Забава
Омилените цвеќиња на Дијана се нов дизајн на Потонатата градина во палатата Кенсингтон
Сè е подготвено за денешното поставување на новата статуа во знак на сеќавање на животот на народната принцеза која на 1 јули би го славела својот 60-ти роденден.
Над 200 рози, 100 споменчиња („не заборавај ме“), 500 лаванди, 100 далии, 50 садници сладок грашок и 300 лалиња ќе ја сочинуваат новата Потоната градина во палатата Кенсингтон, каде што ќе биде откриена статуата на покојната Дијана, принцезата од Велс подоцна денес.
Едно од омилените места на Дијана, новиот дизајн ја задржува историската структура, но го поедноставува распоредот на границите, додавајќи повеликодушен тревник околу базенот за дополнителен спокој.
„Ова беше многу посебен проект за работа, бидејќи Потонатата градина беше омилено место на Дијана, принцезата од Велс“, рече Пип Морисон, кој го дизајнираше новиот распоред на градината.
„Ние работевме внимателно за да осигуриме дека новиот распоред и шемата за садење ја комплиментираат статуата, обезбедувајќи смирувачко место за луѓето што ја посетуваат палатата Кенсингтон да се сетат на принцезата“.
„Додека престојуваше во палатата Кенсингтон, принцезата од Велс редовно се воодушевуваше на променливите цветни изложби во Потонатата градина и секогаш разговараше со мене и другите градинари што се грижеа за тоа“, Грејм Диламор, заменик-шеф на градини и имоти во историските кралски палати, изјави еден ден пред церемонијалниот настан.
„Повеќе од три децении подоцна, чест ми е што бев дел од тимот што ја подготвуваше градината за поставување на оваа статуа. Вметнавме голем број омилени цвеќиња на принцезата во дизајнот и се надевам дека посетителите на палатата и градините ќе уживаат во неговиот мирен амбиент и ќе одвојат момент да размислат за животот и наследството на принцезата“, додаде Грејм.
Потонатата градина (The Sunken Garden)
Потонатата градина првично е создадена во 1908 година за кралот Едвард Седми. Инспирирана е од рибниковта градина во палатата Хемптон корт. Се наоѓа на местото на некогашни бараки и стакленици.
Во 2017 година беше преименувана во Бела градина во знак на сеќавање на 20 години од смртта на Дијана, со бели и пастелни цветови инспирирани од нејзината гардероба, која потоа беше изложена во Палатата.
Свеченото откривање на споменикот на Дијана денес ќе биде настан од помал обем отколку што првично беше планирано. Одложеното укинување на ограничувањата за коронавирус значи дека само 30 луѓе можат да се соберат надвор на настани. Синовите на Дијана, принцовите Вилијам и Хари, повторно ќе бидат заедно на церемонијата, на која најверојатно ќе присуствуваат и нејзини роднини и други блиски пријатели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) „Его“ – нова песна, но и спот на Тамара Тодевска и Young Dadi
„Его“ е новиот музички проект на Тамара Тодевска и младиот артист Young Dadi. Музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, текстот е напишан од Дади, а спотот е во продукција на TAKAT STUDIOS.
Станува збор за динамична поп-мелодија, која е надополнета со интересен спот, во кој доминираат двајцата аристи. Спотот е во режија на Генц Халими.
„Среќна сум што навистина по повеќе години објавувам песна, која е дует – соработка со друг артист. Дади е дел од помладата музичка сцена. Го следам подолго време, ми се допаѓа неговата работа и секогаш сакам да дадам поддршка на наши домашни млади артисти. Снимањето на спотот го завршивме за еден ден. Снимавме цел ден и навистина уживав во креирањето на целиот проект“, вели Тамара за создавањето на „Его“.
Текстописец на „Его“ е самиот Дади, кој истакна дека секогаш пишува за моменти во кои учествувал. Преку зборовите сака да пренесе свои лични искуства и тоа е причина повеќе за да верува во песната.
„Ова е прва моја соработка со музичар како Тамара Тодевска, која е една од нашите најдобри и најпродуктивни пејачки – активна десетици години на македонската и регионалната музичка сцена. Можам да кажам дека е навистина убаво и поинакво искуство за мене. Како во процесот на снимање на песната во студио така и во продукцијата на самиот спот. Верувам дека песната ќе биде хит и ќе го одбележи овој период пред летото“, изјави Дади.
Песната ќе биде достапна и на сите музички платформи.
Забава
На новата листа на најубави плажи во Европа, дури четири се хрватски, само една е грчка
Ако ги барате најдобрите плажи во Европа, некои се, всушност, многу блиску, во нашето соседство.
Дури четири хрватски плажи се најдоа на листата на најубави во Европа составена од Book Retreats, популарна онлајн-платформа за барање специјализирано сместување, пренесува Punkufer.hr.
„Во нашата анализа за најдобрите европски плажи за 2024 година Шпанија се покажа како главна европска дестинација за уживање во сонцето, морето и прекрасниот брег. Италија и Португалија не заостануваат, а не треба да се занемари ниту Хрватска со четирите идилични плажи“, пишува Book Retreats.
Најдобрите европски плажи во 2024 година
1. La Concha, Шпанија
2. Praia da Falésia, Португалија
3. Плажа Пасјача, Хрватска
4. Las Canteras, Шпанија
5. Lama Monachile, Италија
6. Cala Comte, Шпанија
7. Tuerredda, Италија
8. Галебове стјене, Хрватска
9. Плажа Мала Радуча, Хрватска
10. Marinha, Португалија
11. San Juan Playa, Шпанија
12. Spiaggia dei Conigli, Италија
13. Cala Saladeta, Шпанија
14. Playa de Mónsul, Шпанија
15. Ponta da Calheta, Португалија
16. Seitan Limania, Грција
17. Praia da Armona, Португалија
18. Опрна, Хрватска
19. Spiaggia di Mari Pintau, Италија
20. Praia do Garajau, Португалија
21. Warnemünde Strand, Германија
22. Primera Playa del Sardinero, Шпанија
23. Terra Estreita, Португалија
24. Porto Giunco, Италија
25. Cala Capreria, Италија
Забава
Бендот „Ареа“ подготвен за акустичното музичко уживање во Филхармонијата
19 и 20 април се датумите резервирани за двата акустични последователни концерти на рок-групата „Ареа“. Концертите се закажани во Филхармонијата, а членовите на групата најавуваат акустична музичка магија и патување низ нивната 30-годишната музичка кариера.
Вакви два концерта „Ареа“ одржа и во 2010 година во Универзалната сала, а интересно е што овој пат на сцената друштво ќе им прават четири девојки, кои се членки на Филхармонијата.
„Со нас ќе настапат уште четири девојки, кои се членки на Филхармонијата – две на виолина и две на виолончело. Така ќе се претставиме со сосема нов аранжман на музика, кој се разликува од оние што ги слушала публика на нашите концерти во живо“, вели Ружица Милошеска-Брчиоска и додава дека со оглед на тоа дека „Ареа“ постои 31 година и зад себе има седум албуми, на сцената ќе има музика за сечиј вкус.
Дека двата најавени концерта ќе бидат поинакви, потврдува и Ивица Брчиоски, гитарист на групата „Ареа“, кој вели дека концертот ќе биде интересен затоа што аранжманите се комплетно изменети и се адаптирани на оркестарот со кој ќе свират.
„Станува збор за акустични аранжмани. Нема да има електрични гитари и ќе звучи сосема поинаку од она што до сега го слушнала публиката. Ќе биде интересно за слушање“, вели Брчиоски.