Забава
Принцот Хари во историска судска битка против британските таблоиди
Принцот Хари стана прв висок член на кралското семејство што дал исказ од клупата за сведоци во последните 132 години, а неговата жестока борба против британските таблоиди го достигна пикот во напната пресметка во судницата во вторникот.
Војводата од Сасекс се појави пред судот во Велика Британија во вторникот за да сведочи во рамките на својата тужба против „Мирор груп“ (МГН). Тој го тужи издавачот на таблоиди поради наводно незаконско собирање информации.
Синот на кралот Чарлс Tрети ја прекрши традицијата осудувајќи ги блиските врски меѓу британските медиуми и владата.
Спротивно на протоколот, петтиот по ред на тронот, исто така ги осуди британската влада и печатот бидејќи не повикуваат одговорност еден од друг. Членовите на кралското семејство обично ја следат истата практика како и монархот, кој како шеф на британската држава би требало да биде над политиката.
Во писмената изјава до Високиот суд тој вели: „Демократијата пропаѓа кога вашите печатени медиуми не успеваат да ја испитаат и да ја повикаат владата на одговорност и наместо тоа, избираат да влезат во кревет со неа за да обезбедат статус кво“.
„Според мене, за да се спаси новинарството како професија, новинарите треба да ги разоткријат оние луѓе во медиумите што ги злоупотребиле привилегиите и моќта на медиумот и користеле незаконски средства за сопствена корист и сопствени агенди“.
38-годишникот има турбулентен однос со печатените медиуми сметајќи дека весниците и папараците се одговорни за смртта на неговата мајка, принцезата Дијана.
Хари изјави дека трпи инвазија од печатените медиуми поголемиот дел од својот живот до денес. Тој ги обвини весниците дека со крајно подлите постапки имаат крв на своите раце.
„Уште колку крв ќе ги извалка нивните прсти пред некој да го запре ова лудило“, рече тој во изјавата како сведок.
„Тогаш си или “плејбој принцот’, ‘неуспешниот’, ‘исфрлениот’ или во мојот случај ‘дебелиот’, ‘измамникот’, ‘малолетниот алкохоличар’, ‘неодговорниот наркоман’… списокот продолжува“.
„Тоа беше надолна спирала, при што таблоидите постојано се обидуваа да ме наговорат мене, ‘оштетен млад човек’, да сторам нешто глупаво што ќе направи добра приказна и ќе продаде многу весници“, вели Хари во долгата писмена изјава. „Гледајќи наназад сега, таквото однесување од нивна страна е крајно подло“.
„Искрено чувствувам дека во секоја врска што некогаш сум ја имал – било со пријатели, девојки, со семејството или со војската, секогаш имало трета страна – таблоидите“, стои во писмената изјава на Хари.
„Чувствував дека не можам да верувам никому, што беше ужасно чувство, особено на толку млада возраст. Додека го откривам обемот на незаконски активности извршени од новинари на МГН и раководители, се чувствувам малку олеснето бидејќи знам дека мојата параноја кон моите пријатели и семејството, всушност, била на погрешно место, сепак тажно е колку тоа влијаеше на мојата адолесценција“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Бесплатна тетоважа за Пленковиќ; сопственикот на салонот: Ме повикуваат од сите страни
За само еден ден на социјалните мрежи урнебесно се прошири најавата за тетовирање во Пожега. Тие напишаа дека нудат бесплатна тетоважа за Андреј Пленковиќ и покажаа како би изгледала.
Многумина можеби мислат дека ова е добра шега среде избори – но не е. Згора на тоа, сопственикот на салонот за „Индекс“ изјави дека многу луѓе веќе се јавиле за термин.
„Понудата е повеќе од сериозна, што е поткрепено со големиот одѕив на споменатата објава. Ме повикуваат од сите страни. Во мојата долгогодишна работа истетовирав многу личности, а сега решив да направам една тетоважа подарок, со оглед на тоа дека изборите се актуелни“, објасни сопственикот на првото и најстаро студио за тетовирање во Пожега.
View this post on Instagram
Сепак, признава, настанал проблем што повеќе луѓе се пријавиле за тетоважа – многу повеќе отколку што очекувал.
„Ќе треба да подготвам неколку верзии на тетоважата. На пример, лут Пленковиќ, среќен, загрижен Пленковиќ, Пленковиќ во разни пози, варијации во боја или црно-бело“, додал сопственикот, кој, изгледа, ќе има многу повеќе работа овие денови отколку што се надеваше.
„Постојано правам некоја игра со акција или подарок, но овој одговор ме изненади“, заклучил тој.
