Hitech
„Самсунг“ претстави паметен телефон со поддршка за 5Г-интернет

Компанијата „Самсунг“ во Јужна Кореја почна со продажба на телефонот Samsung Galaxy S10 5G, кој е првиот паметен телефон со можност за поврзување на 5Г-интернет.
Сепак, овој телефон во моментот е достапен само за корисниците во матичната земја на компанијата, известува порталот Tech Radar.
Јужна Кореја вчера официјално ја лансира 5Г-мрежата два дена пред планираното и стана првата земја што ја вовела оваа технологија.
Државата, која важи за технолошка сила, воведувањето на 5Г-мрежата го постави како свој приоритет кој ќе придонесе за зајакнување на економијата и ќе овозможи 20 пати побрза поврзаност со интернет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Hitech
ФБИ предупредува: Паметните телевизори може да ве шпионираат

Во сезоната на големи попусти на крајот од годината и од Црниот петок наваму, електронските уреди се особено барани, а меѓу нив сe и т.н. паметни телевизори.
Сепак, ваквите телевизори, бидејќи за разлика од обичните овозможуваат поврзаност со интернет, се особено ранливи. На тоа предупредува дури и американското ФБИ.
Во новата објава на блогот на преставништвото на ФБИ во Орегон се објаснува дека интернет-врската на телевизорот, иако овозможува пристап до популарни платформи за стриминг, како што е „Нетфликс“, исто така им овозможува на хакерите да влезат во вашиот дом преку незаштитен телевизиски уред, а потоа да дојдат и до вашиот интернет-рутер.
„Хакерите можат да ја преземат контролата врз вашиот незаштитен телевизор. На долниот дел од спектарот за ризик тие можат да менуваат канали, да си играат со јачината на тонот и да им прикажуваат на вашите деца несоодветни видеа. Во најлош случај, тие можат да ги вклучат камерата и микрофонот на вашиот телевизор во спалната соба и да ве шпионираат“, пишува ФБИ во предупредувачкиот текст.
Во своето предупредување, ФБИ исто така истакнува и некои корисни совети за да помогне за заштита на паметните телевизори:
– Знајте ги сите опции на вашиот телевизор и како да ги контролирате. Пребарувајте на интернет со бројот на моделот на вашиот телевизор, особено за контролите на микрофонот, камерата и опциите за приватност.
– Не потпирајте се на поставките за безбедност кои се наместени како стандардни. Променете ги лозинките и научете како да ги исклучите камерата, микрофонот и опцијата за прибирање на ваши лични информации доколку е тоа возможно. Ако не можете да ги исклучите, размислете дали сте подготвени да ризикувате со купување на тој модел или со користење на ваквите услуги.
– Ако не можете да ја исклучите камерата, но не сакате да ве следат преку неа, залепете непроѕирна леплива лента преку леќите.
– Проверете ја можноста вашиот уред да го надградите со нови безбедносни ажурирања. Дали може тоа да се направи и дали веќе сте го правеле во минатото?
– Проверете ја политиката за приватност на производителот на вашиот телевизор и услугата за стриминг што ја користите. Потврдете кои информации сакате да ги направите јавно достапни и како истите можат да се користат.
Hitech
Директор управува со компанија вредна 143 милијарди долари преку телефон, нема ниту компјутер

Главниот извршен директор на Salesforce, Марк Бениоф, има изградено огромна успешна технолошка компанија, која во голема мера е одговорна за воведување на идејата за софтвер како услуга (SaaS).
Неговиот водечки софтвер Sales Cloud го користат милиони стручњаци за продажба во повеќе од 100.000 компании вклучувајќи и некои од најголемите компании во светот. Оваа компанија генерира годишен приход над 13 милијарди долари и вреди приближно 143 милијарди американски долари.
Секоја година илјадници клиенти на Salesforce присуствуваат на годишната конференција на компанијата, што се одржува во Сан Франциско. На годинешната конференција Бениоф спомна нешто што е можеби најинтересно за водењето на компанијата. Верувале или не, тој прави сè од својот „Ајфон“.
Во интервју со извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, Бениоф рече дека воопшто не поседува компјутер.
„Телефонот навистина стана замена за мојата канцеларија. Каде и да сум, ако имам телефон, можам да работам“, рече тој.
Иако можеби звучи неверојатно дека некој може да управува со компанија вредна 143 милијарди долари од својот телефон, очигледно не е невозможно. Бениоф не е единствениот претприемач што признава дека неговиот мобилен телефон е неговата најважна алатка за бизнисот. Извршниот директор на „Твитер“, Џек Дорси, еднаш изјави дека повеќе не го користи компјутерот.
Hitech
(Видео) Американската полиција тајно тестира кучиња роботи

Неодамна во САД се дозна дека полицијата во своите акции тајно тестирала хај-тек кучиња роботи поради што реагираа организациите за човекови права.
Кога државната полиција во Масачусетс објави видеодемонстрација на тест на кучеторобот, наречено Спот, Американската унија за граѓански слободи (ACLU) упати јавно барање до компанијата „Бостон динамикс“ да обелодени колку долго се користи овој вид технологија од страна на полицијата.
Организацијата од свои извори има податоци дека полициските кучиња роботи, способни да отворат врати и да избегнуваат друг вид пречки, веќе биле користени за време на неколку акции, пренесува „Индипендент“.
„Владата често почнува да користи нова технологија пред да може да реагираат социјалните, политичките или правните системи“, велат од ACLU.
„Итно ни треба поголема транспарентност од владините агенции, чија должност треба да биде да ја известат јавноста за плановите за тестирање и спроведување нови технологии“, се додава во соопштението на организацијата.
Според информациите што во ACLU ги добиле од „Бостон динамикс“, државната полиција склучила договор со таа компанија и било договорено тестирање кучиња роботи од 7 август до 5 ноември.
Сепак, полицијата во соопштение порача дека таа го користела Спот само во два наврата.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги2 месеци
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Култура1 месец
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци