Забава
(Видео) Русија снима филм во вселената
Руски екипаж од двајца космонаути, филмски режисер и актерка полетаа во вторникот кон Меѓународната вселенска станица (International Space Station – ISS) за да го снимаат првиот филм во вселената, најнов пресврт во децениското руско-американско вселенско ривалство.
Според американските медиуми, овој проект има за цел да го подигне престижот на руската вселенска програма.
Вселенското летало „Сојуз МС-19“ требаше да се укотви во 12.12 часот по Гринич (20 часот и 12 минути) во станицата, која орбитира околу Земјата на надморска височина од околу 354 километри.
Руските државни медиуми обезбедија целосна и патриотска репортажа, со одбројување на часовникот на Канал 1, а презентерите на вести го прикажаа настанот како значаен пробив на Русија, кој остатокот од светот внимателно го следи.
Како одраз на советските корени на руската вселенска индустрија, екипажот беше лансиран од космодромот Бајконур во степите на Казахстан, поранешна советска република во Централна Азија.
Според „Ројтерс“, помпите беа во спротивност со последните случувања во руската вселенска индустрија, која во последниве години беше погодена од бројни одложувања, несреќи и корупциски скандали, а во меѓувреме, приватни фирми со седиште во САД, поддржани од богати бизнисмени, развија нови вселенски бродови.
12-дневната руска мисија следува само три недели откако „Спејс икс“ го испрати во вселената првиот цивилен екипаж во тридневна мисија. Капсулата беше развиена од „Спејс-икс“ на американскиот бизнисмен Илон Маск.
Руската мисија е осмислена така да влезе пред холивудскиот проект кој претходно годинава го најави актерот Том Круз заедно со НАСА и „Спејс икс“.
Рускиот филм, насловен „Предизвик“, се фокусира на сторија за докторка, ја глуми актерката Јулија Пересилд, од која се бара да отпатува во вселенската станица за да го спаси животот на еден космонаут премногу болен за да биде транспортиран назад на Земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Хит панталони за пролетва: ги издолжуваат нозете
Широките панталони се идеални за пролетен изглед бидејќи одлично одат со романтични блузи, топови и широки сакоа. А доколку изберете ваков тип на бели панталони, даваат ефект на долги нозе и вита линија.
Широките панталони може да се носат во разни ситуации, од лежерни излегувања до елегантни настани, а тајната на добриот изглед е во нивното комбинирање со соодветни модни парчиња и додатоци. Но, пред сè, треба да ги пронајдете вистинските, модел што ѝ одговара и на вашата фигура.
Моделот со средно висока половина ја истакнува силуетата, а самиот крој создава ефект на долги нозе. Покрај тоа, овој модел на панталони во бела боја е идеален за комбинирање со клучните пролетни трендови.
Совршено се вклопуваат со сандали на потпетици.
Забава
Никол Кидман ги изненади фановите со промена на имиџот
Оскаровката Никол Кидман се пофали со својата промена на имиџот на својот инстаграм-профил.
56-годишната актерка ја покажа својата нова боб-фризура заменувајќи ги препознатливите долги кадрици.
Обожавателите во коментарите го пофалија нејзиниот нов изглед, а многумина напишаа дека актерката изгледа помладо.
„Безвременски“, „Ја сакам твојата коса“, „Време беше“, „Изгледаш фантастично“, се дел од коментарите.
Сепак, имаше и такви што беа разочарани од новата фризура.
„Каде ти се локните?“, „Извини, но воопшто не личиш на себе“, „Никогаш не би помислил дека ова е Никол“, напишале тие.
Забава
Real tribute – симфониски концерт на Тина Тарнер на 1 јуни во Скопје
Ексклузивниот концерт, кој го има пропатувано речиси целиот свет, конечно, и во Македонија.
Рок симфонијата Simply the best, посветена на кралицата на рокенролот и музичката икона Тина Тарнер, ќе биде изведена на 1 јуни во арената „Борис Трајковски“ со повеќе од 40 луѓе на сцената.
Тина Тарнер беше славна по своите бурни, енергични сценски изведби и по моќниот вокал, често нарекувана кралица на рокенролот и музичар што остави неизбришлива трага во светот на музиката, забавата и културата. Неисцрпна инспирација е за многумина, а нејзината важност се чувствува и кај генерациите што доаѓаат.
Присутните ќе имаат можност да уживаат слушајќи ги највлијателните и најпознати хитови, како што се Proud Mary, What’s Love got to do with It, Simply the best, We don’t need another hero и многу други. Добро познатите балади ќе ги разнежнат сите присутни, а брзите ритми ќе ги подигнат сите на нозе, вели организаторот.
Рок-симфонијата е посветена токму на неа, а на неа ќе се изведуваат и песни од бендови, како „Ганс анд роузес“, „Дип парпл“, „Еј-си/Ди-си“, како и познати дуети, кои ја одбележаа светската кариера на Тина. На 1 јуни публиката ќе има можност на еден поинаков начин да ја почувствува енергијата на легендарната Тина.
Тина Тарнер беше една од најголемите рок-пејачки на сите времиња и така и ќе остане запаметена.
Сите оние што сакаат да доживеат ноќ исполнета со многу енергија и страст може уште веднаш да ја купат својата влезница.
Влезниците се пуштени во продажба.