Забава
Љубовната приказна на кралицата Елизабета и принцот Филип

Кралицата Елизабета Втора почина во четвртокот (8 септември) во попладневните часови, во својот замок Балморал во Шкотска, на 96-годишна возраст.
Најдолговечниот монарх во британската историја можеше да се пофали со челично здравје целиот свој живот, но, како што пишуваат британските медиуми, тоа почнало бргу да се влошува по смртта на сопругот Филип во април 2021 година. Неколку месеци по неговата смрт, кралицата ја мина ноќта во болница, а причината не ѝ беше откриена на јавноста. Кога потоа почна да се појавува во јавност, беа забележани тешкотии во нејзините движења.
Медиумите се навраќаат на минатото и откриваат како почнала нивната љубовна приказна.
Тоа не било љубов на прв поглед, туку љубов за цел живот. Се запознале како деца, на свадба, а се вљубиле години подоцна кога повторно се сретнале. Во годините поминати заедно тие пребродија многубројни подеми и падови во семејството и во монархијата, а нивниот однос со несебична поддршка еден кон друг секогаш предизвикуваше интерес во јавноста.
Двојката првпат се запознала во 1934 година, а неколку години подоцна, во 1939 година, повторно се сретнале по што нивната врска почнала да се развива, првин преку пријателска размена на писма, а потоа и се вљубиле. Се свршија во јули 1947 година, а се венчаа неколку месеци подоцна во ноември истата година во Вестминстерската опатија во Лондон. Нивната кралска венчавка, на која беа поканети 2.000 гости, беше првата што во живо се емитуваше на радиото Би-би-си.
Кралицата носеше венчаница, што за неа ја дизајнира Норман Хартнел, и дијадема на кралицата Мери.
Во текот на нивниот брак тие добија четири деца – принцот Чарлс, принцезата Ана, принцот Ендру и принцот Едвард – осум внуци и единаесет правнуци.
За нивната 50-годишнина од брак во 1997 година, кралицата, во говорот посветен на својот сопруг, рече: „Тој е некој што не прифаќа лесно комплименти, но тој, едноставно, беше мојата сила сите овие години. Јас и целото негово семејство, оваа и многу други земји, му должиме повеќе отколку што тој некогаш ќе признае“.
Во јуни 2020 година кралското семејство го прослави 99. роденден на принцот Филип, а кралската двојка позира за нови фотографии по тој повод. Во ноември истата година тие ја прославија 73-годишнината од бракот, но само неколку месеци подоцна, на почетокот на 2021 година, принцот Филип беше префрлен во болница поради здравствени проблеми. По едномесечно лекување на инфекцијата и успешната операција, тој е пуштен од болница. Но, во април кралската палата објави дека принцот Филип починал.
Неколку дена по погребот на принцот, кралицата го прослави својот 95. роденден, овој пат без сопругот покрај себе. Нејзиното здравје почна да се нарушува по губењето на саканиот сопруг.
Бракот на кралицата Елизабета и принцот Филип траеше повеќе од 70 години и е најдолг во историјата на британското кралско семејство, а меѓу најуспешните. Во јавност кралицата и принцот отсекогаш беа олицетворение на единство и симбол на долготрајна љубов и почит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
„Нетфликс“ планира да ја зголеми претплатата по штрајкот на актерите

„Нетфликс“ планира да ги зголеми цените на претплатите за своите услуги без реклами, прво во САД и Канада, а потоа и во остатокот од светот, пишува „Волстрит журнал“. Не се знае колку ќе се зголеми цената на претплатата.
Во текот на изминатата година, цената на услугите за стриминг се зголеми во просек за 25 отсто, бидејќи компаниите за забава се обидуваат да ги направат профитабилни. Ова доведе повеќе штедливи корисници да се префрлат на поевтини пакети, кои обично вклучуваат прикажување реклами додека гледаат серии и филмови.
„Нетфликс“ беше единствениот што не ги зголеми цените во текот на изминатата година и наместо тоа се фокусираше на барање на решение со споделувањето лозинки. Последен пат цената на претплатата беше зголемена во јануари 2022 година.
Забава
Мишел и Барак Обама слават 31-годишнина од бракот

Поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел Обама слават нешто посебно.
Во вторникот парот сподели емотивни пораки еден на друг на „Инстаграм“ за да ја одбележи посебната пригода – 31 година од денот на венчавката.
Мишел (59) сподели симпатична фотографија од парот како позира надвор со златно зајдисонце во далечина. „31 година и уште еден цел живот. Сакам да го поминувам животот со тебе покрај мене, Барак Обама“, напиша таа. „Среќна годишнина, душо моја!“
Поранешниот претседател (62) го следеше примерот со своја љубовна порака за Мишел.
„Среќна годишнина, душо моја!“, напиша тој означувајќи ја Мишел Обама. Ти си брилијантна, љубезна, духовита и убава – и среќен сум што можам да те наречам моја“, напиша тој покрај фотографијата на која позираат прегрнати.
Минатата година, за јубилејната 30-годишнина, Обамови споделија повратни фотографии од денот на својата венчавка изразувајќи ја својата љубов еден кон друг.
Забава
Викторија Бекам проговори за наводното неверство на Дејвид: Тоа беше кошмар

Викторија Бекам првпат проговори за болката што ја почувствувала по наводната афера на сопругот Дејвид.
Во претстојниот документарен филм „Бекам“, англискиот фудбалер исто така открива како нивниот брак бил под голем притисок кога се појавија медиумски извештаи дека имал афера додека играл во Шпанија во 2003 година.
Бекамови секогаш ги негираа тврдењата за прељубата додека Дејвид играше за „Реал Мадрид“ пред 20 години, но сега отворено проговорија за битката за спас на нивниот брак.
„Тоа беше најтешкиот период бидејќи се чувствувавме како светот да е против нас. Бевме еден против друг, да бидам целосно искрена. Сè до Мадрид се чинеше дека сме ние против сите други – но бевме заедно, бевме поврзани, се имавме еден со друг. Меѓутоа, кога бевме во Шпанија, не се чувствувавме како да се имаме“, вели Викторија во документарецот во продукција на „Нетфликс“.
„И тоа е тажно. Не можам ни да ви опишам колку беше тешко и како влијаеше на мене. Беше кошмар. Тоа беше апсолутен циркус, а сите сакаат кога циркус доаѓа во градот, нели? Освен ако не сте и вие во него“, додава таа.
На прашањето дали му забележува на својот сопруг, поранешната членка на „Спајс грлс“ одговори: „Тогаш бев најнесреќна“. Викторија ја потиснала траумата за да го поддржи својот сопруг во неговата кариера. „Не се чувствував изгубено затоа што секогаш внимавав на фокусот што му беше потребен“.
Во документарната серија од четири дела не е именувана жената со која Дејвид наводно имал афера, но прикажани се наслови на весниците од тоа време, вклучувајќи го и оној: „Секс со Бекс“.
Кога режисерот Фишер Стивенс прашува како преживеал парот, Дејвид вели: „Се чувствувавме како да не се губиме еден со друг, туку се давиме. На крајот на краиштата, тоа е нашиот приватен живот. Имаше денови кога мислев: Како ќе одам на работа? Како ќе излезам на терен за тренинг и да изгледам како да е сè во ред? Се чувствував физички болно секој ден кога ќе ги отворев очите. Првата мисла ми беше: „Како ќе го сторам тоа, како ќе се справам со неволјата?“