Забава
(Видео) „Таче подобро да не го запознавме, Мицкоски врти на турбината во МНТ, Бисера се слика за сајто“, аплаузи и смеење на Златна Бубамара
Шегите и наградите доминираа и на овогодинешната Златна бубамара на популарноста. Се започна со песната „Еден бакнеж“ од Нина Спирова, продолжи со Тино и Атанас кои ја имаа улогата на водители, а на сцената не се појави актерот Сашко Коцев. Се доделија десетици награди за најпопуларни музичари и најдобри концерти, а почестени беа и доктори, актери, текстописци. Публиката беше најгласна кога ги слушаше шегите на Тино и Атанас, чиј таргет беа политичарите – премиерот Димитар Ковачевски, опозицискиот лидер Христијан Мицковски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, скопската градоначалничка Данела Арсовска, ексградоначалникот Коце Трајановски, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
View this post on Instagram
Секој посетител доби гратис перниче од организаторот Ранко Петровиќ, а Тино и Атанас порачаа: „По десет години, на отворање на Универзална сала, донесете ги перничињата..“, по што додадоа: „Минатата година се жалеа задникот ги болел, затоа ви ставивме перничиња“.
Бидејќи во изминатата година поскапе струјата, а дел од Скопје беше и без улични светилки, од сцената се побара добитниците да имаат помали говори, додека пак, публиката да дава пократок аплауз.
“Кога ќе излегувате на сцена, кажете здрaво, фала за сите што ургираа за наградата и толку”, рекоа Тино и Атанас.
На тапет се најде премиерот Ковачевски, за кого беше обзнането дека во 100 дена потрошил 26 илјади евра на реклами на социјални мрежи.
“Лани не знаевме кој е Таче, а оваа година дознавме. 26 илјади евра даде да го дознаеме. Подобро да не дознаевме”, рече Тино.
Се осврнаа и на кавгата ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска.
“Ја запознавме и мама Данела.. ама брзо се скара со фамилијата.. ама овие брцаа, брцаа, брцаа во медот… и се скараа”, рече Атанас.
Громогласен аплауз доби фудбалската легенда Горан Пандев, на кого Игор Џамбазов и Гуру Харе му испеаја и песна, направена специјално за него.
Меѓу многуте, награди добија Ефто Пупиновски и Блага Петреска, Лара, Панчо и Андреј од ДНК, Некст Тајм, Меморија, Мирослав Илиќ, Џибони, Венко Андоновски…
View this post on Instagram
Настапи имаа и Џамбо Агушев, Наум Петрески, групата „Меморија“…
Кога дојдоа наградите за театар и филм, следеа и нови шеги. Овој пат на сметка на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Преку шегите беше претставена лошата состојба во театрите и актерската фела. Глумците беа револтирани поради распоредот на парични средства од годишната програма за култура, лошите услови во театрите, како и нерегуларниот статус на голем дел од нив.
„МНТ е пренаменет во аквапарк“, рекоа Атанас и Тино алудирајќи на прокиснувањето на кровот на театарот и водата од Вардар која го прокиснува театарот.
За Костадиновска-Стојчевска имаше шеги во кои Атанас и Тино опишуваа како министерката кога ги видела вреќите пред МНТ кои спречуваат поплави, барала од нејзиниот тим да ја фотографира.
„Ај сликај ме тука и клај ја на веб-сајтон“, рекоа Атанас и Тино смеејќи се на сметка на министерката. Потоа опишуваа како министерката би изреагирала кога ќе влезе во поплавениот МНТ со штикли, поминувајќи ги баракадите: „Леле дај чизмите од Коце, оние жолтине“.
Тие смислија и нови имиња на претставите кои се играат во МНТ, па така две од нив ги именуваа како „Барајќи го Немо“, и „20.000 милји под морето“. Улогата на Аквамен, пак, му ја дадоа на Игор Џамбазов.
Шега имаше и на сметка на опозиционерот Христијан Мицкоски. Тино и Атанас посочуваа што се има во т.н. мала сцена (често поплавена) во МНТ.
„Пливала Бисера во длабокото и ја видела турбината, до неа човек. Отишла од блиску, кога видела Христијан Мицковски ја вртел турбината за да си произведе сам струја“, кажаа тие.
Награда за трајни музички вредности доби Јаков Дренковски, а наградата за животно дело ја добија браќата Миле и Георги Барбаровски, кои напишаа некои од најубавите песни во антологијата на македонската народна музика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Хороскопски знак кој има најмногу среќа во животот
Астролозите тврдат дека еден знак од Зодијакот има повеќе среќа во текот на животот од сите други. Благодарение на својата природа, но и на среќниот пат на судбината, тие често успеваат да се најдат на вистинското место во вистинско време, а голема е веројатноста дека околностите во животот ќе бидат такви што сè ќе им се случи на најповолен можен начин.
Овој среќен знак се Близнаците. Нивниот хороскоп е поволен и често во текот на животот ќе забележат дека работите одеднаш тргнале на подобро и дека одеднаш биле опкружени со изненадувачки добри околности.
