Забава
Брус Ли инспирира нови генерации од целиот свет
Брус Ли не само што го направи кунг-фу популарен меѓу западњаците, тој продолжува да инспирира милиони луѓе ширум светот 47 години по неговата смрт.
„Во медиумите во тоа време немаше многу азиски идоли. Многу е невообичаено дури и да помислите дека Азиец може да биде личност за восхитување од луѓе кои не се Азијци“, рече Стив Аоки, диџеј, музички продуцент и музичар, во ТВ-емисија за новиот документарен филм за Брус Ли во режија на Бао Нујен.
Документарниот филм „Биди вода“ (Be Water) кој премиерно беше прикажан како дел од ESPN серијата 30 за 30 во неделата, го носи името на една од филозофиите на Ли, кои многумина ги сметаат за јадро на неговиот поглед на животот и воените вештини.
„Водата може да тече или да руши. Биди вода, мој пријателе! Секогаш биди свој, изрази се, имај верба во себе. Кога гледам наоколу, секогаш учам нешто -да бидам тоа што сум и да верувам во себе.“
Критичарите велат дека документарецот е „филм кој сегашните и идните фанови на покојниот мајстор на боречки вештини, писател, културна икона и актер едноставно мора да го гледаат “.
Кинескиот кунф-фу мајстор Брус Ли почина на возраст од 32 години како татко на две деца. Смртта според официјални извори настанала од церебрален едем, но фановите тврдат дека тој бил убиен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Hitech
Во Кина побарувачката за мобилни телефони на „Епл“ значително се намали, продажбата на „Хуавеј“ скокна за 70 отсто
Испораките на мобилни телефони на „Епл“ во Кина паднаа 19 отсто во првиот квартал, што ја одразува заканата за доминантната позиција на американскиот гигант во повисокиот сегмент по враќањето на „Хуавеј“ на пазарот, покажуваат податоците на пазарот. Уделот на „Епл“ на најголемиот пазар на паметни телефони во светот падна на 15,7 отсто во првиот квартал, од 19,7 отсто на почетокот на 2023 година. Ова го доведе американскиот гигант речиси на исто ниво со „Хуавеј“, чија продажба скокна 70 отсто, според истражувачката компанија Counterpoint.
„Виво“ ја презеде круната на „Епл“ како најголем продавач на паметни телефони во Кина. Американската компанија падна на третото место, зад „Хонор“, бренд на подостапни уреди. На четврто место е „Хуавеј“, чиј пазарен удел скокна од минатогодишните девет на 15,5 отсто.
„Враќањето на „Хуавеј“ на пазарот директно влијаеше на „Епл“ во премиум-сегментот. Треба да се додаде дека побарувачката за нови мобилни телефони на „Епл“ за замена на постарите модели беше малку придушена во споредба со претходните години“, рече аналитичарот на Counterpoint, Иван Лам, во соопштението за печатот.
Во меѓувреме, „Епл“ почна промотивни кампањи обидувајќи се да ги привлече потрошувачите со попусти, вклучувајќи субвенционирање одредени модели на „Ајфон“ до 1.300 јуани (168,29 евра).
Минатата недела „Хуавеј“ ѝ ја претстави на јавноста новата серија смартфони Pura 70. Во август минатата година, по долга пауза, ја лансираа серијата Mate 60, која некои аналитичари ја протолкуваа како триумф над американските санкции, врз основа на софистицирано домашно производство на чип.
Канадската истражувачка компанија TechInsights очекува Кинезите да купат повеќе од 50 милиони мобилни телефони оваа година, вклучително и 10 милиони од Huawei Pura 70. Тоа ќе го стави „Хуавеј“ на прво место, со пазарен удел од 19 отсто, што е повеќе од 12 отсто минатата година.
Во првиот квартал кинескиот пазар на паметни телефони порасна 1,5 отсто продолжувајќи го позитивниот тренд од крајот на 2023 година, според Counterpoint.
Забава
Прво огласување по долга пауза: Кејт Мидлтон објави фотографија на посебен ден
Кејт Мидлтон на „Инстаграм“ објави фотографија од својот најмал син, принцот Луис, по повод неговиот шести роденден.
