Забава
Принцот Хари доаѓа во Британија, а кралот Чарлс на соло патување надвор од земјата

Принцот Хари го тужи „Мирор њуз груп“ (МНГ) за хакирање на телефонот и бидејќи судскиот спор се води во Лондон, војводата од Сасекс е принуден често да патува од САД до Обединетото Кралство и назад.
Тој ќе се појави во суд следната недела, на 5 јуни, за да даде докази за своите тврдења. Овој дел од судскиот процес би можел да вклучи еден од најгласните критичари на Сасекси, Пирс Морган, кој порано бил уредник на „Мирор“.
Принцот Хари тврди дека Пирс Морган бил свесен за ситуацијата со хакирање, па дури и ги охрабрувал незаконските дејства.
Принцот Хари не е единствената позната личност од висок профил што тужи таблоиди поради хакирање телефони и други незаконски активности. Актерот Хју Грант исто така поведе тужба против весникот „Сан“ со слични тврдења.
Бидејќи принцот се враќа во Обединетото Кралство, прашањето што многумина го поставија е дали ќе го посети својот татко или други членови на семејството?
Хари нема да го види кралот Чарлс, дознаваат медиумите.
Како што објави „Телеграф“, принцот ќе допатува на почетокот на следната недела во рамките на судскиот спор против МНГ, но војводата од Сасекс нема да може да се види со својот татко, дури и ако планирал.
Претстојната посета на принцот Хари се совпаѓа со приватната посета на кралот Чарлс на Трансилванија, каде што тој поседува имот. Кралот наводно има долга историја со Романија и ужива кога патува во оваа земја, каде што оди на планинарење и јавање. Весникот потсетува дека еднаш во годината тој оди во Романија.
Кралот наводно поседува 10 куќи во Романија, а првата ја купил во 2006 година во селото Вискри. Според „Телеграф“, домот на Чарлс Трети во Трансилванија нема вајфај-сигнал, телевизија или радио. Тој сам ќе патува во Романија, а неговата сопруга Камила останува во Велика Британија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
(Видео) Семејството на текстописецот на Let’s Get It On ја заврши судската битка против Ед Ширан

Наследниците на музичарот коавтор на големиот хит на Марвин Геј, Let’s Get It On, се согласиле да ја отфрлат жалбата на пресудата на американската порота, која утврди дека песната Thinking Out Loud на британската поп-ѕвезда Ед Ширан не е плагијат на класикот на Геј.
Во мај судот во Њујорк пресуди дека Ширан не ја копирал песната на Геј кога ја компонирал Thinking Out Loud, еден од најголемите хитови на Британецот.
Во судскиот поднесок во средата (20 септември) се наведува дека наследниците на текстописецот Ед Таунсенд, коавтор на песната на Марвин Геј, ќе ја повлечат жалбата без предрасуди, што значи дека не може повторно да се поднесе.
Адвокатот на Ширан, Елин Фаркес, во четвртокот рече дека наследниците увиделе дека жалбата ќе заврши со потврдена пресуда и станале свесни дека е мудро да се повлечат имајќи ги предвид судските такси и трошоците на кои ќе бидат изложени.
Адвокатите на наследниците на Таунсенд не одговорија веднаш на барањето за коментар во четвртокот.
Наследниците на Таунсенд ги тужеа Ширан, „Ворнер мјузик“ и „Сони мјузик“ за прекршување на авторските права тврдејќи дека хитот на Ширан од 2014 година го копирал срцето на класикот на Геј од 1973 година, вклучително и мелодијата, хармонијата и ритамот.
Адвокатите на Ширан возвратија дека секоја сличност меѓу песните вклучува основни музички градежни елементи, кои не може да бидат заштитени со авторски права.
Забава
Холивудските сценаристи и студија повторно на средба среде штрајкот

Преговарачите на големите холивудски студија и на истакнати филмски и телевизиски писатели планираат повторно да се сретнат в петок (22 септември), се наведува во соопштението на Здружението на писателите на Америка (WGA).
Двете страни во четвртокот преговараа повеќе од 10 часа, но не успеаја да постигнат договор за ставање крај на повеќемесечниот ќор-сокак околво врска со хонорарите и употребата на вештачката интелигенција, објави Си-ен-ен.
Алијансата на филмските и телевизиските продуценти, која преговара во име на холивудските компании и студија, не одговори веднаш на барањето за коментар.
Околу 11.500 члена на Здружението на сценаристите ја напуштија работата во мај, лути од тоа како се променија работните услови во ерата на стриминг-телевизија.
Со цел да помогнат да се постигне договор, на преговорите во средата и четвртокот беа присутни и извршниот директор на „Волт Дизни“, Боб Ајгер, вториот извршен директор на „Нетфликс“, Тед Сарандос, претседателката на „Ен-би-си јуниверзал стидио груп“, Дона Ленгли, и извршниот директор на „Ворнер брос дискавери“, Дејвид Заслав, според извор близок до студијата.
Забава
Научници на симпозиум ќе дебатираат за влијанието на Тејлор Свифт

Австралија се подготвува да одржи меѓународна академска конференција за влијанието на Тејлор Свифт, објави Би-би-си.
Настанот „Свифтпозиум“ ќе го истражи влијанието на мегаѕвездата врз сè, од музичката индустрија до поп-културата и економијата. Организаторите на тридневниот настан се надеваат дека ќе привлечат научници од целиот азиско-пацифички регион.
Австралискиот универзитет во Мелбурн ќе биде домаќин на Swiftposium 2024 во февруари истата недела кога Свифт ја носи својата рекордна турнеја „Ерас“ во Австралија.
Свифт (33), која стана ѕвезда како тинејџерка, беше во центарот на главните културни моменти и дебати во текот на целата своја кариера. Таа стана еден од најплатените и најнаградувани уметници на сите времиња предизвикувајќи дебати за сè – хонорари за стриминг, авторски музички права, па дури и за мизогинија и култура на бојкот.
Влијанието на нејзината турнеја „Ерас“ е такво што ги сруши веб-страниците за издавање билети… експертите го измислија новиот тренд Swiftonomics („Свифтономија“), а земји како Викторија, Австралија, побрзаа да го реформираат законот за препродажба на билети.
„Таа е вистински феномен“, изјави за Би-би-си организаторката на симпозиумот, Џенифер Бекет, од Универзитетот во Мелбурн.
Иако идејата за настанот почна со полусериозен твит претходно оваа година, таа бргу доби поддршка од седум универзитети во Австралија и Нов Зеланд.
„Тејлор Свифт навистина има многу конкретно влијание на глобално ниво, во работите што нè засегаат сите нас“, рече д-р Бекет посочувајќи на работи како улогата на жените во индустријата, законот за забава, па дури и БДП.
„Светските лидери бараат од неа да ја донесе турнејата ‘Ерас’ во нивната земја поради економските придобивки што ги носи“, додаде таа.
Иако Свифт беше предмет на универзитетски курсеви во САД, ова е првпат да се одржи глобален симпозиум на кој се дискутира за нејзиното влијание.
Организаторите се надеваат дека конференцијата ќе истражи теми, како што се феноменот на нејзините фанови, нејзиниот маркетинг и влијанието на пејачката текстописец врз дебатите за полот, идентитетот и расата.
Добредојдена е и критичката анализа на нејзиниот бренд и влијанието, велат тие.
Организаторите зачуваа празен простор за самата суперѕвезда доколку сака да дојде и да учествува во дебатите.