Кај Близнаците коегзистираат две личности и двете се водат од логиката, но секоја од нив има своја посебна логика, а како што наведуваат астролозите, токму тој „поларитет во ставовите и погледите на светот“ резултира со неверојатна среќа.
Исто така, среќата ги следи Близнаците поради нивниот оптимизам. Ниту еден друг знак не покажува таква самодоверба.
Понекогаш Близнаците се окарактеризирани и како „дволични“, бидејќи знаат совршено да балансираат меѓу двата огна, притоа секогаш следејќи ги сопствените интереси. Како и да е, слободно може да се каже дека Близнаците се тие кои ќе победат во секоја борба.
Припадниците на овој знак речиси секогаш имаат среќа во изборот на брачен партнер, делумно поради фактот што нивната вистинска љубов е искрена и трае вечно. Дури и кога се чини дека нивниот брак виси на конец, Близнаците успеваат да ги надминат проблемите, а врската се продлабочува.
Забава
Синхронизираната авантура за деца „Смрдушковци“ од денеска во повеќе од 10 кина низ републиката
Германскиот детски филм синхронизиран на маедонски и албански јазик „Смрдушковци“, во режија на Јенс Мулер и Тоби Генкел, од денеска почнува да се прикажува во повеќе од 10 кина низ земјава. Во Скопје се прикажува во Кинотека, кината „Синеплекс“, „Милениум“ и „Киноверзум“, во Битола во Центарот за култура и киното „Манаки, во НУЦК „Ацо Ѓорчев“ – Неготино, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ Струга, Дом на култура „Крсте Петков Мисирков“ Свети Николе, кината „Киноверзум“ во Велес и Штип и НУЦК „Бели Мугри“ Кочани, НУЦК „Кочо Рацин“ Кичево.
Филмот се фокусира на проблемите на семејството Смрдушковци, мали зелени суштества кои живеат на депонија и јадат ѓубре, и има пораки погодни за децата за рециклирање, емпатија и инклузија.
Во потрага по својот нов дом, Смрдушковци се наделуваат во Смрдвил, едно прекрасно и весело селце. На жалост, во Смрдвил има еден гаден проблем: локалната депонија ја згадува целата околина. Нешто мора да се превземе! Макс, синот на градоначалникот, е млад талент кој тајно мечтае да го реши смрдливиот проблем со една луда машина, која ја изработува заедно со професорот Пенливски и неговата внука Лота. Кога Макс се сретнува со Смрдушковци на депонијата, веднаш станува јасно дека тие се решението за проблемот, затоа што јадат ѓубре! А за Смрдушковци, депонијата значи дека конечно нашле вистински дом. Сè би било во ред ако не беа плановите на сопругата на градоначалникот и бескрупулозниот градежен изведувач Чекановски кои сакаат на депонијата да градат велнес центар! Смрдушковци сега треба да го спасат својот нов дом заедно со пријателите Макс и Лота.
Филмот беше прикажан на најголемите фестивали за детски и фамилијарни филмови како Џифони Италија, Интернационалниот фестивал за деца и млади во Бусан, Интернационалниот филмски фестивал во Сан Себастијан, Германскиот медиа фестивал за деца „Голденер Шпац“ и други.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата е помогната од German Films, како и од МЕДИА Креативна Европа преку меѓународниот проект KidSquare (Детско катче). Од крајот на месецов филмот ќе биде достапен онлајн на платформата cinesquare.net.
Забава
(Видео) „Его“ – нова песна, но и спот на Тамара Тодевска и Young Dadi
„Его“ е новиот музички проект на Тамара Тодевска и младиот артист Young Dadi. Музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, текстот е напишан од Дади, а спотот е во продукција на TAKAT STUDIOS.
Станува збор за динамична поп-мелодија, која е надополнета со интересен спот, во кој доминираат двајцата аристи. Спотот е во режија на Генц Халими.
„Среќна сум што навистина по повеќе години објавувам песна, која е дует – соработка со друг артист. Дади е дел од помладата музичка сцена. Го следам подолго време, ми се допаѓа неговата работа и секогаш сакам да дадам поддршка на наши домашни млади артисти. Снимањето на спотот го завршивме за еден ден. Снимавме цел ден и навистина уживав во креирањето на целиот проект“, вели Тамара за создавањето на „Его“.
Текстописец на „Его“ е самиот Дади, кој истакна дека секогаш пишува за моменти во кои учествувал. Преку зборовите сака да пренесе свои лични искуства и тоа е причина повеќе за да верува во песната.
„Ова е прва моја соработка со музичар како Тамара Тодевска, која е една од нашите најдобри и најпродуктивни пејачки – активна десетици години на македонската и регионалната музичка сцена. Можам да кажам дека е навистина убаво и поинакво искуство за мене. Како во процесот на снимање на песната во студио така и во продукцијата на самиот спот. Верувам дека песната ќе биде хит и ќе го одбележи овој период пред летото“, изјави Дади.
Песната ќе биде достапна и на сите музички платформи.