
„Греми“ со задоцнување сфати дека хип-хопот е прилично добар.
Тоа беше голема ноќ за Ким Петрас.
Сем Смит и Ким Петрас освоија трофеј во категоријата „Најдобра соработка на поп дуо/бенд“ за својата секс-мелодрама Unholy, која ја изведоа на сцената со Смит облечен како ѓавол.
Забава
(Видео) Сопственичка покажа како го научила своето милениче на галење

Мачките се познати како своеглави, мистериозни и резервирани суштества, но како и секое друго живо суштество, така и тие умеат да искажат љубов. Единствено, ви треба малку поинаков пристап.
Тие не се како кучињата склони кон претерано галење. Сепак, мачорот Пакито докажува дека може да се научат од мали. Неговата сопственичка сподели видео на „Тик-ток“, во кое објаснува дека го галела своето милениче уште кога бил мал и секој ден го бакнувала на врвот на главата.
„Сега бара бакнеж секоја вечер пред спиење“, додава таа.
@paquito_thecat Sharing how I raised my cat to be cuddly. Follow for more! #cat #catsoftiktok #fyp #catlover #purring #asmr ♬ original sound – Paquito Del Barrio
Видеото собра над 800.000 прегледи, а многумина ги споделија своите искуства во делот за коментари.
„Некогаш и јас правев така, ама сега мојата мачка бега од мене“, „Мојата мачка сака да се гали и не би го менувала тоа за цел свет“, „Се обидов така и не успеа. Мојот мачор сака галење, но мрази бакнежи“, беа некои од коментарите.