Забава
Почина популарен јутјубер: помина 80 дена во кома по страшна сообраќајна несреќа

Јутјуберот Тијаго Еугенио почина по поминати 80 дена во кома по сообраќајна несреќа, пишува „Дејли мејл“.
Португалската ѕвезда доби сериозни повреди по судирот на автопатот „Алгарве“ на 23 јуни и пожарникарите мораа да го извлечат 28-годишникот од возилото.
Еугенио бил итно пренесен во болницата „Фаро“, каде што поминал 80 дена на интензивна нега во кома, но тој почина од повредите во четвртокот наутро.
Мајка му ја потврди веста со емотивна почит на својот голем воин, кој се бореше 80 дена.
Еугенио е роден во Сао Брас де Алпортел, град во регионот Алгарве во Португалија, а стана ѕвезда на „Јутјуб“ откога го отвори својот канал пред четири години. На својот канал тој блогира за својот живот, од тоа како се справува со негативните коментари на „Јутјуб“ до стоматолошка хируршка процедура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Возењето со овој воз чини и до 67.000 евра

Возењето со „Ориент експрес“ не е работа од минатото или од роман на Агата Кристи.
И денес можете да патувате во „Ориент експрес“ низ Европа, а сега овој луксузен хотел на тркала се вика „Венеција Симплон Ориент Експрес“ и е во сопственост на Белмонд.
Како и во минатото, нуди рути низ Европа, а неговите патници, односно гостите, уживаат во годишен одмор во воз.
Цените се фиксни и зависат од рутата. Возот патува низ цела Европа, на пример, за патување од Париз до Венеција, цената за обична кабина е најмалку 4.300 евра. Најскапиот билет на денешниот „Ориент експрес чини“ 67.000 евра, колку што плаќаат патниците кои патуваат од Истанбул до Париз во најскапата кабина на возот.
Цените ги вклучуваат сите оброци, кои вообичаено се состојат од вечера со четири јадења, континентален доручек и доцен оброк или ручек од три јадења, услуга на стјуардот и прием со шампањ при пристигнувањето.
Луксузниот хотел на тркала, кој ја инспирираше Агата Кристи да го напише својот познат крими-роман „Убиство на Ориент Експрес“, го поврзува Париз со Истанбул од крајот на 19 век.
Со текот на годините, рутите се менуваа, а една од најпопуларните беше од Париз до Истанбул и онаа што ги поврзува Лондон и Венеција. „Ориент експрес“ неодамна соопшти дека повеќе нема да патува до и од Лондон.
„Ориент експрес“ беше и остана познат по својот луксуз и елеганција. Внатрешноста на возот ја дизајнирале врвни дизајнери, а просторот е направен од скапи материјали, како ореово дрво, кристал и злато. Патниците можат да уживаат во храна и напитоци со врвен квалитет и разни услуги, како што се кројачи и фризери.
Првото возење е реализирано во 1883 година, а на него патувале бројни познати личности како Винстон Черчил, Агата Кристи и Ернест Хемингвеј. Поминал низ бројни европски земји – патувањата се разликувале по рута, времетраење и луксуз.
„Ориент експрес“ несомнено е еден од најпознатите возови во историјата. Луксузната железничка линија останува симбол на удобно патување, елеганција и гламур.
Забава
Александра Грант за својот партнер Кијану Ривс: „Тој ми е вистинска инспирација“

Александра Грант фрла ново светло на романсата со Кијану Ривс.
Успешната визуелна уметница (50) минатиот викенд во Лос Анџелес присуствуваше на доделувањето на наградите за уметност „Беверли артс ајкон“, без Кијану (59).
На настанот беше една од лауреатите, а на црвениот тепих прошета сама и ги изненади присутните кога одговори на неколку прашања за својата љубовна врска имајќи предвид дека приватниот живот го држи далеку од очите на јавноста.
На прашањето дали е потешко или полесно да се појави сама на црвен килим, таа даде промислен одговор.
„Добрата вест за заљубувањето како возрасен е тоа што изградив сопствена кариера до моментот кога почна мојата врска“, изјави таа за „Пипл“.
„Се чувствувам многу самоуверено во врската кога присуствувам на настан на црвен тепих. Се чувствувам самоуверено кога сум сама таму. Тоа е еден вид независност“.
Тие во јавноста дебитираа како пар во 2019 година.
На прашањето како таа и ѕвездата на „Џон Вик“, кои претходно беа пријатели и соработници, комуницираат меѓусебно со професионалната средина, Грант го почна својот одговор сеќавајќи се на моментот во кој се чувствувала креативно заглавена.
„Во еден момент на фрустрација во мојот живот, еднаш реков: понекогаш се чувствувам како ‘масерати’ заглавен во сообраќај, го имам овој моќен мотор, но од разни причини не можам да поминам“, рече таа за „Пипл“.
„И знам дека многу луѓе се чувствуваат фрустрирани во своите животи, дека не може да го вклучат својот мотор. Мислам дека секоја креативна личност се чувствува така“.
„Она што го сакам кај Кијану и кај нас двајцата кога сме заедно е тоа што се туркаме еден со друг да изградиме нови патишта“, вели таа. „Да гледате друга личност како ги решава проблемите е инспиративно, како, на пример: добро, во ред, ова е ќор-сокак, како да го пробам ова другото?“
„Тој е вистинска инспирација за мене“, продолжи таа. „Тој е многу креативен, добродушен и работи многу напорно.
Забава
Филм за турнејата на Тејлор Свифт набргу ќе пристигне во кината во 100 земји

Филм за концертната турнеја на поп-ѕвездата Тејлор Свифт пристига во киносалите во Америка и во светот на 13 октомври, објавија во вторникот дистрибутерот „Еј-ем-си“ и Свифт.
Дистрибутерот планира филмот, со наслов „Тејлор Свифт: Турнејата Ерас“ (Taylor Swift: The Eras Tour), да се прикажува во 100 земји.
„Турнејата не е единственото нешто што сакаме да се случи во светот“, напиша пејачката на „Инстаграм“.
„Многу сум возбудена што можам да ви кажам на сите дека концертниот филм The Eras Tour официјално доаѓа во кината во светот на 13 октомври!“, додаде таа.
Според медиумите, Свифт (33), најверојатно, ќе заработи милијарда долари од турнејата, првпат во историјата. Филмот би требало да заработи повеќе од 100 милиони долари во првиот викенд во северноамериканските кина, што не се памети за концерт што се прикажува во киносали.