Забава
(Видео) НАСА успешно го лансира „роверот“, кој треба да даде конечни докази за живот на Марс
Со денешното лансирање на „роверот“ „Персеверенс“ („Истрајност“), НАСА ја почна својата најнова мисија на Марс, која многумина ја сметаат за најамбициозен обид да се пронајдат докази дали некогаш имало живот на Црвената планета.
„Роверот“ беше лансиран во вселената со ракетата „Атлас 5“, а лансирањето може да го видите во видеото подолу.
„Персеверенс“ ќе има задача да ја пребарува површинта на планетата за остатоци од древни микроби кои можеби биле населени таму пред повеќе од три милијарди години.
Претходните американски мисии утврдија дека животот на Марс е можен, т.е. дека постојат поволни услови за живеење. „Персеверенс“ е подобрената верзија на роботот „Кјуриозити“, кој слета на Марс во 2012 година и ќе ги анализира карпите на Марс, а пред сè ќе земе примероци што следната мисија ќе ги донесе на Земјата во 2031 година, пишува АФП.
„Сè уште не знаеме дали постоел живот на Марс, а оваа мисија, наречена ‘Марс 2020’, ќе се обиде да одговори на тоа прашање. Првпат во историјата НАСА посвети мисија на астробиологијата, истражување за животот, сегашен или поранешен, на еден друг свет“, рече Џим Бриденстајн, шеф на НАСА.
Роботизираниот „ровер“ предвидено е до Марс да патува седум месеци и да слета во кратерот Jeзеро 18 во февруари 2021 година.
Се работи за „ровер“ со шест тркала, кој тежи 1.040 килограми. Тој носи и мал хеликоптер, кој ќе се обиде летајќи да ја истражува Црвената планета. „Роверот“ има и роботска рака, серија камери, чифт микрофони и други додатоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Бесплатна тетоважа за Пленковиќ; сопственикот на салонот: Ме повикуваат од сите страни
За само еден ден на социјалните мрежи урнебесно се прошири најавата за тетовирање во Пожега. Тие напишаа дека нудат бесплатна тетоважа за Андреј Пленковиќ и покажаа како би изгледала.
Многумина можеби мислат дека ова е добра шега среде избори – но не е. Згора на тоа, сопственикот на салонот за „Индекс“ изјави дека многу луѓе веќе се јавиле за термин.
„Понудата е повеќе од сериозна, што е поткрепено со големиот одѕив на споменатата објава. Ме повикуваат од сите страни. Во мојата долгогодишна работа истетовирав многу личности, а сега решив да направам една тетоважа подарок, со оглед на тоа дека изборите се актуелни“, објасни сопственикот на првото и најстаро студио за тетовирање во Пожега.
View this post on Instagram
Сепак, признава, настанал проблем што повеќе луѓе се пријавиле за тетоважа – многу повеќе отколку што очекувал.
„Ќе треба да подготвам неколку верзии на тетоважата. На пример, лут Пленковиќ, среќен, загрижен Пленковиќ, Пленковиќ во разни пози, варијации во боја или црно-бело“, додал сопственикот, кој, изгледа, ќе има многу повеќе работа овие денови отколку што се надеваше.
„Постојано правам некоја игра со акција или подарок, но овој одговор ме изненади“, заклучил тој.
Забава
Бјелогрлиќ ги откри деталите од третата сезона на „Сенки над Балканот“
Третиот циклус од популарната серија „Сенки над Балканот“, која публиката долго време ја чекаше со големо нетрпение, е во фаза на пишување, а како што најави режисерот и актер Драган Бјелогрлиќ, снимањето ќе почне кон крајот на летото.
Драган Бјелогрлиќ и неговиот тим соработници интензивно работат на сценариото за третата сезона на една од најпопуларните серии на нашите простори – „Сенки над Балканот“, а овој пат актерската екипа ќе ја комплетираат Нина Јанковиќ, Милан Мариќ и Милош Биковиќ во Јосип Броз Тито, пишува Nova.rs.