Забава
Бјелогрлиќ ги откри деталите од третата сезона на „Сенки над Балканот“
Третиот циклус од популарната серија „Сенки над Балканот“, која публиката долго време ја чекаше со големо нетрпение, е во фаза на пишување, а како што најави режисерот и актер Драган Бјелогрлиќ, снимањето ќе почне кон крајот на летото.
Драган Бјелогрлиќ и неговиот тим соработници интензивно работат на сценариото за третата сезона на една од најпопуларните серии на нашите простори – „Сенки над Балканот“, а овој пат актерската екипа ќе ја комплетираат Нина Јанковиќ, Милан Мариќ и Милош Биковиќ во Јосип Броз Тито, пишува Nova.rs.
„Во моментот пишуваме. ‘Сенките’ се многу тежок проект за мене, но страшно инспиративен“, почна Бјелогрлиќ опишувајќи го процесот на создавање:
„Многу се плашам кога влегувам во процесот на пишување, а по процесот на снимање и сѐ друго толку ме обземаат ‘сенките’, што веќе не можам да правам ништо друго и да се занимавам со ништо. Веќе сум на возраст кога би сакал да живеам малку поопуштено, затоа и го одложив. Сепак, влеговме во процесот на пишување, ја напишавме целата приказна, првите две епизоди се завршени, сега ја пишуваме третата. Се надевам дека сѐ ќе биде готово до август и дека снимањето ќе почне во текот на август, дека ќе завршиме до Нова година и дека ќе се емитува напролет“.
Во серијата , покрај стандардните ликови, ќе бидат и Милан Мариќ, Нина Јанковиќ и Милош Биковиќ, а Драган Бјелогрлиќ го откина временскиот период што ќе се прикажува во третиот циклус од популарната серија.
„Имаме работа со периодот од 1939 година, приказната почнува кога Милан Стојадиновиќ распишува избори, тоа беа многу важни избори на кои победи, но не дојде на власт, го наследи принцот Павле. Тоа беше многу значајна година кога на сите им беше јасно дека доаѓа голема војна, дека светот нема да изгледа како порано и дека секој има свои планови. Можам да кажам дека една од најголемите мистерии се случува на панината ‘Ртањ“, ги откри деталите режисерот Драган Бјелогрлиќ и ја заинтригира публиката, која со нетрпение го очекува продолжението на популарната серија.
„Во Србија има многу мистицизам. Го избравме ‘Ртањ од друга причина, а ‘Ртањ е интересен поради легендите, по населението што живее таму и верува во секакви работи и затоа што таму имаше некои рудници“.
Дали овој трет циклус ќе ја заврши приказната останува да видиме. Но, едно е сигурно, а тоа е дека сите со нетрпение ја очекуваат новата и возбудлива приказна за своите омилени херои, кои ги толкуваат: Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Наташа Нинковиќ, Небојша Дугалиќ, Ненад Јездиќ, Срѓан (Жика) Тодоровиќ, Горан Богдан, Јована Стоиљковиќ.
Забава
Фустаните на принцезата Дијана изложени во Хонг Конг пред аукцијата
Светложолтата јакна обложена на рамениците и украсена со блескави златни копчиња, која ја носеше принцезата Дијана на патувањето во Хонг Конг во 1989 година, ќе биде една од шесте нејзини парчиња изложени во поранешната британска колонија пред аукцијата закажана за јуни.
Колекцијата на фустани, чевли и чанти на принцезата од Велс е изложена во трговскиот центар во Хонг Конг во следните 12 дена од четврток пред колекцијата да се пресели во Ирска до аукцијата на 27 јуни. Принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, ја диктираше модата секогаш кога се облекуваше и излегуваше, рече Мартин Нолан, директор на аукциската куќа „Џулиен“ со седиште во Калифорнија.
Познатата јакна од нарциси на дизајнерката Кетрин Вокер би можела да достигне цена од 50.000 долари, а синиот вечерен фустан со ѕвездички би можел да достигне цена од 400.000 долари. Принцезата го носеше овој фустан од дизајнерот Мареј Арбејд на премиерата на „Фантом од операта“ во 1986 година во Вест Енд, Лондон.
Изложени е и вечерната тоалета со свила и тантела од дизајнерот Виктор Еделштајн и цветната тоалета на Кетрин Вокер, што Дијана ја носеше во 1991 година.
Еден од посетителите, 69-годишниот Фунг, се присетува како толпата се насобрала на улиците на Хонг Конг кога Дијана пристигнала во тој град во 1989 година. „Таа беше харизматична, грижлива и посветена на добротворната работа. Затоа е исклучително почитувана во Хонг Конг“, вели Фунг.
Во 2023 година аукциската куќа „Џулиен“ продаде вечерен фустан на принцезата Дијана за рекордни 1,14 милион долари.