„Среќен шести роденден, принцу Луис. Ви благодариме на сите за убавите желби“, пишува под фотографијата.
View this post on Instagram
Ова е прво јавно огласување на војвотката од Велс по долго време. Фотографијата на младиот принц ја направила Кејт, која досега многупати фотографирала детски портрети.
Според „Скај њуз“, фотографијата е направена во последните неколку дена во Виндзор и се верува дека не е монтирана.
Медиумите пишуваат дека Вилијам и Кејт ја објавиле фотографијата за да им се заблагодарат на сите што им испратиле честитки, а во исто време ја штитат нивната приватност.
Забава
Бракот што го потресе кралското семејство: бајката се претвори во ужас, насилство и неверства
Кога 23-годишната Ен Кок се омажи за шкотскиот аристократ Колин Тенант во Норфолк на 21 април 1956 година, изгледаше како свадба од бајките, но времето покажа друга страна на приказната.
Леди Ен, ќерка на ерл од Лестер, беше богата убавица, чие семејство со генерации беше многу блиско со кралското семејство. Баба ѝ му била љубовница на Едвард VIII, татко ѝ коњушар на Џорџ VI, таа беше деверуша на крунисувањето на покојната кралица Елизабета, а подоцна и дворска дама на принцезата Маргарет.
Ен беше голема пријателка на младите принцези Маргарет и Елизабет, тие го поминаа своето детство заедно, а Колин беше наследник на баронот Гленконер и на величествениот семеен имот во Шкотска. Тој ја запозна Ен на еден од баловите.
Queen Elizabeth II and her maids of honour at her coronation – according to Lady Glenconner (then the 20-year-old Lady Anne Coke), they were the Spice Girls of their time. Indeed, column inches were devoted to the wardrobes and social lives of the six young women chosen #Royals pic.twitter.com/J4o1wGSuVA
— Britannicus Maximus “Brutus” (@BrutusMaximusX) May 2, 2023
Следуваше бракот, кој, како што е познато во британскиот двор, бил мрачен и насилен, истакнува „Дејли мејл“.
Колин, подоцна лорд Гленконер, бил физички и емоционален насилник, кој честопати беснеел поради најмала ситница. Тој исто така постојано ѝ бил неверен на Ен од самиот почеток на нивниот брак, а се шпекулира дека наводно бил и бисексуалец.
Според Ен, која сега има 91 година, Колин станал непријатен и насилен уште на првата брачна ноќ. Имено, тој се пожалил на нивниот сексуален живот и за да ја едуцира, ја испратил во париските бордели. И покрај тоа што се во брак 53 години и заедно имаат пет деца, нивниот сексуален живот, според дворјаните, никогаш не се подобрил. Во некои моменти ѝ ставал ЛСД во пијалакот за да не биде поенергична и порасположена.
Најгрдата страна на неговиот лик, според Ен, дошла до израз кога Колин го купил карипскиот остров Мустик во 1958 година. Откако потрошил голем дел од своето богатство градејќи ново село, тој се сметал себеси за крал и така се однесувал со Ен.
Како што раскажува Ен, неговата ароганција пораснала до таа мера што чувствувал веднаш физички да ги напаѓа луѓето. Ен вели дека никогаш нема да ја заборави ноемвриската ноќ во доцните 70-ти кога тие го прославувале роденденот на своите ќерки близначки.
Таа вечер Ен била во бар, дошла на роденденот и се извинила што доцнела. Колин грубо ја зграпчил, ја ставил во својот автомобил, а потоа ја удрил со стап по главата. Тогаш се исплашила дека ќе ја убие.
Потоа Ен завршила со сериозни повреди – тапанчето ѝ пукнало оставајќи ја глува на тоа уво до ден-денес.
Ен вели дека тогаш се извинил бидејќи видел што направил, следеле среќни моменти, но потоа дошле на ред љубовниците.
Таа раскажа дека разводот не доаѓал предвид бидејќи ја учеле дека бракот е нешто што е вечно.
Колин бил ужасно љубоморен. Иако со него поминувала колку што можела повеќе време, леди Ен главно живеела во Англија со децата, а тој повеќе сакал да живее на Карибите.