„Во моментот пишуваме. ‘Сенките’ се многу тежок проект за мене, но страшно инспиративен“, почна Бјелогрлиќ опишувајќи го процесот на создавање:
„Многу се плашам кога влегувам во процесот на пишување, а по процесот на снимање и сѐ друго толку ме обземаат ‘сенките’, што веќе не можам да правам ништо друго и да се занимавам со ништо. Веќе сум на возраст кога би сакал да живеам малку поопуштено, затоа и го одложив. Сепак, влеговме во процесот на пишување, ја напишавме целата приказна, првите две епизоди се завршени, сега ја пишуваме третата. Се надевам дека сѐ ќе биде готово до август и дека снимањето ќе почне во текот на август, дека ќе завршиме до Нова година и дека ќе се емитува напролет“.
Во серијата , покрај стандардните ликови, ќе бидат и Милан Мариќ, Нина Јанковиќ и Милош Биковиќ, а Драган Бјелогрлиќ го откина временскиот период што ќе се прикажува во третиот циклус од популарната серија.
„Имаме работа со периодот од 1939 година, приказната почнува кога Милан Стојадиновиќ распишува избори, тоа беа многу важни избори на кои победи, но не дојде на власт, го наследи принцот Павле. Тоа беше многу значајна година кога на сите им беше јасно дека доаѓа голема војна, дека светот нема да изгледа како порано и дека секој има свои планови. Можам да кажам дека една од најголемите мистерии се случува на панината ‘Ртањ“, ги откри деталите режисерот Драган Бјелогрлиќ и ја заинтригира публиката, која со нетрпение го очекува продолжението на популарната серија.
„Во Србија има многу мистицизам. Го избравме ‘Ртањ од друга причина, а ‘Ртањ е интересен поради легендите, по населението што живее таму и верува во секакви работи и затоа што таму имаше некои рудници“.
Дали овој трет циклус ќе ја заврши приказната останува да видиме. Но, едно е сигурно, а тоа е дека сите со нетрпение ја очекуваат новата и возбудлива приказна за своите омилени херои, кои ги толкуваат: Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Наташа Нинковиќ, Небојша Дугалиќ, Ненад Јездиќ, Срѓан (Жика) Тодоровиќ, Горан Богдан, Јована Стоиљковиќ.
Забава
Фустаните на принцезата Дијана изложени во Хонг Конг пред аукцијата
Светложолтата јакна обложена на рамениците и украсена со блескави златни копчиња, која ја носеше принцезата Дијана на патувањето во Хонг Конг во 1989 година, ќе биде една од шесте нејзини парчиња изложени во поранешната британска колонија пред аукцијата закажана за јуни.
Колекцијата на фустани, чевли и чанти на принцезата од Велс е изложена во трговскиот центар во Хонг Конг во следните 12 дена од четврток пред колекцијата да се пресели во Ирска до аукцијата на 27 јуни. Принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, ја диктираше модата секогаш кога се облекуваше и излегуваше, рече Мартин Нолан, директор на аукциската куќа „Џулиен“ со седиште во Калифорнија.
Познатата јакна од нарциси на дизајнерката Кетрин Вокер би можела да достигне цена од 50.000 долари, а синиот вечерен фустан со ѕвездички би можел да достигне цена од 400.000 долари. Принцезата го носеше овој фустан од дизајнерот Мареј Арбејд на премиерата на „Фантом од операта“ во 1986 година во Вест Енд, Лондон.
Изложени е и вечерната тоалета со свила и тантела од дизајнерот Виктор Еделштајн и цветната тоалета на Кетрин Вокер, што Дијана ја носеше во 1991 година.
Еден од посетителите, 69-годишниот Фунг, се присетува како толпата се насобрала на улиците на Хонг Конг кога Дијана пристигнала во тој град во 1989 година. „Таа беше харизматична, грижлива и посветена на добротворната работа. Затоа е исклучително почитувана во Хонг Конг“, вели Фунг.
Во 2023 година аукциската куќа „Џулиен“ продаде вечерен фустан на принцезата Дијана за рекордни 1,14 милион долари.